Забава
Дедомразовска трка в недела во Скопје
Оваа недела, на 29 декември, Скопје ќе блесне во празничен дух со јубилејното 10-то издание на традиционалната трка на Дедо Мразовци што ќе се одржи на Плоштад Македонија.
Стотици учесници облечени во дедомразовски костуми ќе трчаат низ главниот град, внесувајќи радост и забава за сите генерации.
Трката, освен натпреварувачкиот карактер, нуди и многу забава и е отворена за сите – од најмладите до највозрасните. Со должина од само 2 километри, патеката е совршена за целото семејство, вклучувајќи ги и децата во придружба на нивните родители.
Како да се пријавите?
Пријавувањето е во тек преку веб страницата https://prvdovrv.mk/dedomrazovska и трае до 25 декември! Со пријавувањето, добивате целосен дедомразовски костум – палто, панталони, капа, ремен и брада, или пак женски комплет со фустан и капа со плетенки.
Што ве очекува?
· Награди за најбрзите Дедомразовци, Бабамразици и Мразулчиња.
· Лотарија со новогодишни желби за најсреќните учесници.
· Новогодишно пакетче за секое дете под 10 години.
· Музичка програма, фитнес загревање и свечена церемонија за победниците.
Стартот на трката е закажан на 29 декември, недела во 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети започнува од 10 часот на денот на трката на Плоштад Македонија.
Организатор на трката е здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, со поддршка од Пивара Скопје и Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Предновогодишен концерт на „Нокаут“ и диџеј Александар Јорданов в петок на „Боемска“
Општина Центар информира дека в петок, 27 декември, организира голем предновогодишен концерт „Вечер под ѕвездите“ со познатите македонски музички ѕвезди, групата „Нокаут“ и диџеј Александар Јорданов.
Предновогодишната забава ќе почне во 20 часот на „Боемска 1“.
Герасимовски информира дека за загревање на атмосферата ќе биде задолжен легендарниот диџеј Александар Јорданов по што ќе следува „Нокаут“.
„Качете се на временската машина на ‘Нокаут’ и запејте ги ‘Фатална опсесија’, ‘Лебедот бел’, ‘Телефонскиот број не постои’, ‘Илјада причини за крај’. Ветуваме убава атмосфера под новогодишните светилки на ‘Боемска’. Задолжителниот дрес код е добро расположение, насмевка и позитивни вибрации. Поканата важи за сите скопјани, ве покануваме на добра македонска музика, заеднички да го прославиме крајот на годината“, истакнува Герасимовски.
В среда, 25 декември, со почеток во 19 часот, ќе се одржи и настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај италијанска амбасада, каде што граѓаните ќе имаат можност да слушаат џез-верзија на македонските евергрини од „Искра Србиновска квартет“, но и да пробаат греено вино и печени костени.
Забава
(Фото) Над 3.000 аеродромци уживаа во предновогодишниот настан „Аеродром пулсира vol. 3“
Над 3.000 аеродромци во саботата уживаа во прекрасниот предновогодишен настан „Аеродром пулсира vol. 3“, што се одржа пред платото на „Џевахир мол“.
За целиот спектакл да тече беспрекорно се погрижи познатиот водител Марко Новески. Сите генерации во еден глас ги пееја безвременските хитови на легендарните Игор Џамбазов и Гури Харе, кои на свој уникатен начин внесоа посебна топлина меѓу публиката.
Потоа на сцената настапи Тони Зен, кој успеа вистински да ги размрда присутните, а особено воодушевување кај помладата публика предизвикаа Лара и Пајак со своите актуелни хитови.
Безвременската Каролина Гочева донесе посебна магија на вечерта и со својот моќен глас, како и секогаш, никого не остави рамнодушен.
„Аеродром пулсира Vol. 3“ заврши со спектакуларен огномет и со тоа полека ја заокружуваме 2024, со надеж дека 2025 ќе биде уште поуспешна година за сите, соопшти Општина Аеродром.
Забава
Масимо пееше болен на концертот на кариерата: „Никогаш не сум имал толкав страв од сцената“
На денешен ден пред две години почина Масимо Савиќ. Имаше 60 години. Веста што го потресе регионот ја соопшти неговото семејство.
„По кратка, но херојска борба, нè напушти нашиот татко, сопруг, гордост и љубов – Масимо Савиќ. Иако го напушти овој свет, вечно ќе живее во нашите души, насмеан, топол, силен, полн со љубов и исткаен од уметност. Засекогаш ќе бидеме твоите девојки, Ени и Мирна“, објавија неговата сопруга и ќерката на неговата официјална страница.
На почетокот на ноември 2022 година Масимо одржа концерт на својата кариера во преполната загребска „Арена“. Тој им ги испеа своите најубави песни на илјадниците луѓе.
„Никогаш не сум имал толкава нервоза на концерт, никогаш“, рече тој за време на концертот.
Тој им пееше на обожавателите три часа – и беше болен. Тогаш никој на концертот не знаеше дека Масимо се бори со ракот на белите дробови. Медицинска помош го чекала зад сцената, објавија хрватските медиуми.
Една година подоцна, во чест на Масимо, неговиот животен концерт во загребската „Арена“ беше прикажан во кината „Синестар“ во целиот регион.