Македонија
Филипче: Вирусот е непредвидлив, есента носи ризици – да бидеме поодговорни и претпазливи
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во обраќање до јавноста истакна дека светската здравствена криза предизвиката од Kовид-19 е најголемата во последните 100 години. Оваа криза донесе тага за оние кои ги загубија своите блиски, економска неизвесност за сите нас и огромна промена во нашите животи.
Шест месеци откога се регистрира првиот случај во нашата земја, тој се заблагодари за силата и поддршката која граѓаните ја даваат во борбата со вирусот.
„Со почитување на мерките за заштита на сопственото здравје, освен што се штитите себеси и своите блиски, давате личен придонес во напорите на здравствените работници кои секојдневно се борат за секој еден човечки живот. Знам дека животот со вирусот изморува и разбирам колку е тешко што можеби работите не се онакви какви што би сакале да бидат.Но, ова нема да трае вечно. Од ден во ден, сме се поблиску до надминување на кризата“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека треба да бидеме свесни дека ни претстои уште еден период во кој мора да се штитиме уште повеќе и уште подисциплинирано да ги почитуваме мерките.
Филипче изјави дека есента носи многу ризици, а вирусот докажа дека е исклучително непредвидлив. Затоа, тој упати апел сите да бидеме максимално претпазливи.
„Мерките за лична заштита се јасни и веќе многу добро познати. И не се тешки за почитување, во тоа сум сигурен. Потребно е само прифаќање на реалноста и верба дека, доколку доследно се придржуваме кон нив, ова ќе помине. Дека ќе успееме, а успехот ќе биде наш, заеднички. Сакам да ве уверам дека како министер правам се што е потребно да се подготвиме за есенскиот период. Ги зајакнуваме болничките капацитети и кадарот. Новата Влада максимално ќе ги насочи ресурсите кон здравството со цел поддршка на здравствените работници и обезбедување на добри здравствени услуги за сите граѓани. Сакам уште еднаш да им се заблагодарам на моите колеги – здравствените работници и сите кои неуморно работат во надминување на кризата. Вашиот труд и посветеност нема да бидат заборавени“, посочи Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

