Забава
(Видео) Тамара Тодевска со емоционална преработка на стариот евергрин – „Време за плачење“
Некои песни се безвременски… Остануваат засекогаш, како сведоци на времето во кое се создадени, носејќи во себе универзална порака за сите времиња. Најмногу кога душата искината на парчиња непреболно тагува. Тогаш кога емоциите го надвладуваат разумот, кога болката го гушнала траорот, а молкот царува во прегратките на тишината, тогаш веројатно најсилно одекнува песната која во себе носи стихови кои имаат само едно значење… „Време (е) за плачење“.
Ако оригиналната латино верзија на овој безвременски макфестовски евергрин го направи своето во таа 1992 година кога во изведба на Игор Џамбазов ја разбранува не само музичката јавност, денес ја добивме нејзината кавер верзија во една сосема поинаква форма. И музичка и аранжманска и изведбена, онака како што само Тамара Тодевска знае и умее вокално да ја донесе и испее, а Роберт Билбилов аранжмански и продукциски спакува.
„Време за плачење“ како симболика на мигот во кој се најдовме, во времето кое и после толку години никако да покаже каде (по)греши(в)ме, за најскапата цена се’ уште да ја плаќаме.
Овојпат, песната добива сосема поинаков сензибилитет преку аранжманот на Роберт Билбилов, кој како долгогодишен соработник и пријател на Тамара, со сенс за чувствителност и почит кон оригиналот, успева на песната да ѝ даде нова емоционална и аранжманска нота. Онаква, која совршено се впива во амбиентот на времето и деновите кои денес ги живееме, „Време за плачење“.
Нова верзија на старата латино тема трансформирана во клавирска анплагд балада, во која маестралната изведба на Тамара со сета нејзина вокална експресија и вдахнува нова душа на песната, изведба која во исто време и ја кине душата на парчиња, навирајќи ви солзи на очите додека ја слушате. Со автентична емоција и зрелост во изразот, со чувство кое ви предизвикува грутка во грлото и оловна тежина во градите, пренесувајќи ја нејзината безвременска порака за љубов, болка и лекување.
„Преку оваа песна им оддаваме почит на емоциите што ги носиме во себе, без разлика на времето што минува“ – како што вели Тамара.
Музиката и текстот на оригиналот на песната се дело на Томислав Которчевиќ, а новата верзија е издадена преку светски познатата музичка етикета Cafe De Anatolia, носејќи ја приказната на “Време за плачење” пред новите генерации слушатели.
Визуелниот идентитет на проектот е заокружен со впечатлив cover art изработен од Љубан Стамениќ, додека едноставното но, мошне ефектно црно-бело видео, кое дополнително ја пренесува емоционалната изведба на песната, е во режија на Зоран Зонде Стојановски.
Новата верзија на “Време за плачење” е достапна на сите дигитални платформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Генијален трик со кибрити ќе ја спаси секоја билка што вене
Ставањето кибрити во саксија можеби ви звучи како суеверие, но зад овој трик стои и наука. Со негова помош можете да одгледувате поздрави растенија кои побрзо ќе цветаат и ќе даваат плодови.
Доколку вашите билки и собни растенија не напредуваат, иако имаат доволно светлина и топлина, причината може да биде недостиг на есенцијални минерали во почвата или присуство на штетници.
Поставувањето кибрити во земјата околу растенијата во саксии создава средина што ги одбива штетниците, а истовремено ги „храни“ растенијата со неопходни минерали.
Кибритите содржат фосфорен сесквисулфид, калиум-хлорид и мали количини магнезиум и железни оксиди. Некои видови содржат и црвен фосфор.
Сулфурот во кибритите помага во борбата против штетници без употреба на хемикалии штетни за луѓето, додека калиум-хлоридот и црвениот фосфор делуваат како дезинфициенс и природен пестицид и се сметаат за безбедни за употреба, наведува „Ask Prepper“.
Често е тешко да се одреди точната количина ѓубриво за растенијата. Тие најдобро напредуваат со почести и помали дози, што бара редовна рутина.
Растенија како бамја, модар патлиџан и пиперки се особено зависни од хранливите материи во почвата, но и чувствителни на нивната рамнотежа. Прекумерна количина азот од хемиски ѓубрива може да доведе до буен раст на листови, но без цветови и плодови.
Користењето кибрити како природно ѓубриво ги елиминира овие проблеми. Со редовно наводнување, влагата постепено ги раствора главите на кибритите, ослободувајќи сулфур, фосфор и магнезиум, кои ги хранат растенијата.
Фосфорот и фосфорниот сесквисулфид го поттикнуваат развојот на пупки. Доволно е да забодете 10 до 20 кибрити во земјата, така што главите да бидат добро закопани. Најдобро е тие да се постават на половина растојание меѓу работ на саксијата и стеблото. Не ги ставајте премногу блиску до стеблото за да не го оштетите коренот.
pexels
Забава
Застани и погледни каде си: хороскоп за последните денови од 2025
Последните денови од 2025 година не носат големи ветувања, туку тивка, но силна порака – застанете и погледнете каде сте. Ова е период на затворање циклуси, внатрешни пресметки и свесно отпуштање на сè што ве исцрпува. Малите одлуки сега имаат долгорочно влијание.
Ова не е време за пасивно чекање, туку за активна лична одговорност, јасност и искреност кон себе.
Овен – Успорување и поставување граници. Помалку обврски значат повеќе енергија.
Бик – Вредности и пари. Крај на трошоци и односи што не ве почитуваат.
Близнаци – Комуникација. Искрен разговор носи олеснување.
Рак – Емоционален баланс. Учите да не ги носите туѓите грижи.
Лав – Идентитет. Престанувате да се докажувате – суштината останува.
Девица – Здравје и рутина. Мали промени носат брзи резултати.
Вага – Односи. Бирате мир и стабилност, не компромис по секоја цена.
Шкорпија – Контрола. Ослободувањето носи вистинска сила.
Стрелец – Насока. Ги преиспитувате целите и правите искрен избор.
Јарец – Одговорност кон себе. Балансот станува подеднакво важен како и обврските.
Водолија – Иднина и планови. Идеите сега стануваат темел за 2026.
Риби – Внатрешен глас. Интуицијата води – тишината носи одговори.
Забава
„Зooтопија 2“ стана најпрофитабилен холивудски филм за 2025 година
Вториот дел од приказната на неочекуваното дуо, „Зоотопија 2“, е официјално најпрофитабилниот холивудски филм за оваа година.
Анимираното продолжение на Дизни , преполно со животински ликови, веќе достигна импресивни 1,13 милијарди долари светски приходи само 20 дена по премиерата, победувајќи го римејкот на „Лило и бод“, кој заврши со 1,03 милијарди долари.
Сепак, надвор од Асоцијацијата на филмски уметници, кинескиот анимиран блокбастер „Не Жа 2“ останува најголемата заработка во 2025 година со огромни 1,9 милијарди долари.
depositphotos

