Македонија
(Видео) Мицкоски : Во среда очекувам да биде распуштено Собранието

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека очекува во среда да биде распуштено македонското Собрание.
„Како што се договоривме на оној состанок кај претседателот на државата, господинот Стево Пендаровски, очекувам сите политичари да си стојат на договореното“, рече Мицкоски.
До крајот на денешниот ден, предлог-законот за Јавно обвинителство треба да биде усвоен на владина седница, а во наредните три дена дискутиран и изгласан на собраниска седница.
Вакви се очекувањата на лидерот на најголемата владеачка партија, Зоран Заев, по интензивните разговори со работните групи, во кои се вклучил и тој.
„Парламентот може да го одложи распуштањето ако некој се обиде да направи ‘филибастеринг’ или блокирање на одредени законски решенија. Но секако на 12 февруари се распишуваат изборите и верувам претседателот Талат Џафери ќе го направи тоа, за да нема дилеми дека изборите се на 12 април. Сепак, верувам дека ги отстранивме сите можности за блокирање преку амандмани со тоа што правевме напори сите заедно да разговараме уште пред усвојувањето на законот на Влада“, заклучи Заев.
Тој испрати директна покана до Христијан Мицкоски и повик до ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во овој закон, затоа што, како што кажа, сè што барале во овој период низ разговорите кои се водат две години е веќе вградено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Хеликоптерите на МВР со над 70 тони вода го гаснеа пожарот кај Блаце

Во рамки на денешните активности, полициските службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени при Министерството за внатрешни работи активно учествуваа во гасењето на шумскиот пожар во реонот на Блаце.
Со два хеликоптера – Бел 412 и Агуста Бел 212, во текот на денот беа извршени 55 налети, при што беа исфрлени повеќе од 70 тони вода врз зафатеното подрачје.
Интервенцијата е дел од координираните напори на надлежните институции за справување со пожарот и спречување на негово ширење.
Македонија
Минчев: Воведуваме нов, функционален систем за управување со човечки ресурси

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска на презентацијата на модернизираниот Информациски систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), упати јасна порака дека владеењето на нефункционалност, нетранспарентност и бирократски хаос завршува. Македонија влегува во нова ера на ефикасна и отчетна администрација.
„Денес не претставуваме само софтверско решение, денес презентираме симбол на одлучност, на трансформација и на нова култура на управување во јавниот сектор. Ова е вистинска разлика меѓу претходната пракса на запуштени системи и оваа влада која испорачува резултати,“ – порача министерот Минчев.
ИСУЧР беше речиси нефункционален, користен од помалку од 100 институции од вкупно 1.400, со застарена технологија и без државна сопственост врз кодовите.
„Тоа беше систем што не служеше на никого, освен на оние кои профитираа од неговата нефункционалност“ – рече Минчев.
Тој истакна дека денес, благодарение на политичката волја на Владата, на поддршката од премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии, Гордана Кочоска Димитровска и со посветена работа на тимот на Министерството за јавна администрација, ИСУЧР е целосно обновен, функционален и, за првпат, во целосна сопственост на државата.
Сите институции во јавниот сектор ќе го користат ИСУЧР целосно бесплатно, без скриени договори или надворешни зависности.
Системот е безбедносно унапреден, со интегрирани функции за:
• Централизирана пресметка на плати,
• Дигитално управување со човечки ресурси,
• Мобилност и кариерен развој во реално време,
• Интероперабилност со УЈП, АВРМ и Централен регистар.
ИСУЧР нуди директен пристап на секој вработен до своето електронско досие, со сите податоци за плати, обуки, оценувања и напредувања. Тоа значи крај за загубени документи и дискрециони третмани.
„Со оваа модернизација на системот, Македонија штеди милиони евра, го елиминира ризикот од корупција и го воведува принципот на системска отчетност. До крајот на 2026 година, сите 1.400 институции ќе бидат интегрирани во системот. Едно решение. Еден систем. Една држава. Тоа е патот до стабилност, ефикасност и европски институционален модел.“ – истакна Минчев.
Дополнително нагласи дека секој вработен во администрацијата ќе помине задолжителни обуки за користење на новиот систем, а на располагање ќе има и видео-упатства и техничка поддршка. Системот ќе се ажурира на секои шест месеци, согласно реалните потреби и технолошкиот напредок – првпат во историјата на македонската администрација.
„Ова не е само техничка надградба. Ова е реформа со резултати. Ова е разликата меѓу претходната и сегашната Влада. Претходните импровизираа – ние реализираме.
Претходните тонеа во хаос – ние градиме институции.“
Со ИСУЧР како срце на јавна администрација, Министерството за јавна администрација испраќа јасна порака дека граѓаните заслужуваат институции што работат за нив, праведно и транспарентно.
Македонија
Изгорено човечко тело пронајдено во Ѓорче Петров – прва жртва од пожарите во Скопско

Човечко тело било пронајдено изгорено во помошна просторија по пожарот што вчера избувна кај мостот на реката Лепенец, во близина на железничката станица во Ѓорче Петров, потврдија од Министерството за внатрешни работи за „Макфакс“.
Пожарот, пријавен околу 18 часот, првин зафатил сува трева, но потоа се проширил и на неколку помошни објекти и штали, во кои имало домашни животни. Бригадата за противпожарна заштита Скопје интервенирала и го изгаснала пожарот.
„Во една од помошните простории било пронајдено изгорено човечко тело, како и изгорени тела од добиток“, велат од МВР.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.