Македонија
(Видео) Пендаровски: Овој вител на кризи и закани генерира страв, потребна е солидарност меѓу државите
„Чест ми што имам можност првпат да се обратам од името на Република Северна Македонија на овој глобален форум, кој годинава, поради околностите во кои се среќаваме, има уникатно издание – прв, и искрено се надевам последен пат, без наше физичко присуство во седиштето на нашата организација. Оваа 2020 година е несомнено една од најтешките години што ја живее човештвото во поновата историја. Пандемијата за само неколку месеци, освен што однесе безмалку еден милион човечки животи, остави длабоки последици во речиси секоја сфера од нашето живеење за што ќе ни бидат потребни години додека целосно закрепнеме. Ковид-19 предизвика тектонски промени во поредокот што го знаеме, но ни овозможи и реален увид во националните капацитети на јавното здравје за справување со кризи од планетарни димензии“, истакна во своето обраќање претседателот Стево Пендаровски на генералната дебата на 75. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Според него, Ковид-19 е само уште една во целиот спектар од кризи со кои се соочуваме како човештво и ниту една од нив не е целосно изолирана од другите. Здравствената криза е истовремено и економска и социјална бидејќи предизвикува сиромаштија, а, сиромаштијата е плодна почва за екстремизам и конфликти. Конфликтите ги загрозуваат човековите права и слободи и предизвикуваат хуманитарни катастрофи и бегалски бранови. Овој вител на кризи и закани генерира страв, неизвесност и недоверба и ги поларизира односите меѓу државите, но и внатре во државите и, конечно, го поткопува мултилатерализмот, кој денес ни е повеќе од потребен.
2020 треба да биде пресвртна година за сите нас. Денес, наместо постојниот статичен поредок настанат по Втората светска војна, потребен ни е функционален и динамичен систем на споделени правила и принципи во кои веруваме, приспособени на новото време. Неопходен ни е нов модел на активен, инклузивен мултилатерализам, препознатлив по солидарноста меѓу нациите и хуманоста меѓу луѓето. Во овој контекст, една од големите задачи на Обединетите нации е да ни помогнат да го задржиме фокусот и да јги држиме будни колективната свест и совеста за глобалното добро“, рече Пендаровски и додаде:
„Кога се во прашање нашите заеднички цели, дозволете ми да потсетам на зборовите на поранешниот генерален секретар Даг Хамаршелд, кој рече: Целите на Повелбата се израз на универзално споделени идеали што не може да потфрлат; но, ние, луѓето, можеме да потфрлиме во нивното исполнување. Со други зборови, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите членки тоа ќе ѝ го дозволат. Затоа, за да го пребродиме овој период, неопходна ни е солидарност меѓу државите, што нема да се рефлектира само на здравствен план. Мора да бидеме солидарни и во поглед на иднината, која треба заеднички да ја изградиме“.
Пендаровски смета дека трагедијата предизвикана од Ковид-19 не би смеела да се користи за кревање геополитички тензии и зајакнување на геополитичкиот натпревар меѓу големите сили. Науката мора да остане настрана од логиката на профитот, но и од разорното дејство на пропагандата и дезинформациите. Политиките фокусирани на брзи резултати секогаш имаат краткорочен ефект. Ако кризите ги третираме изолирано една од друга, само ќе ги ублажуваме симптомите, без да го излечиме човештвото. Затоа е неопходен интегрален пристап.
„Пандемијата е можност и за преструктурирање на економиите, технологиите и начинот на живеење во согласност со принципите на одржливиот развој. Сиромаштијата нема да ја искорениме само со краткорочна финансиска помош за најсиромашните, туку преку системско оспособување на тие луѓе да имаат достоинствен живот и еднакви можности да работат, да заработат, да формираат семејства. Ако постапиме спротивно на ова, јазот меѓу сиромашните и богатите ќе се продлабочува, а нееднаквоста ќе продолжи да се пренесува од една генерација на друга.
Гледаме дека веќе надоаѓа и нова генерација нееднаквости поврзани со образованието, технологијата и климатските промени, што сигурно ќе предизвика нови големи поделби во општествата. Тоа веќе го гледаме кај младите. Додека едни, разочарани од бесперспективноста, ги напуштаат своите држави, други бегаат кон инстантни задоволства и површни вредности. Државите членки мора да продолжат да се залагаат за универзално образование за сите бидејќи токму образованието е најмоќниот гарант на човековите права и слободи“, вели претседателот.
Според Пендаровски, од нашите одлуки денес, во екот на пандемијата, зависи како ќе изгледа нашиот свет по пандемијата. Ова е ретка можност, поддржувајќи ја светската организација и поддржувајќи се меѓу себе, да направиме чекори кон создавање помирен и поправеден свет, во кој ќе биде обновена вербата во хуманизмот, слободата, солидарноста и почитување на човековото достоинство. Јасно е дека само ако вложуваме во Обединетите нации, ќе успееме да изградиме подобар свет и за сегашните и за идните генерации, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Власта да покаже конструктивност заради работниците, да го поддржи Законот за 600 евра плата
Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила, кабинети и удобност за функционерите, велат од СДСМ.
„Ова е срамно и безобразно. Работниците се приморани да протестираат на улиците за поголеми плати, за достоинствен живот. Бараат минимална плата од 600 евра за да можат да ги прехранат своите семејства и да платат сметки. Законот на СДСМ за 600 евра минимална плата е на дневен ред во Собранието. Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го. Пари има. Со ребаланс на буџетот, наместо авион, наместо мебел, нови коли, луксузни кабинети, патувања, репрезентации, тендери може да се пренаменат за 600 евра минимална плата. Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

