Македонија
Николоски: Бараме да се прикажат целосните снимки каде што Јанева се среќава со Заев
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Александар Николоски, вечерва одржа вонредна прес-конференција во врска со објавените ПИ-мерки за случајот „Рекет“, за кој тој вели дека јасно и недвосмислено се гледа дека Зоран Заев и врвот на СДСМ стои зад целиот случај и дека рекетот бил координирана акција.
„Од објавените снимки лесно може да се дојде до заклучок дека Катица Јанева лани во јуни или јули имала минимум една средба со тогашниот премиер Зоран Заев. Второто е дека Зоран Милески имал средба со Вице Заев, братот на Зоран Заев. Што зборувале на тие средби и како е возможно да се среќавале ако претходно воопшто не се познавале“, праша Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека браќата Заеви треба да дадат искази пред судот, бидејќи со денешното рочиште во судот, станало јасно дека случајот „Рекет“ бил „добро координирана акција од самиот врв на власта во која се изрекетирани многу повеќе бизнисмени и земени се многу повеќе пари од она што се претставува“.
„Ова е врв на скандалот. Бара е да се прикажат целосните снимки каде што Јанева се сретнува со Заев и да се појасни како се познавале, бидејќи тоа ќе потврди дека обвинетите биле извршители, а наредбодавци биле врвот на власта и семејството Заеви“, рече Николовски, додавајќи дека цел ден чекале Заев да се огласи во однос на снимките, но бидејќи тоа не се случило, морале да ја одржат вонредната прес-конференција.
Тој го повика и министерот Наќе Чулев да го истражи случајот, надлежните да ги објават пред судот наводните тонски записи меѓу Вице Заев и Зоран Милески, како и меѓу Зоран Заев и Катица Јанева
„На Боки 13 никој не би му дал ни денар, а не милиони, ако не стои зад него“, рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

