Регион
СЗО загрижена: короната зеде замав, расте бројот на заразени и починати во регионот
Бројот на заразени од Ковид-19 расте насекаде во светот, а некои земји почнаа да воведуваат построги мерки и забрани. Големо зголемување на бројот на инфицирани и починати има и во регионот. Светската здравствена организација објави дека ситуацијата предизвикана од коронавирусот во Европа предизвикува голема загриженост.
#BREAKING Europe virus situation ‘raises great concern’: WHO Europe pic.twitter.com/dy3pJMFoQF
— AFP news agency (@AFP) October 15, 2020
Развојот на пандемијата на Ковид-19 во Европа е многу загрижувачки иако ситуацијата не е како во март и април, предупреди европскиот разгранок на СЗО.
„Бројот на случаи расте секој ден, како и бројот на приеми во болница. Ковид-19 сега е петта причина за смрт и е достигнат прагот од 1.000 смртни случаи на ден“, рече Ханс Клуж, директор на европскиот разгранок на Светската здравствена организација, на онлајн прес-конференција.
Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 793 нови случаи на инфекција од коронавирусот, а бројот на активни случаи во Хрватска е вкупно 3.562. Починаа 10 лица, што е најголем број на смртни случаи во последните 24 часа од почетокот на епидемијата.
Вчера, беа регистрирани девет починати и рекордни 445 нови случаи на Ковид-19 во земјата. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 21.636, бројката на оздравени пациенти е 16.591, на починати е 809, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 4.236.
Никогаш повисоки не биле ниту бројките на заразени во БиХ. Во последните 24 часа во Босна и Херцеговина регистрирани се рекордни 567 новозаболени лица. Од тоа, 386 се во Федерацијата и 181 во Република Српска. Пријавени се вкупно 14 смртни случаи.

Рекорден број новозаразени од коронавирус е регистриран и во Словенија – 745. Ова е втор ден по ред како рекорден број новоинфицирани од Ковид-19 е забележан во таа земја, во која сега има над 10.000 заразени, објави СТА. Вкупниот број на смртни случаи е 176.
Словенечката влада вчера најави нови драстични мерки поради епидемијата на коронавирусот. Од понеделник наставата од петто одделение од основно училиште па нагоре ќе се одвива од далечина. Од петок ќе се воведат ограничувања на движењето помеѓу црвените статистички региони во земјата, кои се вкупно седум. Во овие региони носењето маски ќе биде задолжително насекаде, ќе се ограничи работата на одредени услужни и спортски дејности, а собирањето повеќе од десет лица ќе биде забрането, пренесуваат словенечките медиуми.

Рекорд и во Бугарија, каде што има 819 новозаразени од коронавирусот. Тоа е првпат бројот на новозаразени од коронавирусот во Бугарија да надмине 800. Вкупниот број заразени во Бугарија достигна 26.593, според податоците објавени на официјалната веб-страница coronavirus.bg. Во моментот има 9.175 активни случаи на инфекција, а стапката на позитивност е 13,88, според агенцијата БТА. Хоспитализирани се 1.380 пациенти со коронавирус, а 67 од нив се на интензивна нега. Пријавени се уште шест смртни случаи, а од почетокот на пандемијата починале вкупно 929 лица.
Во Романија се регистрирани 4.013 нови случаи на инфекција, објави групата за стратешка комуникација. До денеска 168.490 случаи на инфекција со коронавирус се потврдени во Романија, пренесува романската агенција „Агерпрес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

