Македонија
Царовска на средба со МАНУ: Реформите во образованието се неопходни ако сакаме подобри резултати
Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и членовите на работната група денес ги продолжуваат дебатите за предложените реформи во основно образование со Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). На средбата се присутни академици од одделението за општествени науки, министерката за образование и наука, Мила Царовска, заменик-министерот Арафат Шабани, како и членовите што работеа на развој на концепцијата и претставници од Бирото за развој на образованието. Консултациите за концепцијата продолжуваат и во наредниот период со разни групи засегнати страни.

Главни теми што се наметнаа во дискусијата, а се и најмногубројни меѓу пристигнатите забелешки до МОН, се динамиката со која ќе се спроведуваат реформите, како и обуките што им претстојат на наставниците.
„Го имаме најтранспарентниот процес досега. Од големо значење е и мислењето на академиците што доаѓаат токму од одделението за општествени науки за предвидената интеграција на предмети за поефикасно учење што треба да ги подобри резултатите. Добивме многу конструктивни коментари, особено од наставници од пракса во изминатиот период, но и од други засегнати страни што ќе бидат земени предвид“, рече Царовска. Министерката посочи дека досегашните резултати од меѓународните и домашните тестирања покажуваат функционална неписменост кај ученици.

„Сите меѓународни и домашни извештаи и анализи упатуваат дека се потребни реформи со кои нашиот образован модел ќе се приспоби на оној во земјите со современи образовни системи. Тоа укажува дека ни се нужни неодложни реформи во основното образование ако навистина се грижиме за идните генерации и сакаме да фатиме чекор со современиот свет. На нашите деца им треба квалитетно образование што ќе ги донесе до врвот“, рече Царовска на средбата.
По носењето на концепцијата, планот е таа да се имплементира постепено во период од 6 години почнувајќи во прво и четврто одделение од идната учебна година. За успешно спроведување на целиот процес МОН и Бирото за развој на образованието се обврзуваат дека реформата ќе ја дочекаат подготвени и ќе се направи максимум наставниците да ја поминат потребната обука.

Реформата во основно образование е дел од стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основното образование и е дел од владината програма. Во нејзината изработка беа вклучени универзитетски професори, наставници, а земени се предвид и ставовите на родителите и учениците, соопшти Министерство за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

