Свет
Силувачот кој ја држел во подрум својата ќерка 24 години и ѝ направи 7 деца е прогласен за безопасен, може од затвор да оди во старечки дом
Јозеф Фрицл (88), австрискиот силувач кој ја држел својата ќерка затворена во подрум 24 години и ѝ направил седум деца, наводно боледува од тешка деменција и тешко се движи. Тој е во затвор од 2009 година, но според новата психолошка проценка сега е безопасен.
„Кронен Цајтунг“ објави дека судскиот психијатар Хајди Кастнер (61), која ја процени менталната состојба на Фрицл за време на судењето и му дијагностицираше тешко растројство на личноста, сега заклучила дека тој треба да биде класифициран како „безопасен“. Поради неговата напредна деменција, најверојатно нема да изврши дополнителни злосторства. Фрицл е и физички во лоша форма и може да се движи само со помош на шетач. Сè на сè, веќе не може да се очекува од него да постапува планирано, па дури и да не прави криминални дејствија.
За форензичкиот психијатар, Хајди Кастнер, неговите фантазии, како онаа за свадбената подготовка на неговата ќерка, се само обид да се прикријат неговите злосторства.
Поради лошата здравствена состојба, Јозеф Фрицл би можел да биде префрлен во затворска амбуланта или во државен дом за стари лица.
„Веќе сум во процес на добивање условно ослободување за него. Ако апликацијата биде одобрена, а претпоставувам дека ќе биде, би сакал да му обезбедам место во дом за инвалиди“, изјави адвокатата на Фрицл, Астрид Вагнер за „Кронен Цајтунг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.
Свет
Осумте земји на кои Трамп им најави царини поради Гренланд порачаа: Ќе останеме обединети и солидарни со Данска и Гренланѓаните
Осумте европски држави, кои се најдоа на мета на најавените царини од американскиот претседател Доналд Трамп поради поддршката за Данска во врска со Гренланд, во неделата со заедничка изјава предупредија дека таквите мерки носат ризик.
„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна надолна спирала. Ќе останеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет“, се наведува во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска.
Овие осум земји, кои одлучија да испратат свои војници на Гренланд, порачаа дека се подготвени за „дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, зад кои цврсто стојат.
Тие повторија дека се „во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд“ и порачаа дека како членки на НАТО се посветени на јакнење на безбедноста на Арктикот – „заеднички трансатлантски интерес“. Во тој контекст, воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на таа потреба и „не претставува закана за никого“.
Од Париз, пак, доаѓа повик за активирање на „економската базука“ на ЕУ. Блиски соработници на францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека Франција бара од Европската унија да го активира Инструментот за борба против присила – механизам што би ѝ овозможил на ЕУ да одговори на економски закани, вклучително и ограничување на пристапот на САД до јавни набавки или трговија во сектори каде што американската страна има суфицит, ако Трамп не се откаже од најавените царини.

