Македонија
Протест против полициската бруталност во Битола
Повеќе граѓански организации за денеска во Битола најавија протест против полициската бруталност, за кој повод е завчерашниот инцидент во кој полицајци претепаа тројца битолчани од ромска националност што претходно предизвикале сообраќајна несреќа.
Граѓаните ќе се движат од Главната пошта во Битола до седиштето на битолската полиција. Протестот го организаира иницијативата „Аваја“ заедно со здруженијата, „Ромалитико“, „Романо Авази“, „Ромаверзита“, „Баирска Светлина“, „Сумнал“, „Ромско Јато“.
На социјалните мрежи се најавува и протест за поддршка на полицајците. Тој е најавено дека ќе се одржи во среда, со барање да се повлечат кривичните пријави и дисциплински постапки против полициските службеници кои „биле нападнати и неправилно суспендиран“. Најавено е дека демонстрантите ќе се движат по Широк Сокак, а протестот ќе заврши пред СВР Битола и Јавното обвинителство.
МВР вчера поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал против еден од полициските службеници поради физичко насилство.Против него е покрената и дисциплинска постапка и суспензија од работа.
И против неговиот колега кој го гледал тепањето. а не презел ништо е покрената дисциплинска постапка и е суспендиран од работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул на веб-страницата за изразување интерес за соработка на лекари кои работат или специјализираат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

