Свет
Иран бара од Интерпол да распише потерница за 48 лица од САД, меѓу нив е и Трамп
 
																								
												
												
											Иран испрати барање до Интерпол да издаде меѓународна црвена потерница за 48 американски официјални лица.Тоа го вклучува и американскиот претседател Доналд Трамп, кој е обвинет за вмешаност во убиството на генералот Касем Солејмани.
Портпаролот на иранското Министерство за правда, Гулам Хусеин Исмаили, изјави дека истрагата за убиството на командантот на елитната единица Кудс на Иранската револуционерна гарда се спроведува во соработка со шест земји, вклучително и Ирак.
„Утврдено е дека 48 лица биле вмешани во убиството на Солејмани, вклучувајќи го и претседателот на САД како првообвинет, како и команданти и претставници на Пентагон и американски војници во регионот“, рече Исмаили.
Тој рече дека Иран побарал од Интерпол да издаде меѓународна црвена потерница за осомничените. Солејмани беше убиен пред една година во напад на американски беспилотни летала во Багдад. Тогаш беа убиени десет лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Свет
Се сретнаа министрите за одбрана на САД и Кина, Пекинг го предупреди Вашингтон за Тајван
 
														Американскиот и кинескиот министер за одбрана, Пит Хегсет и Донг Џун, се сретнаа во Куала Лумпур во рамки на состанокот на министрите за одбрана на АСЕАН. Средбата е оценета како добра и конструктивна и претставува сигнал за постепено подобрување на воената комуникација меѓу двете земји.
Хегсет му рекол на кинескиот колега дека САД ќе ги бранат своите интереси и изразил загриженост поради кинеските активности во Јужното Кинеско Море и околу Тајван. Истовремено нагласил дека Вашингтон не бара судир, но ќе ја задржи рамнотежата на силите во регионот.
Кинеското министерство за одбрана соопшти дека Донг го предупредил Вашингтон да биде внимателен со зборови и дела во врска со Тајван и да се спротивстави на неговата независност. Тој додал дека Кина е посветена на мирен развој, но ќе ги брани своите безбедносни интереси.
Според Пекинг, неодамнешната средба меѓу Трамп и Шји Џинпинг дала стратегиски насоки за подобрување на одбранбените односи и потребни се конкретни чекори. Средбата се одржа во момент кога Кина го засилува военото присуство околу Тајван, а САД повикуваат на поголема транспарентност и дијалог за регионалната безбедност и нуклеарното вооружување.
Свет
Иран ја смета одлуката на САД за продолжување на тестирањето на нуклеарно оружје за неодговорна
 
														Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги опиша плановите на Соединетите Американски Држави за продолжување на тестирањето на нуклеарно оружје како регресивни и неодговорни, објави агенцијата Франс Прес.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека издал наредба до Пентагон веднаш да продолжи со тестирањето на такво оружје.
„Насилник со нуклеарно оружје ги обновува тестирањата на атомско оружје. Истиот насилник ја демонизира мирноприродната нуклеарна програма на Иран“, рече иранскиот министер за надворешни работи во објава на социјалните мрежи како одговор.
Абас Арагчи, исто така, ја опиша одлуката како сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност.
Свет
Европската Комисија: Новите тестови на оружје на Русија не се чекори во вистинската насока
 
														Тестирањето на ракетата „Буревестник“ и торпедото „Посејдон“ од страна на Русија не е чекор во вистинската насока, изјави портпаролката на Комисијата, Анита Хипер.
„Ако тие навистина се нуклеарни, тие би можеле да шират радиоактивни супстанции“, додаде таа.
„Ова уште еднаш покажува дека наместо да избере мир, Русија продолжува со ескалацијата со својата реторика и дејствија“, додаде Хипер.
На прашањето дали овие обиди се закана за Европа, таа одговори дека Русија воопшто е закана за европската безбедност.
На прашањето за најавената намера на американскиот претседател Доналд Трамп да продолжи со нуклеарните тестирања, што не е направено од 1990-тите, таа рече дека досега не е откриен таков обид од страна на САД и дека двете земји не треба да се изедначуваат.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											