Македонија
Забранет пристап на Водно и нема собирање во паркови – во аптеките, банките и поштите се воведува редарска служба
Владата на 23-тата седница донесе одлука со која се забранува пристап на лица и возила во Парк-шумата Водно, секој ден, во период од 18 до 6 часот наредниот ден. Се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. Сите маркети, аптеки, банки и пошти задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти.
Владата на синоќешната седница го разгледа и го усвои записникот од четвртиот состанок на главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување внесување и ширење на коронавирусот Ковид-19, одржан на 19 март 2020 година.
Истовремено, во согласност со предлозите изнесени во расправата на седницата, ги усвои следниве заклучоци:
1. Се забранува пристап на лица и возила во Парк-шумата Водно, секој ден, во период од 18 до 6 часот наредниот ден. За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи со патролни возила да го затвори пристапот кон Парк-шумата Водно.
2. Се забранува собирање во група повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. За оваа цел, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.
3. Се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи за период од 14 дена. За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи, доколку е потребно, ова правно да го нормира во уредба со законска сила. Во согласност со ова, Владата донесе одлука за изменување и дополнување на одлуката за мерки за спречување внесување и ширење на коронавирусот Ковид-19.
4. Им се препорачува на сите работодавци во Република Северна Македонија, односно секое раководно лице на институција, во зависност од типот на работата и можностите, да ги организира работата и начинот на работа на вработените лица преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормално функционирање на институцијата.
Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови. Во согласност со ова, Владата на седниците на Владата и работните тела да разгледува само материјали поврзани со постоењето вонредна состојба.
5. Сите маркети, аптеки, банки и објекти што даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во нив, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метра помеѓу лицата пред и во објектите.
6. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки поради непочитување на мерките и препораките на Владата.
7. Се задолжува Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство да оствари работна средба со здруженијата на сточарите и со Федерацијата на фармерите во врска со извозот на јагниња, како и утврдување мерки што треба да се преземат во овој период“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

