Регион
Протести поради пензиските реформи во Атина
Сообраќајот во делови од Атина беше запрен синоќа кога превозниците му се приклучија на штрајкот против планираните пензиски реформи. Во исто време илјадници луѓе маршираа мирно низ центарот на градот барајќи предлог-законот да биде укинат.
Бидејќи метрото, возовите и автобусите не сообраќаа, многумина беа принудени со автомобили да одат на работа предизвикувајќи градот со речиси четири милиони луѓе да биде целосно блокиран.
Патничките бродови исто така останале во пристаништата, јавуваат агенциите. Синдикатите од јавниот сектор повикаа на еднодневен прекин на работата, загрижени дека реформите ќе значат намалување на пензиите, кои веќе постепено се намалија кога Грција ја зеде првата финансиска помош во 2010 година.
Демонстрантите се собраа пред парламентот, каде што пратениците од денеска ќе почнат да разговараат за нацрт-законот. Од Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) изјавуваат дека со новиот закон не се менува старосната граница за пензионирање, односно и во новиот закон таа ќе биде на 67 години или 62 години со 40 години работен стаж.
Меѓу другото, тие бараат враќање на 13. и 14. плата, како и државна гаранција за сите пензии. Министерот за труд и социјална политика на Грција, Јанис Вруцис, рече дека станува збор за атрактивен закон, кој предвидува и зголемување на пензиите. Тој додаде дека тоа е првиот закон за социјално осигурување во историјата кој се заснова на експертска студија со која се потврдува одржливоста на системот за осигурување во земјата до 2070 година и дека тоа е првиот закон по 12 години што не предвидува намалување на пензиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА
Регион
Оштетена амбасадата на Србија во Техеран во утринските напади
Во утринското бомбардирање на Техеран е оштетена зградата на Амбасадата на Србија во Иран, дознава српски „Телеграф“.
Според информациите на медиумот, била гаѓана блиската база на Басиж, а од силата на ударот е предизвикана материјална штета и на објектот во кој се наоѓа српската дипломатска мисија.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот на амбасадата.
Во тек е нов бран напади на Израел и САД врз воени објекти во Иран, особено во Техеран.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

