Регион
Во БиХ секоја година умираат по 3 300 луѓе како последица на загадениот воздух
Во Босна и Херцеговина секоја година прерано умираат околу 3 300 луѓе како последица на изложеноста на воздух загаден со честички PM 2.5 , додека речиси една од секоја десетта смртност годишно во БиХ е резултат на загадувањето на воздухот. Ова се наведува во најновиот извештај за загаденоста на воздухот во Босна и Херцеговина којшто го објави Светската банка.
Во него се предупредува дека овие податоци се двојно поголеми во споредба со Северна Македонија, а четири пати во однос на Косово. Економските трошоци, како што се наведува во извештајот, изнесуваат во просек 1,38 милијарди долари, што е еквивалент на 8,2 проценти БДП од 2016 година.
Во извештајот се напоменува дека ефективното решавање на проблемот со загадувањето на воздухот бара стретешки, интегрирани решенија прилагодени на конкретниот град, односно област.
Жителите на голем број босански градови веќе со недели се гушат од загаден воздух, што содржи големо количество честички прашина и отровни гасови. Во извештајот на СБ посебно се истакнува проблемот со честичките прашина ПМ 2.5, кои продираат длабоко во системот за дишење предизвикувајќи болести на срцето и белите дробови, како и мозочни удари и тумори.
Според Светска здравствена организација концентрацијата на ПМ 2.5 не смее да биде поголема од 10 микрограми на метар квадратен, но во БиХ таа вредност е неколку пати поголема.Само во Сараево во текот на месецот забележани се и концентрации и до 500 микрограма честици ПМ 2.5 на метар квадратен.
Како последица на загадениот воздух со ПМ 2.5 секоја година во БиХ прерано умираат 3.300 луѓе. Од таа бројка околу 16 отсто смртни случаи се однесуваат на лицата кои живеат на подрачјето на Сараево и на Бања Лука, се наведува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

