Македонија
(Видео) Пендаровски и Пахор во Кампот за обука на вода во Охрид
Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски и претседателот на Република Словенија, Борут Пахор денеска во Охрид го посетија Кампот за обука на вода на Армијата на Република Северна Македонија.

Претседателите Пендаровски и Пахор, заедно со началникот на генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се запознаа со дел од обуката која ја изведуваат припадниците на баталјонот за специјални сили, како и со можностите и начинот на работа коишто ги нудат овие капацитети на Армијата во состав на Командата за обука и доктрини.

Припадниците од Баталјонот за специјални сили пред претседателите Пендаровски и Пахор, преку методско-показни вежби прикажаа постапки кои се применуваат за ситуација на заложничка криза на пловен објект. Во вежбата беа вклучени и хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ на Армијата при што се демонстрираше висок степен на обученост и извежбаност за извршување на сложени задачи на вода согласно НАТО стандардите кои се применуваат во вакви ситуации.
Пред вежбата, словенечкиот претседател Пахор беше запознаен со мисијата и задачите на Армијата на Република Северна Македонија, а припадниците на баталјонот за специјални сили пред присутните изведоа кратка показна вежба на која презентираа дел од боречките вештини.

Потенцирајќи го високото ниво на стручност на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија за извршување на задачите коишто произлегуваат од нашето полноправно членство во НАТО, претседателот Пендаровски по завршување на вежбата истакна дека припадниците на Армијата се обучени и подготвени за реакција на сите предизвици во рамки на нивната мисија.

Претходно во Охрид, претседателите на Република Северна Македонија и на Република Словенија, Стево Пендаровски и Борут Пахор посетија дел од културните знаменитости. Домаќинот, претседателот Пендаровски го запозна својот словенечки колега Пахор со дел од историјатот на црквата Света Богородица Перивлепта, Галеријата со икони, како и со богатата историја на црквата Света Софија.
Со престојот и активностите во Охрид заврши дводневната, официјална посета на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

