Uncategorized
Британска помош за зајакнување на НАТО-капацитетите на МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, потпишаа меморандум за соработка за реализација на проектот за менторство и градење на капацитетите на Директоратот за НАТО и политичко-безбедносни прашања при Министерството за надворешни работи.
„Со денешното потпишување на меморандумот дополнително го зацврстуваме нашето сојузништво во рамките на НАТО и ја збогатуваме договорната рамка меѓу двете земји. Обединетото Кралство, како наш значаен сојузник и пријател, придонесува за натамошно зајакнување и развој на капацитетите на Министерството за надворешни работи, со цел уште поефикасно остварување на нашата политичка и координативна улога во врска со разни прашања врзани со членството на Северна Македонија во алијансата“, истакна Османи.
„Обединетото Кралство беше постојан партнер во поддршката на интеграцијата на Северна Македонија во НАТО. Овој проект е уште еден пример за континуираната поддршка на Обединетото Кралство за Северна Македонија како сојузник во НАТО, со цел развој на капацитетите и вештините за да може да продолжи да придонесува и да исполнува позначајна улога како членка на НАТО“, рече амбасадорот Лосон додавајќи дека донациите на Обединетото Кралство под формата на опрема, обезбедување инструктори за обука, упатување советници и учество во заеднички вежби придонесоа за исполнување на заедничката цел – обезбедување мир, стабилност и безбедност во регионот. Воедно, додаде дека овие напори се доказ за заложбите на двете земји за гарантирање на колективната одбрана и безбедност на НАТО.
Проектот е предвидено да трае до март 2024 година и преку упатување резидентен експерт се очекува да придонесе за вешто и високо компетентно учество на Министерството за надворешни работи и цивилните експерти во работата на структурите на НАТО. Дополнително, проектот треба да придонесе и за целокупната подготвеноста на нашите институции за обезбедување високо ефективен и ефикасен менаџмент на политичките улоги во областа на безбедносната политика и безбедносни прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
МЖСПП: Државниот инспекторат за животна средина се врати во матичното министерство

„Со последните две измени на постоечкиот Закон за инспекциски надзор во декември 2024 и јануари 2025 година Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) како и останатите 14 државни инспекторати продолжуваат да функционираат како органи во состав на матичните министерства. Тоа значи дека Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), согласно процедура, спогодбено ги превзема вработените, движните и недвижни ствари, документацијата, побарувањата и намирувањата на обврските, средствата за работа, како и сите права и обврски кои произлегуваат од склучените договори на инспекциските служби, настанати до денот на влегувањето во сила на овој закон, со што фактички ДИЖС продолжува да работи без својство на правно лице и буџет од прва линија“, известува Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Финансиите ќе се водат како посебна Подпрограма во Буџетот на Министерството, но ДИЖС, односно инспекторите и понатаму ја имаат самостојноста во водењето на инспекциските постапки.
Главната активност на Државниот инспекторат за животна средина, согласно регулативата, е да вршат надзор над управните акти кои ги издава МЖСПП, А-интегрирани еколошки дозволи и Елаборати, односно вршат надзор над спроведувањето на условите пропишани во истите. Со инклузијта се очекува подобрување на координацијата во имплементацијата на политиките за справување со загадување на животната средина и со отпадот.
Во однос на бројот на државни инспектори, проценката укажува дека за покривање на потребите за инспекторирање во областа животна средина на државно ниво се потребни приближно 40 државни инспектори.
Министерството за животна средина и просторно планирање со преземањето на ДИЖС ги презема и неговите планови за вработување и унапредување кои што ќе бидат усогласени со плановите за вработување и унапредување на Министерството. Државниот инспекторат во моментот нема одобрени нови вработувања и унапредувања од страна на Министерството за финансии, но се очекува позитивен одзив на надлежните институции во однос на зголемување на бројот на инспекторите.
Од друга страна на локално ниво се уште повеќе од 50% од општините немаат назначено овластени инспектори за животна средина иако согласно Законот за инспекциски надзор во животната средина до крајот на 2022 година ја имаа таа обврска.
Во „Програмата на Владата 2024-2028“ предвидено е и формирање на единствено централно инспекциско тело со ингеренции на сите нивоа, надлежно за справување со загадување на животната средина и со отпадот. Ваквата поставеност на инспекцискиот надзор за животна средина треба да овозможи ефикасен и правичен инспекциски надзор над загадувачите на животната средина“, соопшти МЖСПП.
Uncategorized
Сузбиен меѓународен канал за шверц на дрога во вредност од 707 илјади евра, требало да заврши во Турција

Запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана во заедничка акција на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност. Со акцијата е спречен меѓународен канал за шверц на дрога. Две лица се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Ова го истакнаа директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во изјава за медиумите на граничниот премин Богородица.
„Царинската управа влезе во трага и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничниот премин Богородица запленети се 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана, која требало да заврши во Турција.
Случајот го следиме подолго време, што на крајот успешно резултира со откривање на криминалната мрежа, која требало да оперира во неколку држави“, истакна Николовски.
Сторителите на кривичното дело, двајца возачи, едниот од Тетово, а другиот од Кумановско, на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари едниот од нив го презема камионот и од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица. На Богородица е извршена детаљна контрола на камионот, при што помеѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата, информира Николовски, на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, порача дека криминалното мочуриште во државата повеќе нема да го има.
„Заедничката акција, која траеше неколку дена, покажува дека заеднички можеме во интерес на граѓаните. Криминалното мочуриште што го имаме во државата повеќе нема да го има. Ова не е место за нив. Заеднички координирано со Царинската управа координирано работиме во неколку области. Мора да бидеме координирани. Заедно покажуваме дека можеме да работиме силно и успешно за заеднички успеси и превенција на криминалот. Нема место за криминал. Македонија мора да биде на ниво на напредните држави. Системот и законите мора да владеат. Ги сузбиваме криминалот и корупцијата на сите нивоа“, истакна директорот Јанев.
Случајот, како што беше истакнато од страна на директорите, е резултат на зајакнатата соработка и добро координирани акции на царинските и полициските службеници.
Uncategorized
Опљачкана аптека на Бит-пазар

Утрово во СВР Скопје било пријавено дека во текот на ноќта била опљачкана аптека на Бит-пазар. Полицијата направи увид.
„Денеска во 08.15 било пријавено дека во текот на ноќта со употреба на сила и погоден алат било влезено во аптека на подрачјето на Бит Пазар и биле одземени пари од касата. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, извести полицијата.