Македонија
Почнуваат виртуелни трки на Водно
Во очекување на олеснување на мерките предизвикани од актуелната пандемија и дозвола за организирање на редовните спортски настани, почнуваат виртуелни трки Виртуелен Прв до врв и Virtual Spring Run.
Виртуелен Прв до врв е натпревар идентичен на редовниот настан, по истите патеки на Водно и истите дисциплини во трчање, планински и друмски велосипедизам, со единствена разлика што секој учесник индивидуално ја одржува својата спортска активност во согласност со пропишаните мерки за физичка дистанца, а оствареното време влегува во заедничкото рангирање со другите учесници. Овој виртуелен настан ќе трае од 1 до 31 мај, по што ќе бидат прогласени победниците кои оствариле најдобри времиња.
Virtual Spring Run е пролетна лига во трчање која ќе се одржува седум недели (кола) почнувајќи од 4 мај, па до 21 јуни. Учесниците ги имаат на располагање дисциплините на 5.000 метри, 10.000 метри и полумаратон. Остварениот резултат и рангирање носи соодветен број бодови, чиј збир на крајот од лигата ќе ги открие победниците, поточно оние кои освоиле најголен број бодови. Секоја дисциплина се рангира посебно. И тука, секој учесник ја реализира својата спортска активност индивидуално и со почитување на пропишаните мерки за избегнување групирање.
Мерењето на времето е со користење на бесплатната апликација Strava, чии податоци автоматски се преземаат од платформата на Прв до врв. Секој учесник може да оствари повеќе активности во секоја од дисциплините, во кое било време во деновите додека траат настаните, а најдобриот резултат ќе биде земен предвид при рангирањето.
Пријавувањето за трките е преку веб-страницата www.prvdovrv.mk.
Најдобрите во трките ќе бидат наградени на традиционален начин, со златен, сребрен и бронзен медал. Трките се во организација на здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
(Видео) Филипче по обраќањето на Руте: Членството во НАТО е трајна придобивка од политиките на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Собранието изјави дека членството во Алијансата е резултат на „стратешките, визионерските и државничките политики“ на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении.
„Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, благодарение на тоа што сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот“, рече Филипче.
Тој оцени дека во услови на војни и нови жаришта во светот, особено поради, како што посочи, агресијата на Русија врз Украина, членството во НАТО претставува трајна придобивка за државата.
Осврнувајќи се на говорот на Руте, Филипче рече дека генералниот секретар имал одличен говор и упатил јасни пораки до Владата, посочувајќи дека Русија е агресор во Украина и дека прави сојуз со Кина и Северна Кореја.
Притоа, Филипче упати критики кон актуелната Влада, наведувајќи дека има вицепремиер кој, како што рече, отворено негува врски со Русија, споменувајќи го вицепремиерот Стоиљковиќ. Тој додаде дека вториот човек во Владата се среќава со ‘Ноќните волци’, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин.
Филипче посочи и на заемот од една милијарда евра од Унгарија, наведувајќи дека, според извештаи на европските институции, станува збор за кинеско финансирање.

