Македонија
Здружението на преведувачите и толкувачите: По јазикот не смее да се посега, да се менува и да се приспособува на нечии барања
Здружението на преведувачите и толкувачите донесе декларација по повод неодамнешните повеќекратни настапи на видни бугарски политичари, историчари и академици насочени кон претставувањето на македонскиот јазик како дијалект или литературна норма на бугарскиот јазик.
ЗПРМ потсетува дека секој јазик, вклучувајќи го и македонскиот, е дел од културниот и националниот идентитет на еден народ, по кој не смее да сепосега, не смее да се менува и приспособува според барањата на поединци или групи заради добивање политички поени или демонстрирање моќ и сила. ЗПРМ потсетува на Универзалната декларација за човекови права која во чл. 19 пропишува слобода на мислење и изразување на секој човек. Резолуцијата на ОН A/RES/61/266 ги повикува сите земји членки на ОН, меѓу кои и Бугарија, да ги сочуваат и да ги штитат сите јазици што ги говорат народите во светот.
„ЗПРМ остро се спротивставува на секаков вид негирање на македонскиот јазик од страна на официјални лица од Република Бугарија кои деновиве излегуваат со ставови спротивни на меѓународните конвенции и документи коишто се однесуваат на заштитата и негувањето на јазиците. Исто така, ЗПРМ ги отфрла сите произволно изнесени и научно непоткрепени ставови кои немаат ништо заедничко со лингвистиката, славистиката и историјата. Од бугарската научна јавност, предводена од бугарските преведувачи и јазични професори, бараме да се сообрази со објективната научна реалност за класификацијата на словенските јазици. Македонскиот јазик има долга книжевна традиција која му претходи на датумот на неговото нормирање: почнувајќи од „Тријазичникот“ на Пулевски во 19. век, па „Абецедарот“ издаден од грчките власти во 1925 година, како и учебниците по македонски јазик издадени во Бугарија во доцните 40-ти години на минатиот век, кога почнува наставата на мајчин македонски јазик и според тогашниот попис, 63,7% од населението во Пиринска Македонија се изјаснуваат како Македонци.
За нас, преведувачите и толкувачите, македонскиот јазик не е само алатка со којашто работиме, туку дел од нашето битие, нашата традиција, нашиот идентитет, длабоко вкоренет во делата на Миладиновци, Иљоски, Рацин, на Андреевски, Јаневски, Конески, јазикот на кој зборуваме, комуницираме, твориме, јазикот на кој и од кој преведуваме и толкуваме, на кој пишуваме и раскажуваме. Македонскиот јазик е жив јазик кој се изучува и говори на сите нивоа на образование, кој се користи во истражувачката и научната област, и во нашата земја и во сите земји каде што живее македонско малцинство, како и на бројни катедри во светот каде што се изучува македонистиката. Македонскиот јазик е јазикот на кој се преведени илјадници светски дела, препеани илјадници страници поезија, а од неодамна, и јазикот кој се појавува како засебен, работен јазик и во многу меѓународни институции“, се вели во соопштението.
ЗПРМ ги повикува државните институции, останатите професионални здруженија, сите поединци и истомисленици, пријатели на нашата земја и почитувачи на македонскиот јазик, да се огласат против овие непринципиелни притисоци, несвојствени за демократскиот свет од 21. век, на којшто му е потребен јазик на меѓусебна почит, наместо јазик на омраза, уцени и негирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

