Свет
Страотна судбина на мигрантите: Момче пронајдено како едвај дише со расечен врат во прегратките на својот починат татко
Десетгодишно момче e пронајдено едвај живо, со расечен врат како лежи во рацете на починатиот татко во сојузната држава Веракруз во Мексико. Ужасниот настан ја шокираше Америка, а вознемирувачките фотографии објавени на Си-ен-ен покажаа дека момчето на вратот има долга рана од 7 сантиметри. Трагедијата на најлош можен начин го илустрира очајот на многу луѓе од Централна Америка.
Таткото и момчето од Гватемала биле нападнати од членови на картели додека патуваа низ Веракруз во Мексико на нивниот пат кон САД, изјави претседателот на мексиканската организација за борба против човековите права Раул Хернандез. Момчето Кристијан (10) и неговиот татко Руди (37) го напуштиле домот на 28 мај годинава во потрага по подобар живот. Со нив патувале и братот на Руди и неговиот син тинејџер. Тие му платиле на криумчар на мигранти да ги однесе во САД, но тој ги оставил во Мексико, каде што биле киднапирани од припадници на наркокартелот Лос Зетас.
Пабло Оједа Карденас од Министерството за внатрешни работи во мексиканската држава Моралес изјави дека киднаперите, наводно, се јавиле на семејството на киднапираните во САД и побарале откуп од 12.000 долари. Семејството успеало да собере 8.000 долари, но киднаперите повеќе не им одговориле.
Неколку дена подоцна, на 6 јули, Кристијан и неговиот татко биле пронајдени како лежат на патот, оставени да искрвават до смрт. Таткото Руди починал наскоро, додека неговиот син бил пронајден каков едвај дише. Мексиканските власти објавија дека вујкото и неговиот син успеале да избегаат и се безбедни. Кристијан бил префрлен во болницата каде што му е обезбедена целосна лекарска грижа. Тој бил опериран и, според медиумите, закрепнува. Исто така добива и психолошка помош.

Мигрантите кои патуваат низ Мексико често се цел на криминалци и стануваат жртви на кражби, изнудување, силување и убиство. Во 2010 година во североисточниот дел на Мексико беше откриена масовна гробница со 72 тела на мигранти, 58 мажи и 14 жени. Мексиканските власти велат дека веруваат дека тоа главно се однесува на граѓаните на Хондурас и Ел Салвадор, но има и луѓе кои доаѓаат од Еквадор и Бразил.
Покрај криминалците, на мигрантите им се закануваат и други опасности. Неодамна, светот ја виде фотографијата на Оскар Алберт Мартинез и неговата двегодишна ќерка Енџи Валери како лежат во калта во близина на градот Матамороса во Мексико. Еден ден претходно, тие се удавиле при обидат да ја преминат реката Рио Гранде и да дојдат во Тексас.
Министерот за надворешни работи на Гватемала изрази сочувство до семејството на Кристијан и вети дека ќе ги плати сите трошоци за превоз на телото во земјата и на погребот. Тројцата преживеани имаат две опции – да останат во Мексико со хуманитарна виза или да се вратат во Гватемала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Словачка го прекина снабдувањето со електрична енергија за Украина
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, побара од операторот на електричната мрежа денес да го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта низ нафтоводот „Дружба“ не продолжи.
„Од денес, доколку украинската страна се обрати до Словачка со барање за помош за стабилизирање на украинската енергетска мрежа, нема да добие таква помош“, рече Фицо во соопштението.
Фицо рече дека мерката ќе биде укината штом ќе продолжи транзитот на нафта во Словачка.
Украински беспилотни летала погодија руска пумпна станица што го опслужува клучниот нафтовод „Дружба“ за снабдување на Источна Европа со сурова нафта од Москва, изјави денес украински безбедносен службеник.
Нападот, најновиот во серијата украински напади на трасата, се заканува дополнително да ги ескалира тензиите меѓу Украина и нејзините соседи Унгарија и Словачка, кои го обвинија Киев дека се обидува да го блокира протокот на нафта преку цевководот до нивните рафинерии.
Испораките на руска нафта за Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, кога Киев објави дека руски напад со беспилотни летала ја погодил опремата на нафтоводот во западна Украина. И покрај речиси четиригодишната војна со Русија, Украина продолжи да го олеснува транзитот на руска нафта преку цевководи низ нејзината територија, иако го запре транзитот на руски гас на почетокот на минатата година.
Унгарија и Словачка се заканија дека ќе го прекинат снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта не продолжи. Електричната енергија од Унгарија и Словачка сочинува околу 70 проценти од увозот на Украина и е исклучително важна за земјата.
Свет
Во Италија пронајдени белешки на Мусолини од средба со Хитлер
Белешки од фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини од средбата со Адолф Хитлер во 1944 година се пронајдени во Ииталија, објавија денес германските медиуми.
Хартијата со белешките, за кои е недвосмислено потврдено дека се на Мусолини, била запленета од специјален тим карабинери пред документот да биде понуден на аукција во Торино. Документот потоа бил префрлен во Државниот архив во Рим. Специјалистите ги окарактеризирале белешките како „документ од исклучително историско значење“.
Тоа е хартија со рачно напишани поглавја за „воени сили“, „политика“ и „економија и труд“, и е документот што Мусолини го користел за време на неговата средба со Адолф Хитлер на 22 април 1944 година, во замокот Клајсхајм во близина на Салцбург.
За потсетување, Бенито Мусолини беше премиер до капитулацијата на Италија во 1943 година. После тоа, Хитлер го назначи за шеф на марионетска фашистичка држава. Италијанските партизани го уапсија Бенито Мусолини во април 1945 година додека се обидуваше да избега во Швајцарија и го застрелаа.
фото/Википедија
Свет
Белата куќа: Ги зголемуваме тарифите за увоз од ЕУ
Тарифа од 15 проценти ќе биде воведена за увоз од Европската Унија во Соединетите Американски Држави, изјави висок функционер на Белата куќа.
Основата за новата стапка е глобална царинска наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп по одлуката на Врховниот суд, рече функционерот.
„Сепак, ова е само привремено бидејќи администрацијата ќе побара од други правни лица да спроведат посоодветни или претходно договорени царински стапки“, рече функционерот. „Дотогаш, очекуваме сите земји да продолжат да се придржуваат кон своите обврски според трговските договори за намалување на трговските бариери и други отстапки, кои не се променети“, додаде тој.
Врховниот суд на САД во петокот зададе голем удар врз трговските политики на Трамп, пресудувајќи дека основата за повеќето од царините наметнати на речиси сите трговски партнери е нелегална.
По одлуката на Врховниот суд, Трамп прво објави глобална царина од 10 проценти за увозот од САД во петокот, пред да ја зголеми на 15 проценти во саботата.
Претседателот на САД повторно го критикуваше Врховниот суд. „Судот, исто така, ги одобри сите други царини, од кои има многу, и сите тие можат да се користат на многу помоќен и понепријатен начин, со правна сигурност, од царините како што првично се користеа“, напиша Трамп во објава на социјалните медиуми.
фото/Depositphotos

