Свет
Полицијата во Сиднеј доби поголеми овластувања во борбата против коронавирусот
Полицијата во Сиднеј доби поголеми овластувања во контрола на спроведување на мерките за заклучување и дополнителна воена помош за да го спречи забрзаното ширење на делта-сојот.
Бидејќи дури и по седум недели заклучување, бројот на новозаразени расте од ден на ден, полицијата ќе може да ги спречи граѓаните кои ги користат дупките во рестриктивните мерки за да патуваат надвор од градот.
На таквата одлука ѝ претходи појавата на неколку нови жаришта во градовите низ Нов Јужен Велс што го поттикнува стравот од неконтролирано ширење на вирусот.
Дневниот број на заболени во Нов Јужен Велс продолжува да руши рекорди – вчера се регистрирани 344 нови случаи.
Австралија во голема мера успеа да избегне голем број заболени како во многу други земји, со нешто помалку од 37.400 вкупно случаи на заболени и 944 смртни случаи.
Но, брзото ширење на делта-сојот во Нов Јужен Велс и бавното вакцинирање на населението значи дека на Австралија и понатаму ѝ се заканува можност од нов бран на инфекција.
Само околу 24 проценти од населението над 16 години е целосно вакцинирано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нов Зеланд ја пречека Новата година со огномет
Нов Зеланд ја пречека Новата година во 12 часот по средноевропско време со огномет и прослави низ целата земја.
Пред Нов Зеланд, Новата година пристигна на пацифичките острови Самоа, Тонга и Киритибати (Велигденски Остров), каде што жителите ја пречекаа 2026 година претежно на плажа или на баровите на плажите.
По нив, Новата година ќе ја дочекаат Австралија, Северна и Јужна Кореја, Тајланд, Индија, ОАЕ, Русија, Јужна Африка и поголемиот дел од Европа.
Потребни се 26 часа за целата планета да влезе во новата 2026 година, па Бразил, Њујорк и Лос Анџелес ќе бидат последните што ќе ја дочекаат Новата година.
Свет
Топ десет најлуксузни градови во светот: победникот не е изненадување
Откриен е градот што нуди најлуксузен живот во светот, а победникот веројатно нема да ве изненади. Со речиси 900 врвни ресторани и 150 петѕвездени хотели, титулата ја понесе Париз, францускиот град на љубовта и позната дестинација за сите оние што бараат гламурозно искуство, пишува Дејли Меил.
Нова студија анализираше шест индикатори за богатство и начин на живот за да ги рангира светските градови. Конечниот „индекс на луксуз“ е создаден со комбинирање на податоци за бројот на милионери и милијардери во однос на бројот на жители, како и за густината на врвни ресторани, петѕвездени хотели, луксузни продавници и казина на квадратен километар, објавува „Индекс“.
Француската престолнина го освои првото место првенствено благодарение на својата неспоредлива кулинарска сцена. Градот нуди дури 834 врвни ресторани на 100 квадратни километри, повеќе од која било друга светска дестинација. Покрај тоа, Париз се гордее со 142 петѕвездени хотели и до 10 казина во истата област.
Второто место го зазеде Мелбурн. Австралискиот град е дом на 94.000 милионери кои можат да избираат од повеќе од 100 елитни ресторани. Мелбурн, исто така, има голема концентрација на првокласни хотели (125) и луксузни продавници (143), што им нуди на богатите посетители многу опции.
На третото место е Цирих, градот што привлекува најголем број милионери по глава на жител. Речиси еден од пет жители овде има седумцифрена вредност, што го одразува статусот на Цирих како глобален центар за управување со богатството. Градот ги третира своите богати гости со 150 врвни ресторани.
Четврт на листата е Мајами, кој има приближно иста концентрација на милионери како Париз, но и значително повеќе милијардери по жител (37). Според тоа, градот нуди повеќе од 120 врвни ресторани и околу четириесет луксузни продавници за малопродажба.
Милано ги заокружува првите пет на листата. Италијанската престолнина на модата му конкурира на Париз во врвна гастрономија со 193 луксузни ресторани кои служат заедница од 82.000 милионери. Со речиси 20 петзвездени хотели и 76 луксузни продавници, Милано е идеално место за љубителите на најновите трендови.
Њујорк е втор најлуксузен град во Америка и, според студијата, има најголем вкупен број милионери и милијардери. По него следува Лос Анџелес, додека Сингапур е на осмото место како главен азиски финансиски центар. Сеул се најде на деветтото место со 66.000 милионери и 16 милијардери, а Лондон ги заокружува првите 10, потврдувајќи ја својата репутација како центар на глобалното богатство.
Топ 10 најлуксузни градови: Париз, Мелбурн, Цирих, Мајами, Милано, Њујорк, Лос Анџелес, Сингапур
Сеул, Лондон.
Свет
Напад со дронови во Одеса, најмалку четири лица се повредени, меѓу нив и седуммесечно бебе
Најмалку четири лица, од кои три се деца, се повредени во синоќешниот руски напад со беспилотно летало врз Одеса, објавија денес регионалните власти, наведувајќи дека се оштетени станбени згради и инфраструктурни објекти.
„Нападот со беспилотно летало бил насочен кон станбени згради, логистика и енергетска инфраструктура“, изјави началникот на регионот Одеса, Олег Кипер, во порака на Телеграм.
Воените власти на тој регион објавија дека меѓу повредените има седуммесечно бебе и две други деца, како и 42-годишен маж, пренесува Ројтерс.
Големото црноморско пристаниште Одеса е цел на повторени руски напади со беспилотни летала и ракети, кои ја уништуваат енергетската, сообраќајната и пристанишната инфраструктура, како и станбените делови на тој град, според медиумот.

