Економија
„Еуромакс“ убедува дека нема да користи цијанид и сулфурна киселина
Компанијата „Еуромакс ресоруцес“, концесионер на проектот „Иловица-Штука“, соопшти дека пред речиси 200 жители од општините Босилово и Ново Село ги претставила економските придобивки и мерките за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот „Иловица-Штука“. Со тоа „Еуромакс“ продолжува со информативните средби со жителите од двете општини за постигнување заедничка согласност за отворање на рудникот „Иловица-Штука“.
На средбата во Струмица присуствувале жители од селата Иловица, Штука, Еднокуќево, Сушица, Радово , Зубово, Турново, Ново Село и Секирник, при што од компанијата велат дека ги запознале присутните со потенцијалот на проектот „Иловица-Штука“ како дел од определбата на компанијата за транспарентност во работењето.
Од компанијата додаваат дека присутните биле заинтересирани за еколошките мерки што се предвидуваат со проектот, евентуалното влијание на рудникот и инфраструктурата врз селата, како и влијанието врз економијата. Особен интерес присутните покажале за работните места што ќе ги овозможи рудникот, како и можностите за обука и едукација за висококвалификувани позиции.
„Среќни сме дека воспоставуваме конструктивна комуникација со жителите. Импресионирани сме од големиот број присутни на вчерашната средба, дојдоа во значително поголем број од планираното. Тие покажаа голем интерес за нашиот проект и придобивките што ги носиме. Сакаме да им објасниме дека нивното мислење ни е од голема важност за успешноста на проектот. Ќе продолжиме да одржуваме отворена комуникација со жителите, невладиниот сектор и со институциите во Македонија. Уште еднаш сакам да истакнам дека одржуваме постојана комуникација со локалните власти, со надлежните институции и со Владата. Работиме на спроведување на сето она што беше договорено на последната заедничка средба во јули“, вели Варшан Гокул, извршен директор на „Еуромакс ресоурцес“.
На средбата со жителите било потенцирано дека уште при проектирањето на проектот предвид се земени влијанието врз животната средина и здравјето на граѓаните.
„Овој проект е изработен од домашни, меѓународни експерти и професори и е во целосна согласност со македонските закони, најдобрите практики, како светските и ЕУ-стандарди“, велат од компанијата и повторуваат дека нема да се користат цијанид и сулфурна киселина.
Посебна презентација на средбата со жителите била посветена за начинот и типот на експлозивни материи што ќе се користат во рудникот. Од „Еуромакс“ објасниле и дека ќе нема загадување на животната средина и на водата, дека ќе се контролира прашината на сите патишта, дека постојано ќе се контролира квалитетот на водата и воздухот, ќе се употреби соодветна геотекстилна мембрана во хидројаловиштето, стабилноста на насипот и максималното реискористување на водата при флотацијата.
„’Иловица-Штука’ ќе биде модерен рудник на можности од огромна важност за жителите и за општините Босилово и Ново Село, но и за целокупната македонска економија, со тоа што ќе обезбедиме нови работни места, обуки и можност за развој на нови бизниси во регионот. Веќе имаме добиено над 1.000 апликации за работа, иако немаме отворен повик за вработување. Сакаме да бидеме долгорочен економски партнер на локалната заедница и бизнисите, во наредните 20 години локално ќе се трошат околу 74 милиони евра годишно. Ќе им бидеме партнери на Владата и на општините преку плаќање 24 милиони евра даноци годишно, од кои 3 милиони евра ќе се влеваат директно во локалните општини по основ за концесиски надоместок, што претставува 40 отсто зголемување на нивниот буџет. Подготвени сме да продолжиме со развој на проектот со поддршка и соработка со сите заинтересирани страни“, дополнува Гокул.
„Еуромакс“ ги повикува сите засегнати страни, вклучувајќи ги и граѓанските организации, да разговараат и да се информираат за овој рудник на можности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

