Македонија
„Фронт 21/42“: Експанзијата на мали хидроцентрали се заканува трајно да ги уништи нашите реки
„Фронт 21/42“ се приклучува кон манифестот потпишан од над 150 европски невладини организации, со кој се бара од Европската Унија, Европската инвестициска банка и од Европскиот парламент да запрат со поддршката и финансирањето нови хидроцентрали.
Одбележувајќи го Светскиот ден на миграција на рибите, „Фронт 21/42“ заедно со организации како WWF – Светскиот фонд за природа, Climate Action Network Europe и BirdLife, алармираат за штетите што произлегуваат од изградбата на нови хидроцентрали во Европа.
„Токму на европскиот континент сведоци сме на најголемо уништување на реките и предизвикување речна фрагментација, со што се загрозуваат слатководните екосистеми, а истовремено нема значаен придонес во борбата против климатските промени“, се вели во соопштението.
Невладините ја потсетуваат ЕУ дека поддршката за нови хидроцентрали е во спротивност со целите за биодиверзитет на новиот европски зелен договор. Во Европа популацијата на слатководни риби што мигрираат е намалена 93 % од 1970 година до денес. Хидроенергетските проекти се најголемиот виновник за колапсот на екосистемите, а сепак во моментот над 5.500 нови проекти се во процес на планирање или изградба. Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани.
„Енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија е неоправдана преку проекти како хидроцентралите со кои се уништуваат последните слободни реки и уникатниот биодиверзитет, особено кога енергетските придобивки се незначителни. Во моментот 9 од 10 нови или планирани хидроцентрали имаат капацитет помал од 10 мегавати – овој незначителен удел во производството на електрична енергија зад себе остава пресушени реки, блокирани миграциски патеки на рибите, уништени речни екосистеми и локално население без вода за пиење и наводнување. И покрај постојната легислатива, чија цел е заштита на водните живеалишта и биодиверзитетот, гринфилд-хидроцентралите се градат со забрзано темпо, и тоа најчесто преку јавна финансиска помош“, велат од еколошката организација.
„Фронт 21/42“ се приклучува кон барањето до Европската Унија, Европската инвестициска банка и до Европскиот парламент да запре финансирањето нови хидроцентрали. Бараме тие средства да се пренаменат за модернизација, еколошка трансформација на постојните централи, за отстранување на застарените брани, како и за премин кон обновливи извори на енергија што немаат негативно влијание врз природата. Сметаме дека новите хидроенергетски проекти не треба да бидат субвенционирани од државата, ниту финасирани од меѓународните финансиски институции (ЕИБ, ЕБОР; Светската банка). Во нашиот регион се наоѓаат последните слободни реки на европскиот континент, но, за жал, драматичната експанзија на мали хидроцентрали се заканува трајно да ги уништи нашите реки и уникатниот живот во нив.
„Во моментот на територијата на Македонија изградени се 9 големи и над 70 мали хидроцентрали, кои се оперативни, но според издадените концесии, таа бројка ќе се искачи на речиси 120 хидроцентрали, од кои една третина се во заштитени подрачја. Збирната инсталирана моќност од малите хидроцентрали изнесува 106,32 MW, што е удел од 5,12 % во вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија на државата. Истражувањето, кое во 2015 година го спроведе „Бенквоч“, утврди дека најголем број од проектите финансирани од меѓународните финансиски институции во заштитени подрачја се токму во Македонија, а притоа се забележани видливи прекршувања на националните прописи, закони и меѓународни стандарди.
Малите хидроцентрали се финансираат преку сметките за струја во форма на повластени тарифи – 6 % од парите што ги плаќаат граѓаните се наменети за субвенционирање на малите хидроцентрали, односно самите ние плаќаме за уништување на нашите реки. Без поттик од субвенциите, 90 отсто од постројките едноставно би биле нерентабилни. Субвенциите го направија бизнисот со малите хидроцентрали многу рентабилен – за градежните фирми, за банките, и веројатно, најмногу за инвеститорите. Во последните 10 години државата за мали хидроцентрали издвоила 72 милионa евра. Бизнисот со малите хидроцентрали го водат мал број фирми кои прават милионски заработки, а концесиите често изобилуваат со законски прекршувања. Во НП „Маврово“ плановите за мали хидроцентрали продолжуваат и покрај препораките на Бернската конвенција од 2017. Нашето приклучување кон манифестот е дел од поголемата европска борба за прекин на финансирањето и изградбата на нови хидроцентрали, со цел да си ги зачуваме реките и уникатното богатсво на животот што тие го одржуваат, се вели во соопштението на еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

