Македонија
„Огнените“ објавија листа на разрешени функционери од ДУИ, тврдат дека ги разрешил Груби
Возот на Артан Груби и директната закана за политичка елиминација на сите што мислат поинаку во ДУИ, беше изведен на најбрутален можен начин, како што преку ноќ во монистичкиот систем беа разрешени „неподобните“, велат од т.н. „огнена“ група во ДУИ.
Овие разрешувања, велат „огнените“, иницирани од гневот на Артан Груби, беа предупредувани од неговите мегафони, клеветнички портали, корумпирани со парите на граѓаните кои никогаш не гласале за Груби.
„Заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, кадар-модел на ДУИ кој донесе низа победи на Гостивар, после поразите на кампањата на СРМН на Артан Груби. Овој човек е разрешен без никаква забелешка за неговото работење.
Ресми Ејупи, Аднан Ејуп, многу директори на клиники, како Алајдин Мемеди, Бесим Кока, Азиз Максути, Ќамил Ковачи, потоа Фикри Алити, Миѓен Селмани, Нехат Нухиу, Ајрула Мустафа и други, беа разрешени само затоа што мислеа поинаку, без никаква причина или евентуален пропуст во нивните должности.
Сите имаа една цел, демократизација на ДУИ и создавање амбиент за соочување на идеите, а не создавање поделеност меѓу сопартијците, како што направи Груби, за да ја спаси својата незаслужена фотеља“, велат „Огнените“ преку допис до медиумите.
Се додава дека овие луѓе никогаш не кажале лош збор за Али Ахмети, ниту пак сега кажуваат, но ѓаволноста на Артан Груби и злоупотребата на медиумите под негова контрола, успеала да ги упати сите обвинувања кои биле против него, за апсолутни неуспеси во секоја област, да ги адресира како обвинувања кон Али Ахмети, со образложение дека овие критики не се против него туку против Ахмети.
Сите разрешени, предупредиле дека Груби има за цел да ја уништи ДУИ одвнатре, работи за своите луди амбиции, на штета на сите процеси кон албанската заедница во Македонија и во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

