Македонија
(Фото) Мечка нападна сточар на планината Мукос, во атарот на село Оморани
Центарот за управување со кризи информира дека имало опасен напад од мечка на возрасен човек, 61-годишник, на планината Мукос, кај месноста „Сеча“, во атарот на село Оморани на територија на Општина Чашка, што се завршил за среќа само со телесни повреди (на грбот и телото) и каснувања (на двете нозе, на едната посериозно), а можел да биде и фатален.

Повредениот, блиските од семејството информираа во комуникација со ЦУК, дека бил под многу голем стрес, при што при првиот контакт со нив. Кога отишле кај него, не можел и да комуницира, велат од ЦУК.

Сточарот при нападот од мечаката успеал, инстиктивно, после неговото соборување на земја, со нозете да се одбрани, а го бранеле и неговите две помали кучиња. Притоа, се здобил само со повреди, а ситуацијата била сериозна, бидејќи мечката при повеќекратниот напад се обидувала да го зграпчи и да го касне на стомакот, што можело да биде фатално, информираа блиските. Потоа, по нападот, лицето, дури имало сила, се вратило назад во неговата „Колиба“, заедно со стадото крави, но таму папсало, изгубило сила, а и најверојатно заради претрпениот шок не се јавило веднаш за помош, при што поминало цело едно деноноќие, известува ЦУК.

Блиските од семејството, при комуникацијата со ЦУК, информираа дека мечката го напаѓала стадото и другпат, но овојпат директно го нападнала сточарот, кога тој доцна попладне во неделата го враќал стадото крави од пасење. Истата мечка во последните три години постојано го напаѓала стадото, при што само во последната година има убиено три крави и неколку телиња. Повредениот сточар, бидејќи не се јавил дома од неделата (08.04.2024), а неговите блиски од семејството не можеле да го добијат на телефон, загрижени отишле директно на планината во „Колибата“ кај стадото крави и таму го затекнале под голем стрес и повреден.

Примарно го згрижиле и веднаш го однеле во болница (ЈЗУ Општа болница Велес – хируршко одделение), каде што му е пружена соодветна медицинска нега и му се дадени лекарства. Неговите нозе, покрај раните од каснувањата биле и отечени од ударите при борбата да не го касне на стомак и да го повреди повеќе. На едната нога имал и помала скршеница и таа му била соодветно преврзана со медицински средства. Денеска, по одењето во болница и добивањето соодветна медицински третман и медикаменти, повреденото лице од напад на мечка, доцна попладне ја напуштило болницата и е на домашно лекување во својот дом во село Дреновци во Општина Прилеп.

ЦУК ја следи состојбата на повредениот преку комуникација со неговите блиски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.

