Македонија
Студентските домови под секое достоинство – покривите прокиснуваат, топла вода нема ни за лек
Во студентскиот дом „Стив Наумов“ често нема топла вода, голем дел од радијаторите не функционираат, а покривот прокиснува на повеќе места. Хигиената во дворот е на катастрофално ниво, опремата со која работат вработените е стара и нефункционална и има сериозен недостиг од кадар. Студентите особено се жалат на зимскиот период кога условите за престој се под секое човечко достоинство.

Во домот „Кузман Јосифовски Питу“ приоритетна е реконструкцијата на кујната и набавки на нови апарати. Кујната е во лоша состојба, рерните не работат, прокиснува плафонот и има стари апарати кои со години не функционираат, но зафаќаат место. Има недостиг на вработени, а условите во соблекувалните и во работниот простор се многу лоши. Студентите најмногу се незадоволни од квалитетот на храната. Ова се само дел од пробемите кои ги воочиле надлежните при денешнаат посета на студентските домови во Скопје. Директорот на студентските домови во Скопје, Дарио Николовски, ги посети вработените и студентите во домовите „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“, со цел да се запознае одблиску со проблемите со кои тие се соочуваат за да се дефинираат приоритетните активности и реконструкции за оваа година.

„ВМРО-ДПМНЕ целосно ги запоставило овие студентски домови, но работите итно ќе ги менуваме на подобро. Многу брзо ќе излеземе со план и рокови за решавање на најгорливите проблеми. Најпрво е потребно обезбедување основни услови за пристоен престој и работа, а потоа и сериозни реконструкции и потфати за модерно студентско домување. Оваа недела ќе ги посетам сите домови со цел подобро да се запознаам со проблемите за да почнеме со нивно итно решавање“, истакна по посетата Николовски. Тој најави реализација на истражување со студентите кои претстојуваат во домовите, а ги има повеќе 2.200. Целта на новото раководство, како што рече тој, е да го слушне мислењето на студентите и нивните приоритети, а потоа согласно со тоа да се дефинираат приоритетните активности и да се решаваат најважните проблеми. Денеска тој продолжува со посети на домовите „Гоце Делчев“ и „Невена Георгиева Дуња“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

