Македонија
Фон дер Лаен и Меркел: На Северна Македонија и на Албанија мора да им се обезбеди перспектива во ЕУ
Идната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и германската канцеларка Ангела Меркел, вечерва, од Берлин, порачаа дека на земјите од Западен Балкан мора да им се обезбеди перспектива во ЕУ. Најавени се нови специјални проекти за соработка и помош со Северна Македонија и Албанија за да се намали разочарувањето од неуспехот да се добие почеток на преговорите со ЕУ.
Фон дер Лаен вечерва во Берлин одржа заедничка прес-конференција со германската канцеларка, Ангела Меркел, на која и двете политичарки уште еднаш го потенцираа значењето на европската перспектива за земјите од Западен Балкан.
„Цврсто сум убедена дека за нас е од големо стратегиско значење да го приближиме Западен Балкан што поблиску до ЕУ. Сè додека не може да се отворат пристапните преговори со сите сили, ќе се обидувам да развивам заеднички проекти кои по патот на потесната соработка ќе ги приврзат земјите од Западен Балкан поблиску до нас. Ако ние не го сториме тоа, некои други ќе го искористат вакуумот, а тоа не го сакаме. Албанија и Северна Македонија презедоа неверојатни напори за да ги исполнат критериуми што ние од нив ги баравме“, рече Фон дер Лаен.
И Меркел ја критикува блокадата на Франција. „Уште еднаш кажав дека од стратегиски европски интереси сметам дека е од екстремна важност овие земји да не ја загубат надежта за членство во ЕУ“, рече Меркел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

