Забава
Знаци што покажуваат дека не внесувате доволно протеини

Често слушаме колку е важно да внесуваме доволно протеини, но многу луѓе сè уште се прашуваат дали ги задоволуваат своите дневни потреби.
Протеините се клучни за поправка на клетките, одржување на мускулите, хормонска функција и имунитет.
Ако не внесуваме доволно, може да се појават разни симптоми, кои често се игнорираат или им се припишуваат на други причини. Препорачаното дневно внесување е 0,8 грама на килограм телесна тежина, но вистинските потреби зависат од возраста, нивото на активност и од здравјето.
Луѓето во одредени животни фази, како што е перименопаузата, честопати имаат потреба од поголемо внесување. Нутриционистите Ребека Блејк, Тамар Самуелс и Даниел Пашко објаснуваат кои знаци може да укажуваат на недостиг на протеини.
Постојан глад
Ако не внесуваме доволно протеини, можеме да се чувствуваме како постојано да сме гладни, вели Самуелс.
„Зголемениот апетит може да биде природен начин на телото да се обиде да го зголеми внесувањето протеини за да ги задоволи своите нутритивни потреби“, објаснува таа за Параде.
Глад може да се појави и ако внесуваме доволно калории, но не доволно протеини.
Проблеми со косата, ноктите и со кожата
Бидејќи косата, ноктите и кожата се направени од протеинот кератин, недостигот може да предизвика видливи промени. Пашко истакнува дека недостигот на протеини може да доведе до опаѓање на косата и кршливи нокти, а Блејк додава дека кожата може да стане сува.
Според „УКЛА хелт“, сето ова се индикатори за недостиг на оваа важна хранлива материја.
Ненамерно губење тежина
Кога на телото му недостигаат градежните блокови за одржување на мускулната маса и на ткивото, може да се случи ненамерно губење тежина.
„Луѓето што јадат малку протеини често губат тежина иако не сакаат, што укажува на недоволно внесување“, истакнува Самуелс.
Блејк додава дека ниските нивоа на протеини исто така може да предизвикаат губење на мускулите, што дополнително влијае на телесната тежина.
(Фото: ЕПА)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Mузички хепенинг вечерва во Паркот на франкофонијата

Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона“, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ вечерва ќе настапат на големиот музички хепенинг „Нешто што ќе остане” во Паркот на франкофонија со почеток во 19.30 часот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги поканува сите граѓани кои денеска ќе бидат во Скопје да дојдат и да уживаат во најголемите македонски хитови.
„Вечерва не очекува вистинска ноќ за паметење, исполнета со најубавите македонски песни. Ги повикувам сите граѓани да ни се придружат и заедно да создадеме незаборавни моменти. Како Општина Центар, ќе продолжиме да вложуваме во македонската музика и во нашите македонски артисти, затоа што тие се гордоста и иднината на нашата културна сцена,“ истакна Герасимовски.
Концертот е бесплатен за сите граѓани и е во организација на Општина Центар.
Забава
По средбата со кралот Чарлс, Хари се надева на нов почеток, но братот не попушта

Принцот Хари (40) наводно жали за дел од одлуките што ги донесе откако со сопругата Меган Маркл се повлече од кралските должности. Неговиот неодамнешен престој во Британија – четири дена во Лондон и Нотингем – беше обид за поправка на односите со семејството и јавноста.
За првпат по 19 месеци, Хари се сретна со кралот Чарлс. Состанокот траел околу еден час и во дворецот го оценуваат како позитивен чекор, иако не и целосно помирување.
„Кралот сака да ја обнови врската со својот син и да помине време со своите внуци, кои не ги видел три години“, изјавил извор за „Дејли меил“. „Хари е свесен дека направил грешка и сега се обидува да ја ресетира врската“.
Сепак, средба со брат му Вилијам не се случила, и покрај тоа што биле во непосредна близина.
По посетата на Британија, војводата од Сасекс отпатува за Украина, каде се сретна со ветерани и владини претставници, испраќајќи порака за поддршка и потсетување на страдањата на украинскиот народ.
Иако се шпекулира дека наредната година би можел да ги поведе децата Арчи и Лилибет на посета кај дедо им, останува неизвесно дали Меган ќе се врати во Британија. Прашањето за безбедноста и понатаму е главна пречка, а како можен компромис се спомнува престојoт во кралските резиденции каде што мерките за заштита се најстроги.
Забава
Златното деколте на Лорен Санчез ја украде сцената на гламурната хуманитарна вечера

Лорен Санчез, сопругата на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, блесна на четвртата „Керинг фор воман динер“ гала во Њујорк, дел од Неделата на модата.
55-годишната поранешна новинарка се појави во впечатлива златна сатенска тоалета без прерамки, со длабоко деколте. Луксузниот изглед беше заокружен со брановидна коса и дијамантски накит, додека Безос ја придружуваше во класичен смокинг.
На настанот присуствуваа и бројни холивудски ѕвезди, меѓу кои Салма Хаек со сопругот Франсоа-Анри Пино, Џесика Частејн, Мадона, Деми Мур и Џулијан Мур.
Годишната вечера, организирана од фондацијата Керинг, собира средства за поддршка на жени жртви на родово насилство и нивно економско оснажување.