Македонија
Европската комисија најави помош од 3.3 милијарди евра за Западен Балкан
Европската комисија објавува над 3.3 милијарди евра финансиска поддршка обезбедена заедно со Европската инвестициска банка во корист на граѓаните на Западен Балкан. Овој пакет на поддршка има за цел да одговори на итните здравствени и последователни хуманитарни потреби прeдизвикани од пандемијата на Ковид-19, како и да го помогне социјалното и економското закрепнување.
Освен засилената поддршка, Комисијата во својот придонес, пред состанокот на лидерите од ЕУ-Западен Балкан, на 6 мај 2020 исто така дава преглед на општите параметри за долгорочна поддршка која ќе биде претставена наесен во форма на економски и инвестициски план за регионот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, рече: „Имаме посебна одговорност да им помогнеме на нашите партнери во Западен Балкан во оваа пандемија, затоа што нивната иднина е јасно припаѓа во Европската Унија. ЕУ обезбедува значителен финансиски пакет, кој ја потврдува силната солидарност. Заедно ќе ја надминеме оваа криза и ќе закрепнеме. И, уште повеќе, ќе продолжиме да го поддржуваме регионот, вклучувајќи ги реформите потребни на европскиот пат, бидејќи закрепувањето ќе биде ефикасно само доколку земјите продолжат да ги исполнуваат нивните обврски“.
Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вареји, искоментира: „Европската Унија реагираше брзо и сеопфатно да го поддржи Западен Балкан во справување со пандемијата на Ковид-19, преку неспоредлива финансиска помош, како и пристап до бројни иницијативи на ЕУ. А, нашата работа ќе продолжи додека подготвуваме економски и инвестициски план за регионот, за справување со тешките социо-економско последици од кризата, модернизација на економиите во регионот, поддршка на реформите и да почнеме да го затвораме јазот во однос на развојот и на тој начин создавајќи побрзо конкретни придобивки за луѓето“.
Поддршка од ЕУ за Западен Балкан во справување со коронавирусот
Пакетот за финансиска поддршка на ЕУ вредна над 3.3 милијарди евра вклучува пренамена на средства од Инструментот за претпристапна помош од 38 милиони евра итна поддршка за здравствениот сектор, особено преку испорака на основни производи неопходни за спасување животи, како на пример лична заштитна опрема, маски и вентилатори, 389 милиони евра за потребите на социјалното и економското закрепнување и други 455 милиони евра вреден пакет за економски заживување на регионот во тесна соработка со меѓународните финансиски институции, како и предлог за 750 милиони евра на макро-финансиска помош и 1.7 милијарда евра пакет на финансиска помош преку Европската инвестициска банка.
ЕУ обезбедува и непосредна хуманитарна помош за ранливи бегалци и мигранти во висина од 4,5 милиони евра и 8 милиони евра за итни потреби на мигранските кампови ширум регионот.
Како резултат на епидемијата на коронавирусот, Западен Балкан го активира Механизмот за цивилна заштита на Унијата (УЦПМ) и веќе почна да добива помош во вид на опрема и репатријација на граѓани од земјите членки на УЦПМ и од државите учеснички. Освен тоа, со оглед на нивната европска перспектива, ЕУ ги третира земјите од Западен Балкан како привилегирани партнери, давајќи им пристап до бројни иницијативи и инструменти резервирани за земјите членки на ЕУ. Ова вклучува, на пример, заедничка набавка на медицинска опрема, изземање на регионот од правилата на ЕУ за одобрување извоз на опрема за лична заштита, осигурување брз проток на основните производи низ копнените граници преку т.н. „зелени ленти“, и обезбедување од страна на ЕУ материјал за тестирање за да се осигура точно фунционирање на тестовите за коронавирус во Западен Балкан. Регионот е поврзан и со работата на релевантните здравствени тела.
Во иднина – план за економска и инвестициска обнова
На Западен Балкан ќе му треба постојана поддршка за да се справи со последиците од пандемијата откако ќе заврши првичната криза. Наесен Европската комисија ќе претстави Економски и инвестициски план за регионот за да ја поттикне долгорочната обнова, да го зајакне економскиот раст и да ги поддржи реформите неопходни за напредок по патот кон ЕУ.
Освен тоа, планот ќе вклучи и значаен инвестициски пакет за регионот. За периодот 2021-2027 година, Комисијата предложи вкупна сума од 14,5 милијарди евра за Претпристапниот инструмент 3, од кои најголем дел се наменети за Западен Балкан. Комисијата предвидува удвојување на грантовите кои се доделуваат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и значително зголемување на финансиските гаранции за поддршка на јавни и приватни инвестиции во регионот преку наменски гаранциски инструмент кој е дел од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Зелената транзиција и дигиталната трансформација ќе играат централна улога во покренувањето и модернизирањето на економиите во Западен Балкан. Инвестирањето во чисти и дигитални технологии и капацитети, заедно со циркуларната економија, ќе помогне да се отворат нови работни места и да се постигне раст. Поддршка ќе се обезбеди и за да се подобри конкурентноста на економиите во Западен Балкан, за тие подобро да се поврзат и во рамките на регионот и со ЕУ, и да му се помогне на Западен Балкан да се подготви за дигиталната ера. Силен акцент ќе се стави на транспортните и енергетските врски, кои се клучни за економскиот развој на регионот, но и на ЕУ.
Работење на фундаменталните реформи
Закрепнувањето од сегашната криза ќе се оствари само ако партнерите продолжат да ги исполнуваат нивните определби за реформи и да покажуваат видливи резултати во нивното спроведување. Ова е клучно за остварување на европската перспектива. Освен постојани економски реформи, ова бара посилен фокус на владеењето на правото, фунционирањето на демократските институции и јавната администрација.
Шефовите на држави и влади на ЕУ и од Западен Балкан ќе одржат на 6 мај 2020 година лидерски состанок ЕУ-Западен Балкан за да се осврнат на заедничките предизвици. Првично замислен како самит во Загреб, овој состанок ќе се одржи во форма на видеоконференција. Денешните предлози се придонес на Комисијата кон разговорите и заклучоците на претстојниот состанок.
Глобалниот одговор на ЕУ на пандемијата на коронавирусот го следи пристапот „Тим Европа“, комбинирајќи ресурси од ЕУ и од нејзините земји членки и финансиски институции, особено Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Заедно со нашите партнери се осигуруваме дека значајните средства кои веќе им се доделени на земјите од Западен Балкан се наменети да им помогнат во справувањето со последиците од пандемијата. Во исто време, билатерална помош обезбедуваат и земји членки на ЕУ во форма на финансиски средства или донации на производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

