Македонија
Поради магла, намалена видливост на патиштата низ земјава

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Поради појава на магла, намалена видливост има на следниве патни правци:
Скопје – Куманово и Куманово – Скопје 100 – 150 метри, Скопје – Тетово – Гостивар, Струмица – Радовиш и Струмица – Валандово до 100 метри, Кичево – Охрид и Охрид – Ресен 150 – 200 метри, Струга – Дебар и Струга – г.п. Ќафасан 20 – 30 метри, на планинскиот премин Ѓавато 20 – 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Владата работи спротивно на интересите на граѓаните, Радовиш е една од општините каде може да победиме

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера се сретна со граѓаните и членовите на СДСМ во Радовиш, каде што испрати силни пораки за актуелната состојба во државата и идните предизвици.
„ВМРО-ДПМНЕ не ја води државата како што треба, тоа ние го знаевме и граѓаните го гледаат тоа. Граѓаните веќе ги гледаат и чувствуваат лошите политики. Но тоа не значи дека по автоматизам ќе ни ја вратат нам довербата“, истакна Филипче.
Тој порача дека Македонија има Влада која работи спротивно на интересите на граѓаните и на државата.
„Имаме работа со Влада којашто како никогаш досега во историјата на земјата работи спротивно на интересите на граѓаните и на државата. Што и да прават, колку и да ја ставаат на максимум својата пропаганда којашто на некој начин е фабрика на илузии, тоа граѓаните не може да ги залаже“, изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека економската состојба станува сè потешка за граѓаните, додека Владата не презема мерки за подобрување на стандардот.
„Луѓето не можат да врзат крај со крај со платите коишто Владата никако не сака да ги зголеми. Младите само планираат како да се иселат од земјата, тоа се нивните разговори“, рече Филипче.
Говорејќи за Радовиш, Филипче изрази цврста верба во успехот на претстојните избори.
„Радовиш е еден од градовите каде што може да победиме на изборите – цврсто сум убеден. Затоа што знаеме што не доведе до тука и сме тргнати по патот на корекција на работите и тоа го приметуваат луѓето. Ако продолжиме вака, да знаете дека успехот е загарантиран“, порача Филипче.
На крајот, тој упати апел до членството за заедништво и мобилизација.
„Да работиме заедно, да се поддржуваме еден со друг, нас партијата ни е семејство. Да го мобилизираме целокупното членство, сите околу нас“, истакна претседателот на СДСМ.
Македонија
Интерпелацијата на Тошковски на дневен ред во Собранието

Пратениците денеска треба да расправаат за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од пратеничката група Левица. Пленарната седница е закажана во 11 часот.
Левица ја поднесе интерпелацијата на 14 април поради тоа што, како што велат од партијата, Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.
Од Левица велат дека интерпелацијата е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени. Според партијата, МВР потфрлило и во тоа што долг период во истрагата не биле вклучени функционери и носители на функции блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Марш за ангелите“ – семејствата на жртвите во пожарот во Кочани на протест во Скопје

Семејствата на загинатите во трагичниот пожар во Кочани за денеска најавија протестен „Марш за ангелите“ во Скопје.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со ‘фати, па пушти’, без да има јасно образложение за таа законска процедура и што се создава во нашите мисли, кои се на работ на себеуништување“, се истакнува во писменото известување од семејствата.
Во повикот е нагласено дека тие и понатаму ќе бараат одговори за насилната смрт на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на Македонија.
Маршот, според најавите, ќе почне пред Oбвинителството во Скопје во 12.05 часот како симболика за задоцнетата реакција на институциите, а ќе продолжи кон плоштадот Македонија и ќе заврши пред Собранието.