Економија
НБРМ: Поволна економската состојба во вториот квартал
Советот на Народната банка денеска одржа редовна седница, на која беше разгледан и усвоен најновиот квартален извештај, при што повторно беше истакнато дека по олабавувањето на монетарнaта политика кон крајот на првото тримесечје, основната каматна стапка остана непромената на нивото од 3 проценти.
На девизниот пазар, и во текот на вториот квартал од годинава, движењата беа поволни при што НБРМ и натаму интервенира со нето-откуп на девизи од банките поддржувачки. Девизните резерви и во второто тримесечје остварија раст и според сите показатели за адекватност, тие и натаму се одржуваат во сигурната зона. Поволни поместувања беа забележани и кај депозитната база на банките, којашто и во овој период забрзано расте.
При разгледување на извештајот беше одбележано дека во однос на изворите на ризици, поголеми промени во споредба со априлските согледувања не беа констатирани. Сепак, ризиците од надворешното окружување, во текот на кварталот беа оценети како малку понеповолни, а главно поради неизвесноста околу ефектите врз глобалниот економски раст од сѐ поголемиот трговски протекционизам и засилениот раст на цените на нафтата на светските берзи. Ризиците поврзани со домашното окружување беа оценети како помалку изразени во однос на претходниот период.
На седницата беше заклучено дека споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на априлскиот циклус проекции покажа извесни отстапувања. Ова, пред сè, се однесува на економската активност, со оглед на првичните податоци за БДП во првиот квартал на 2018 година. Но, истовремено беше потенцирано и дека иако расположливите податоци за вториот квартал не се многубројни и воедно се дивергентни, главно упатуваат на малку поповолна состојба во економијата во споредба со првиот квартал.
Во периодот април-јуни годинава стапката на инфлација изнесуваше 1,5%, во просек, на годишна основа, во најголем дел како резултат на растот на базичната инфлација, но позитивен придонес имаа и прехранбената и енергетската компонента. Во извештајот е забележано дека инфлацијата во второто тримесечје од годинава е под очекуваната за кварталот во рамки на априлската проекција, што заедно со нагорната ревизија на очекувањата за увозните цени упатува на урамнотежени ризици за проектираната инфлација за 2018 година.
Податоците од надворешниот сектор презентирани во кварталниот извештај, гледано преку позицијата на билансот на плаќања, упатуваат на отсуство на нерамнотежи и на релативно поволна надворешна позиција на економијата. Во првото тримесечје, дефицитот во тековната сметка се задржа на релативно ниско ниво и изнесуваше околу 1,5% од БДП. Од друга страна, нето-приливите во рамки на финансиската сметка достигнаа околу 4% од БДП, што претставува поповолно остварување во однос на априлските очекувања. Овие поместувања во билансот на плаќања доведува до пораст на девизните резерви во првото тримесечје, којшто продолжи и во вториот квартал од годината, при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи од страна на НБРМ.
При разгледувањето на извештајот, одделно беше истакнато дека во текот на вториот квартал на оваа година, кредитната активност на банкарскиот сектор оствари раст, при што поголем придонес кон растот на активноста на кредитниот пазар имаше секторот „домаќинства“. Сепак, истовремено, и кредитирањето на корпоративниот сектор беше исто така солидно и имаше висок придонес кон кварталната промена на активноста на кредитниот пазар. На годишна основа, кредитниот раст на крајот на вториот квартал од годинава достигна 6,3%.
Во однос на изворите на финансирање, забележан е забрзан раст и на депозитната база. Годишниот раст на вкупните депозити на крајот на јуни достигна 10,5%, што е исто така над последната проекција од 7,4%. Забрзувањето на растот кај депозитите во вториот квартал произлегува од депозитите на претпријатијата, со натамошен позитивен придонес на депозитите на домаќинствата. Се очекува дека позитивните трендови кај депозитната база на банките ќе продолжат и во следниот период, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст, којшто според априлската проекција, во следните две години би се движел помеѓу 6,5% и 7,7%.
На седницата беше заклучено дека и покрај тоа што последните макроекономски показатели и оцени во одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, тие засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. Се очекува дека домашната економија и натаму ќе биде поддржана од кредитната активност на банките, во отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција, којашто ќе овозможи одржување на девизните резерви во сигурната зона. Истовремено беше истакнато и дека НБРМ и натаму внимателно ќе ги следи состојбите и случувањата во домашната економија и особено во надворешното окружување, како извор на потенцијални ризици, заради навремено и соодветно приспособување на монетарната политика за успешно остварување на монетарните цели.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.