Свет
Нова студија: короната останува на кожата девет часа, алкохолот ја уништува за 15 секунди
Вирусот САРС-КоВ-2, кој го предизвикува Ковид-19, може да остане на човечката кожа околу 9 часа, но може да се уништи целосно за 15 секунди со употреба на 80 % раствор на етанол, заклучува новата студија.
Студијата, објавена на почетокот на октомври во Клиниката за инфективни болести на Оксфорд, имаше цел да истражи колку време САРС-КоВ-2 останува на кожата. Иако постојат истражувања за тоа колку долго останува на разни подлоги, како метал и картон и мазни површини, нема точни индикации за тоа колку долго овој вирус останува на нашата кожа.
Во оваа студија на јапонски научници од универзитетот во Кјото се покажа дека во просек вирусот преживува на кожата околу 9 часа, најкратко околу 7,96, а најдолго околу 10,2 часа, што е нешто подолго отколку што останува на кожата вирусот од групата А – околу два часа.
Сепак, двата вируса може ефикасно да се уништат со средства за дезинфекција на рацете врз основа на алкохол. Во оваа работа научниците користеле 80 % етанол, едно од вообичаените средства за дезинфекција. Докажано е дека овој агенс го уништува вирусот за 15 секунди. За дезинфекција се користат средства што содржат повеќе од 70 % алкохол, а ова се едни од најчестите средства за дезинфекција што сме имале можност да ги користиме во периодот од прогласувањето на пандемијата.
Со кивање и кашлање вирусот лесно се пренесува на кожата, особено на рацете, од каде што, ако некој го допре лицето, може да влезе во респираторниот систем преку очите и носот.
Овој труд ја покажува важноста на основните хигиенски мерки и ефективноста на широкодостапните средства за дезинфекција на рацете, базирани на алкохол. Тоа исто така значи дека овие производи може ефикасно да се користат за дезинфекција на помали области, како што се чевлите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos

