Македонија
Левицата бара независна истрага за смртта на новороденчето и одговорност од директорката и од педијатарката во ГАК
Левица бара Обвинителството да отвори истрага за смртта на новороденчето на Клиниката за гинекологија и акушерство и одговорност од директорката и од педијатарката, која го реанимирала бебето.
Според партијата, последниот случај со починато новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје открива не само индивидуални пропусти, туку и системска болест на здравствениот сектор во Македонија, кој го стави интересот на хиерархијата, бирократијата и формалностите над животот на човекот. Левицата вели дека на ГАК недостигаат педијатри и неонатолози.
„Имено, интерната документација на ГАК, вклучувајќи ја пријавата на началничката на интензивна нега, д-р супспецијалист Елизабета Петковска, открива дека педијатарката д-р Емилија Бадева извршила долготрајна, повеќекратна и неуспешна реинтубација (20-ина минути), при што довело до дестабилизирање и смрт на бебето. Сведочењата на специјализантките д-р Деспина Кочова и д-р Мевљане Ислами-Лимани потврдуваат дека ја предупредувале да ја прекине постапката. Интерните податоци откриваат и сомнежи за алкохолна употреба на д-р Бадева за време на работа, што е целосно игнорирано од директорката д-р Ирена Алексиовска-Папестиев и институциите. Комисијата за квалитет препорачала тестирање на супстанции, но нема законска сила за реална проверка, што јасно укажува на систем кој штити персонал и формалности наместо животот на пациентите“, велат од Левицата.
Од таму додаваат дека директорката не ги известила Министерството за здравство, ДСЗИ ниту Јавното обвинителство цели два месеци, додека ДСЗИ, велат од Левица, подоцна се ограничува само на формални извештаи за медицинските состојби, без да го утврди суштинскиот причинско-последичен однос помеѓу несоодветната постапка и трагедијата.
„Министерот за здравство, Азир Алиу и директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, декларативно најавија формирање стручна комисија, но ова останува празна формалност ако не се обезбеди независна контрола и санкција на одговорните“, велат од Левица.
Партијата бара итна, независна и транспарентна истрага од Јавното обвинителство за сите аспекти на овој случај; одговорност за директорката д-р Ирена Алексиовска Папестиев и педијатарката д-р Емилија Бадева и сите кои прикривале информации; јавно објавување на обдукцискиот наод на новороденчето; законски промени кои ќе овозможат реална контрола и проверка на медицинските постапки, вклучувајќи и тестирање на лекари за супстанции во критични оддели; крај на културата на молк, прикривање и заштита на хиерархијата над животите; реформа на здравствениот систем кон јавно, колективно, транспарентно и социјално здравство, каде здравјето и животот се врвен приоритет, а не формализам и лични интереси и едукација и вработување на повеќе педијатри неонатолози.
Освен ова, велат од Левица, останува и прашањето дали на ГАК постои јасен протокол за соработка со детската хирургија и детска клиника и дали се прифаќаат сите новороденчиња за кои е проценето дека треба да се префрлат за стручна помош?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Бараат зголемување од 6.000 денари, добиваат 10.000 за две години и одбиваат, вака ССМ работи по насока на СДС
Бараат зголемување од 6.000 денари, добиваат 10.000 за две години и одбиваат – вака ССМ работи по насока на СДС, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, протестите на ССМ, поддржани од СДС и Левица, покажаа=ле дека не се поддржани од работниците, кои, како што рече, веќе се свесни дека некој од врвот на ССМ јасно ги искористува.
„Синдикалците на батерии како Слободан Трендафилов, Иван Пешевски и Трпе Деаноски, кои земаат по над 80.000 денари плата од работниците и дополнителни додатоци во висина над милион денари во само една година, добиени од џебот на работниците, не го прифаќаат новиот колективен договор со кој минималната плата на административните службеници ќе се искачи до 600 евра за само две години од денес“.
Манасиевски потсетува дека предлогот од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите за 40% или над 10.000 денари до 2028 година, не е прифатлив од ССМ, Трендафилов, Пешевски и Деаноски, само затоа што не сакаат да го потпишат новиот колективен договор предложен од Владата, со којшто работниците ќе добиваат зголемување на платите според Законот за минимална плата и додатно 8% на добиената сума со што би се дошло до зголемување од 40% до 2028 година.
„ССМ бара 600 евра минимална плата, добива, и истата ја одбива. Бара 100 евра повисока плата, добива и повеќе и истата ја одбива. Само затоа што се политички заробеници на оние што ги поставиле да бидат таму а тоа е СДС.
Ги повикуваме ССМ, Трендафилов, Пешевски и Деаноски да ги оттргнат канџите во кои се заробени од СДС и Левица и да го прифатат предлогот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за 600 евра минимална плата за административните службеници во 2028 година“.
Македонија
(Видео) Кузеска: Поминаа 50 дена од првите бомби на Антикорупцискиот тим, но нема никаква реакција
Поминаа 50 дена од објавата на првите скандали, првите бомби од страна на Антикорупцискиот тим на СДСМ. Нема ниту едена реакција од ниту една институција, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Не допира гласот до Обвинителството за милионските скандали и криминални тендери на власта, нема реакција од ДКСК, нема реакција од Финансиска полиција. Молк. Во изминатите 50 дена, Антикорупцискиот тим објави серија сериозни скандали, поткрепени со факти и докази за тоа како се делат тендери во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ.
Според неа, затоа власта презема контрола врз сдуството и обвинителството во обид да се спаси од одговорност за криминалните тендери.
Македонија
Oдрон на патот Берово – Струмица, магла на патниот правец с. Лисец – Попова Шапка
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Намалена видливост и појава на магла на патниот правец с. Лисец – Попова Шапка до 30 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчевo.

