Македонија
Милошоски: Подобро е секој да си ја задржи честа место таа да биде врамена во плакета
Дополнувањата на Статутот на ВМРО ДПМНЕ од страна на Централниот комитет претставуваат негова модернизација и заслужуваат да бидат поздравени, напиша на „Фејсбук“ пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, пo вчерашниот состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија е воведувањето непосреден избор од страна на членството на идните кандидати за општински советници и идните кандидати за градоначалници. Минатиот труд, личниот углед, довербата кај членството и капацитетот на кандидатот да се справи со обврските на овие позиции ќе добијат на тежина.
„Ограничувањето на мандатите на претседателот на партијата и претседателите на ОК е нов значаен исчекор, со кој првпат актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ става до знаење дека долговечноста на партиската функцијата не е цел сама за себе, туку дека партијата има доволно ресурси за редовно освежување на кадровските постави. Ваквиот циклус ќе внесува нова внатрепартиска динамика и кадровски натпревар, што ќе биде значајна демократска алатка за мотивација на активните членови.
Формирањето форум на интелектуалци, како и унија на ветерани, е многу корисно бидејќи овие две тела се очекува да го зголемат опсегот на дејствување во рамките на своите целни групи и од нив да се добиваат корисни идеи, проекти и совети.
И за крај, во рамките на секоја партија или држава, сосема доволна чест, обврска и престиж е некој да биде претседател на партијата, на државата, на владата, градоначалник или министер, па затоа титуларните функции почесен претседател, почесен градоначалник, почесен премиер и слично немаат некоја суштинска кадровска улога и подобро е за секого честа да си ја задржи кај членството и граѓаните наместо таа да биде врамена во плакета“, порача Милошоски по вчерашниот состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница одлучи да направи измени во Статутот на партијата и да ги укине почесните членови и почесните претседатели на партијата. Ова значи дека Никола Груевски не е веќе почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но Христијан Мицкоски останува на чело на главната опозициска партија во земјата.
Со измените на Статутот, претседателот на партијата, претседателите на општинските комитети и претседателите и членовите на сите органи и тела избрани на конгрес имаат ограничен мандат од четири години, при што максимум на истата функција ќе може да се задржат три мандати, а за да го добијат третиот мандат, мора да се избрани од партиските органи и тела со двотретинско мнозинство. Ова би значело дека Христијан Мицкоски би можел да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ најмногу три мандати по четири години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

