Македонија
ДИК: До 15 часот гласале 31,16 отсто од гласачите

Од податоците добиени од 3.167 избирачки места, односно 91,16 отсто од вкупниот број, до 15 часот гласале 31,16 отсто од гласачите или 515. 069, соопшти Државната изборна комисија.
Најголема излезеност има во Берово, Богданци, Валандово, Гевгелија, Градско, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зелениково, Кратово, Крушево, Лозово, Македонски Брод, Новаци, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане и Чашка.
Најмала излезеност има во Центар Жупа, Радовиш, Маврово и Ростуше, Гостивар и Врапчиште.
Во Град Скопје до 15 часот излезноста е 31,16 отсто.
Во Аеродом гласале 31, 50 отсто од избирачите, во Бутел 33, 01, Гази Баба 27,82, Ѓорче Петров 30,11, Карпош 33,37, Кисела Вода 31,58, Сарај 36,33 во Центар 34,40, Чаир 35, 30 и во Шуто Оризари 21,99 отсто.
Од ДИК информираа дека досега нема пристигнато приговори за неправилности на избирачките места.
На едно избирачко место во Карпош се преминало на стариот начин на гласање со УВ лампа и спреј затоа што се заглавила СИМ картичката на уредот за биометриска индентификација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски го оствари своето право на глас и повика на мирни и фер избори

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар и актуелен градоначалник, Горан Герасимовски, денеска заедно со сопругата Елена го остварија нивното право на глас во Дебар Маало.
Герасимовски истакнува дека овој ден е важен, затоа што со секој глас се гради демократијата и иднината на Општина Центар.
„Заедно со сопругата Елена го остваривме нашето право на глас во Дебар Маало. Овој ден е важен, затоа што со секој глас ја градиме демократијата и иднината на општина Центар. Ги повикувам сите граѓани да излезат и активно да учествуваат во изборниот процес. Посакувам мирни, демократски и фер избори”, порача Герасимовски.
Македонија
(Видео) Николоски: Очекувам голема победа на ВМРО-ДПМНЕ

Очекувам една голема, извесна победа и на ниво на држава и тука во Прилеп. И очекувам најголем дел од победите да бидат во првиот круг и очекувам во Прилеп, исто така, да имаме победа во првиот круг, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„До сега изборниот ден се одвива добро, мирно, без инциденти. Додадена вредност во нашиот изборен систем е што Државната изборна комисија секогаш е водена од опозицијата и тоа дава дополнителна сигурност и дополнителна гаранција за фер и демократски избори. Се надевам дека Државната изборна комисија предводена од Борис Кондарко, којшто е предлог на СДСМ, ќе успее да спроведе фер и демократски избори, дека граѓаните ќе можат да го искажат својот став на еден мирен и демократски начин. Сметам дека имавме една добра кампања во којашто ги претставивме нашите позиции, и зошто сметаме дека нашите кандидати се најдобри и треба да се направи вистинскиот избор, и очекувам денеска да граѓаните тоа го потврдат“, рече тој.
Македонија
„Шанса за Центар – Независни заедно“: Во Центар останавме без лого на гласачките ливчиња

На избирачките места во општина Центар е утврдено дека на избирачкиот материјал — листите со кандидати за градоначалници и советници — недостасува логото на независните кандидати од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар – Независни заедно“.
Според соопштението од иницијативата, логото не е испечатено кај Група избирачи Јане Димески на листата за советници и кај Група избирачи Билјана Ивановска на листата за градоначалници.
Од „Шанса за Центар“ наведуваат дека со ова е направена, како што велат, флагрантна дискриминација и повреда на членовите 97 став 1 и 98 став 1 од Изборниот законик, со што нивните кандидати се ставени во нерамноправна положба и е поништена еднаквоста на избирачкото право.
Неправилноста, според нив, е констатирана на целата територија на општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина.
Иницијативата информира дека се обидела да поднесе приговор преку електронската форма на страницата на Државната изборна комисија, но системот не функционирал во моментот на поднесувањето.
„Поднесен е приговор по електронски пат преку електронска пошта и во архивата на ДИК“, се наведува во соопштението.