Македонија
Времето денес променливо облачно, утре со пониски температури

Променливо облачно со слаб локален дожд ќе биде времето денес според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи.
Ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од западен правец, кој попладне во северните делови ќе го промени правецот во северен.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени, велат од УХМР
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Ветерот во Скопје ќе биде умерен до засилен и ќе доаѓа од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во недела, пак, ќе дува засилен северен ветер што ќе услови опаѓање на температурата. Поради разведрувањето минималните температури во првите два дена од следната седмица на повеќе места ќе се спуштат под нула.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре, без вода делови од скопски Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( Вторник ) поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот. (општина Аеродром )
Македонија
Азири: Дали Османи прави било што во својата политичка кариера ако нема личен ќар за себе или за неговите најблиски

На денешната прес-конференција, портпаролот на Локалниот штаб на „Вреди“ во Чаир, Сабри Азири, беше пред гинеколошката болница “Мајка Тереза“ во Чаир.
„На минатата прес конференција објавивме дека Бујар Османи, на државни функции поминал вкупно 3.672 дена или 10 години и 22 дена. Во тој долг период, учинокот на Бујар Османи за жителите на Чаир изгледа вака: Нула денови за чаирчани, но два дена со Сергеј Лавров во Скопје. Нула денови за чаирчани, но цела недела со Никола Груевски во Будимпешта. Нула вработувања за чаирчани, но затоа сопруга вработена во АЕК, сестра во М-НАВ и развиен бизнис за неговиот брат“.
Според Азири иронијата е во тоа што, наместо чаирани да добијат модерна гинеколошка болница и подобра здравствена услуга, тие добија уште еден симбол на корупцијата.
„Меѓутоа, на таа прес-конференција испуштивме еден проект кој е заштитен знак на неговата кариера како министер за здравство, а е директно поврзан со Чаир. Тоа е фамозниот проект за реконструкција на гинеколошката болница „Мајка Тереза“, во Чаир, чиј епилог заврши со коруптивен скандал познат како “Пациент“, за злоупотреби во вредност од над 21,6 милиони денари или околу 350 илјади евра. Иронијата е што наместо Чаирчани да добијат современа гинеколошка болница и подобра здравствена услуга, тие добија уште еден симбол на корупција. Наместо објект што ќе им служи на мајките и децата, Чаир остана со недовршен проект и со дамка која до денес го следи”, истакна Азири.
Тој постави и дилема дали Бујар Османи направил нешто во неговата кариера, имајќи предвид дека со децении не ветил ништо, а денес им ветува проекти на жителите на Чаир.
„Само од овој предмет логично се наметнува дилемата – Дали Бујар Османи прави било што во својата политичка кариера ако нема личен ќар за себе или за неговите најблиски? Со кој образ денес Бујар Османи им ветува проекти на жителите на Чаир, кога тогаш, кога имаше цела деценија во централната власт, буквално не мрдна со прст за своите сограѓани?
Жителите на Чаир не забораваат. Точно знаат кој е навистина со нив цело време, а кој доаѓа кај нив само пред избори. На 19 октомври Бујар Османи ќе биде пациентот на гласачите на Чаир, кои масовно ќе му ја отворат излезната врата од политиката”, нагласи Азири.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Цинизам и хипокризија е да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија, оставајќи го пред портите на Европската Унија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на годинешната средба на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“, којашто се одржа во Драч, Република Албанија.
Укажувајќи на неодржливоста на предолгото чекање на Западен Балкан пред портите на Брисел, заради насушната потреба од проширување на ЕУ со сите европски држави во функција на зајакнување на нејзината улога, како и заради зголемување на отпорноста на трети влијанија, Сиљановска-Давкова истакна дека е цинизам и хипокризија да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија, оставајќи го пред портите на Европската Унија.
Претседателката потенцираше дека годинава, за разлика од лани, Декларацијата е усвоена со консензус на лидерите на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“.
За неа, соработката е неопходна заради решавање на заедничките проблеми, како: егзодусот на младите, опасноста од стагнирање на економијата и надминување на безбедносните предизвици.
„Верувам во добрата волја, верувам во добрите намери, верувам во посветеноста на Хрватска и Словенија на процесот и нивната посебна одговорност кон регионот и неговото забрзано чекорење кон ЕУ“, заклучи претседателката Сиљановска-Давкова.
Иницијатори на „Процесот Брдо-Бриони“ се Република Хрватска и Република Словенија. Во процесот, покрај нас, вклучени се и: Република Црна Гора, Република Србија, Република Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
Претседателите на овие земји се состануваат најмалку еднаш годишно. Следниот состанок ќе се одржи во Република Хрватска.