Македонија
Шкријељ: Нема да дозволиме граѓаните поради предизборни препукувања да останат без нивните права
Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска на прес-конференција во Владата повика на конструктивност и соработка со техничката министерка од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, во интерес на граѓаните. Шкријељ рече дека функционирањето на институциите во предизборниот период и техничка Влада е врвен приоритет на Владата и недозволиво е граѓаните да бидат жртви на меѓупартиските препукувања и манипулации во овој предизборен период, бидејќи тоа не е одлика на прогресивните влади.
„Министерството за труд и социјална политика, со техничката Влада доби нов технички министер, но и дополнителен заменик-министер. Тоа нема да има никакво влијание врз спроведувањето на планираните активности на министерството. Во овој период не смее ниту еден процес да запре, а најмалку да бидат оштетени граѓаните. Би сакала да ги уверам граѓаните дека и понатаму ќе продолжи исплатата на социјалната помош и другите права коишто им следуваат согласно законите за социјална и детска заштита и за социјална сигурност на постарите лица. Социјалната реформа, којашто е една од најуспешните политики на оваа Влада, дава одлични резултати, 27.000 семејства земаат во просек за 300 % повисока социјална помош, детски додаток земаат 27.000 деца, образовен над 8.000 деца, право на социјална пензија досега имаа остварено 4.171 возрасно лице. Никој нема да им ги ускрати овие права на граѓаните, ниту смее да ги користи за предизборни манипулации“, рече Шкријељ.
Таа ги повика стечајните работници од утре да се пријавуваат во центрите за вработување за да го остварат правото на месечен надоместок до пензионирање, затоа што Собранието ги изгласа и последните законски измени.
„Нашите проценки се дека овој надоместок ќе може да го искористат уште околу 1.000 стечајни работници. Владата за две и пол години со неколку измени и дополнувања на Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминанта сопственост на државата, успеа материјално да обезбеди вкупно 12.000 стечајци, а претходната Влада за 11 години обесштети вкупно 4.000 стечајни работници. Никој нема да биде изоставен од остварувањето на ова право“, рече Шкријељ.
Оваа Влада се грижи и ги почитува граѓаните и нема да ги злоупотребува институциите да прави предизборни притисоци врз нив. Затоа ја повикувам техничката министерка на ВМРО-ДПМНЕ за труд и социјална политика да соработуваме во периодот до 12 април и граѓаните да ни бидат на прво место, бидејќи прогресивните сили така ја водат државата. Одлика на прогресивните општества е функционирање на институциите без притисоци, владеењето на правото и демократијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

