Регион
Србија потпишала договор за речиси 10 милиони дози вакцини
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека Србија има потпишано договори за повеќе од 10 милиони дози вакцини и дека досега има добиено речиси два милиона. Тој во емисијата „Хит твит“ на ТВ „Пинк“ рече дека треба да пристигнат 41.000 дози од вакцината „Фајзер“, потоа вакцината на „Астра зенека“, а потоа 50.000 вакцини од втората доза на руската вакцина „спутник В“. Но, според него, Србија сè уште не добила вакцини од Ковакс-програмата, туку сè си набавила сама, ништо не добила подарок и ништо не ѝ паднало од небото.
„Со целата благодарност до кинеските пријатели, британските пријатели, пријателите од ОАЕ и до руските пријатели, успеавме да го овозможиме тоа“, рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија има вакцини и дека ќе има повеќе вакцини. Зборувајќи за производството на вакцината „спутник В“ во Србија, тој рече дека руските експерти се задоволни од Институтот „Торлак“ и дека Србија сака да произведе уште неколку вакцини и дека мора да се подготви за тоа инфраструктурно и стратешки.
„Нашата процена е дека можеме да произведеме 20 милиони дози, потребни ни се пет-шест милиони, а остатокот можеме да го продадеме во регионот“, рече Вучиќ за производството на вакцините „спутник В“.
На прашањето за вакцините што Србија ѝ ги даде на Северна Македонија, Вучиќ рече дека за тоа се потребни многубројни дозволи не само за вакцината на „Фајзер“ туку и за која било друга вакцина.
Тој рече дека некои од луѓето од Република Српска ќе бидат вакцинирани во Србија и ќе се види дали Србија може да им даде дел од вакцините, а се разгледува и можноста да ѝ се помогне на Црна Гора во врска со тоа прашање. Вучиќ додаде дека е направен обид да се скрие дека за време на пандемијата Србија ѝ помогнала на една земја на ЕУ бидејќи се знае кој може да помогне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

