Македонија
Борисов за ФАЦ: Можен е компромис, но мора да се познава и историјата
Единствената земја, која го посакува почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ повеќе од Германија, е Бугарија, вели во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг, бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тој смета дека најголемиот проблем е тврдењето за постоење на македонско малцинство во Бугарија, а Македонците ги смета за преобратени Бугари.
Запрашан дали има излез од актуелната ситуација во која Софија го блокира почетокот на преговорите, Борисов говори за прашањето за македонското малцинство во Бугарија. „За мене беше големо изненадување последната Резолуција на Европскиот парламент за Бугарија во која беше отворена темата за наводно македонско малцинство во Бугарија. Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство, ве молам, да има во Бугарија? Јас не познавам такво.
„За првпат од таа резолуција дознав дека такво нешто постои. А тоа што бугарските социјалисти во Европскиот парламент гласаа за Резолуцијата, покажува дека тие мислат дека такво малцинство живее кај нас. Наместо да имаме позитивна дебата за европскиот пат на Република Северна Македонија, сега се наметнува една сосема поинаква дебата. Морам да кажам дека мене ваквиот развој ми предизвикува голема загриженост“, вели Борисов.
Откако новинарот на ФАЦ го потсетува дека никој од македонската влада, ни премиерот Зоран Заев, ниту вицепремиерот Никола Димитров не тврдат дека постои македонско малцинство во Бугарија, Борисов вели: „Можен е компромис. Јас ги вложувам сите сили во тоа. Правиме се што можеме, за нашата билатерална историска комисија да изнајде компромис.Секогаш велев дека иднината е важна. Но, мора да се познава и историјата. Бугарските комунисти и од сталинистичка Москва контролираната комунистичка Интернационала по Втората светска војна сакаа од идеолошки причини Бугарите во Македонија насилно да ги претворат во Македонци. Тамошните Бугари беа принудувани да се нарекуваат Македонци. Доколку во текот на процесот на пристапување кон ЕУ се појават погрешни претстави и јас не реагирам, моите политички противници ќе речат: Борисов ја продава бугарската историја и попушта пред притисокот на европските партнери“, вели Борисов за ФАЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

