Забава
Авторката на „Сексот и градот“ не ги добила хонорарите што ги заслужила

Кендис Бушнел се пожали дека не ги добила парите што ги заслужила за „Сексот и градот“ по огромниот успех на серијата, базирана на нејзината истоимена колумна во „Њујорк обсервер“.
Авторката на истоимениот бестселер вели дека видела само мал дел од стотиците милиони долари што ги заработи серијата. Таа ја критикува серијата дека не ѝ платиле доволно по хонорарот од 60.000 долари.
64-годишната Кендис напиша колумна за „Њујорк опсервер“, која беше адаптирана во најпродавана антологија.
Но, кога книгите му биле продадени на Ејч-би-о за она што потоа стана мултимилионски серијал – шест сезони и два филма со Сара Џесика Паркер во главната улога – на авторката наводно ѝ биле исплатени само 60.000 долари за правата.
Во интервју за весникот „Сандеј мирор“ таа вели: „Не ги добив хонорарите што ги заслужив. Знаев дека тоа не е добра зделка, но бев под притисок од разни причини. Дури и мојот покоен татко во една пригода пред 15-ина години ми рече: Посакувам да учествуваше поцелосно во економскиот успех на ова дело“.
Кендис се надева дека продолжението на серијата, со наслов And Just Like That… („И, едноставно, така…“), кое неодамна се врати во втора сезона – ќе продолжи да се прикажува со успех.
Но, таа се прашува што се случило со својата верзија што ја вгради во книгата во ликот на Кери Бредшо пред да забележи дека Сара Џесика Паркер успеала да го направи тоа на свој начин и станала омилена меѓу фановите на серијата.
„Што се случи со Кери? Сè се вртеше околу мистер Биг – јас не ја замислив така приказната. Мојата цел, мојата порака до жените не е да го бараат господин Биг. Треба да бидат свој сопствен мистер Биг. Сè е во пронаоѓање љубов, а тоа не е мојата порака до жените. Мојата порака е самоактуализација. Но, Кери е омилена кај фановите. Таа го направи тоа на свој начин – и добро за неа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Александра Грант за својот партнер Кијану Ривс: „Тој ми е вистинска инспирација“

Александра Грант фрла ново светло на романсата со Кијану Ривс.
Успешната визуелна уметница (50) минатиот викенд во Лос Анџелес присуствуваше на доделувањето на наградите за уметност „Беверли артс ајкон“, без Кијану (59).
На настанот беше една од лауреатите, а на црвениот тепих прошета сама и ги изненади присутните кога одговори на неколку прашања за својата љубовна врска имајќи предвид дека приватниот живот го држи далеку од очите на јавноста.
На прашањето дали е потешко или полесно да се појави сама на црвен килим, таа даде промислен одговор.
„Добрата вест за заљубувањето како возрасен е тоа што изградив сопствена кариера до моментот кога почна мојата врска“, изјави таа за „Пипл“.
„Се чувствувам многу самоуверено во врската кога присуствувам на настан на црвен тепих. Се чувствувам самоуверено кога сум сама таму. Тоа е еден вид независност“.
Тие во јавноста дебитираа како пар во 2019 година.
На прашањето како таа и ѕвездата на „Џон Вик“, кои претходно беа пријатели и соработници, комуницираат меѓусебно со професионалната средина, Грант го почна својот одговор сеќавајќи се на моментот во кој се чувствувала креативно заглавена.
„Во еден момент на фрустрација во мојот живот, еднаш реков: понекогаш се чувствувам како ‘масерати’ заглавен во сообраќај, го имам овој моќен мотор, но од разни причини не можам да поминам“, рече таа за „Пипл“.
„И знам дека многу луѓе се чувствуваат фрустрирани во своите животи, дека не може да го вклучат својот мотор. Мислам дека секоја креативна личност се чувствува така“.
„Она што го сакам кај Кијану и кај нас двајцата кога сме заедно е тоа што се туркаме еден со друг да изградиме нови патишта“, вели таа. „Да гледате друга личност како ги решава проблемите е инспиративно, како, на пример: добро, во ред, ова е ќор-сокак, како да го пробам ова другото?“
„Тој е вистинска инспирација за мене“, продолжи таа. „Тој е многу креативен, добродушен и работи многу напорно.
Забава
Филм за турнејата на Тејлор Свифт набргу ќе пристигне во кината во 100 земји

Филм за концертната турнеја на поп-ѕвездата Тејлор Свифт пристига во киносалите во Америка и во светот на 13 октомври, објавија во вторникот дистрибутерот „Еј-ем-си“ и Свифт.
Дистрибутерот планира филмот, со наслов „Тејлор Свифт: Турнејата Ерас“ (Taylor Swift: The Eras Tour), да се прикажува во 100 земји.
„Турнејата не е единственото нешто што сакаме да се случи во светот“, напиша пејачката на „Инстаграм“.
„Многу сум возбудена што можам да ви кажам на сите дека концертниот филм The Eras Tour официјално доаѓа во кината во светот на 13 октомври!“, додаде таа.
Според медиумите, Свифт (33), најверојатно, ќе заработи милијарда долари од турнејата, првпат во историјата. Филмот би требало да заработи повеќе од 100 милиони долари во првиот викенд во северноамериканските кина, што не се памети за концерт што се прикажува во киносали.
Забава
Џеј Зи, Тимбаленд и Џинувајн победија тужба за авторски права

Раперот Џеј Зи, продуцентот Тимбаленд и аренби-пејачот Џинувајн го убедија федералниот судија на Менхетен да ја отфрли тужбата на соул-музичарот Ерни Хајнс, кој тврдеше дека незаконски семплирале една од неговите песни од 1969 година.
Американскиот окружен судија Пол Оукен во понеделникот пресуди во полза на обвинетите нагласувајќи дека хитот на Џеј Зи – Paper Chase и хитот на Џинувајн – Toe 2 Toe, и двете напишани и продуцирани од Тимбаленд кон крајот на 90-тите, не ги прекршуваат авторските права на Хајнс во неговата песна Help Me Put Out The Flame (In My Heart).
Адвокатот на Хајнс не одговори веднаш на барањето за коментар за одлуката.
Претставник на „Ворнер мјузик“, обвинет во случајот, одби да коментира.
Хајнс првпат поведе тужба поради песните во 2019 година тврдејќи дека тие копирале дел од воведот на неговата песна. Обвинетите рекоа дека делот не е подобен за авторски права затоа што е преземен од т.н. сток-фраза (музичка фраза, форма или ритам) во дело од 1914 година, Mysterioso Pizzicato, што се користи во најмалку 28 други песни и стана синоним кај филмските негативци.
Судијата Оукен се согласи дека песната на Хајнс „позајмува од многу користено дело, кое е во јавен домен и додава материјал што не е доволно оригинален за да биде заштитен со авторски права“.
Оукен исто така рече дека релевантните делови од песните на Џеј Зи и Џинувајн не се доволно слични за Хајнс да покаже кршење авторски права, дури и ако неговиот вовед е заштитен со авторски права.