Македонија
(Видео) Ковачевски и средношколците разговараа за прилагодувања на државната матура
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата прими делегација на Сојузот на средношколци предводена од претседателот Лука Павиќевиќ, со кои разговараше за нивните предлози во насока на прилагодувања на државната матура, поради предизвиците кои се случија поради пандемијата од Ковид-19 и штрајкот во кој беа вклучени и вработените во средното образование.
На состанокот, на кој присуствуваа и пратеничките Моника Зајкова и Санела Шкријељ, беа разгледани сите барања на претставниците на Сојузот на средношколци и беа донесени соодветни предлози и решенија.
Ковачевски истакнувајќи дека младите се една од движечките алки во општеството и клучен Владин партнер во креирањето успешни политики за создавање современо и квалитетно образование ги поддржа младите средношколци со свој претставник да бидат вклучени во стручната работна група која ги изготвува измените и дополнувањата на Законот за средното образование, под водство на Министерството за образование и наука.
Ковачевски додаде дека реформите се комплексни и нагласи дека клучно е при реформирањето на услугите и системите, одлуките да се носат заедно со оние на кои се однесуваат, во случајов на младите и нивните професори.
Во врска со барањата за модифицирање на државната матура, која е збир од повеќе екстерни и интерни испити со кои се проверуваат и се вреднуваат знаењата, вештините и способностите на учениците кои ги стекнале во четиригодишно средно образование, беше посочено дека на барање на средношколците од минатата година веќе се скратени програмите за екстерните испити, поради пандемијата од Ковид-19.
Претседателот на Владата и Сојузот се согласија дека прашањата за екстерните испити ќе го опфаќаат материјалот заклучно со март со што не е опфатен периодот кога беше штрајкот на образовниот кадар.
Банките со прашања за интерните испити ќе бидат споделени со ученици најмалку три недели пред денот на испитот. Базата на прашања за интерните испити ќе биде споделена, а за екстерните испити, на веб-страницата на Државниот испитен центар (ДИЦ) се објавени тестовите од сите претходни години. Прашањата се соодветни на испитите од минатите години и ќе бидат опфатени во еден ПДФ документ на веб-страницата на ДИЦ, односно ДИЦ ќе изготви Каталог на прашања за екстерните испити.
На денешниот состанок премиерот Ковачевски повтори дека тој сосема ги разбира барањата на средношколците и како универзитетски професор секогаш во соработка со министерот за образование и наука и останатите образовни институции ќе се ангажира за обезбедување квалитетен образовен процес во континуитет.
По однос на барањето од претставниците на Сојузот на средношколци за продолжување на рокот на изработка на проектна задача, како дел од државната матура беше одговорено дека тоа веќе е сторено, и до 16 мај (понеделник), оние 10 проценти од матурантите во државата (1.598 ученици) кои сè уште немаат завршено со овој, клучен дел од матурскиот испит, ќе можат тоа да го сторат во продолжениот рок.
На денешниот состанок сите учесници се согласија дека матурата е заокружување на еден дел од образованието и учениците коишто не планираат да продолжат со образованието, имаат избор да полагаат или само училишна матура или завршен стручен испит во зависност од нивното училиште.
Воедно по барање на Сојузот беше договорено да се спроведе и дополнителна испитна сесија за оние матуранти кои во испитниот период не би можеле да полагаат заради спреченост од вирусот Ковид-19.
На денешниот состанок со премиерот присутните претставници на Сојузот на средношколци го запознаа премиерот Ковачевски со нивното барање и подготвените предлози од нивна страна за измена во Законот за средно образование, а кои се однесуваат на барањето бесплатниот јавен превоз да биде достапен за сите средношколци, без разлика дали наставата ја посетуваат во јавно или приватно средно училиште, како и да се дефинираат одредени училишта кои поради потребата од пракса имаат потреба од превоз и преку летото.
Во оваа насока, од претставниците на Сојузот на средношколци беше поздравена Одлуката на Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за транспорт и врски и Железници на Република Северна Македонија транспорт АД-Скопје да се воведе бесплатен превоз во железничкиот сообраќај за сите ученици во средното образование, еднаш неделно, во среда, одлук а што е согласно мерките за намалување на трошоците на живот за граѓаните и со цел поттикнување на железничкиот сообраќај како најевтин и еколошки превоз.
Претставниците на Сојузот на средношколци го запознаа премиерот Ковачевски и со нивната иницијатива „Лидер/ка на училиште, лидер/ка во иднината“, која ја спроведуваат заедно со ИДУЕП, а за цел има воведување на средношколска демократија во сите средни училишта од државата и регулирање на средношколското организирање за првпат во историјата.
Денешниот состанок од сите учесници беше заокружен со изразување задоволство од планираната нова концепција на матура, којашто ќе биде согласно потребите на актуелното културно и општествено живеење, а која веќе се подготвува од Министерството за образование и наука, Државниот испитен центар и во соработка и учество на сите засегнати страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

