Забава
Лејди Гага ја нарече Бритни Спирс инспирација

Поп-ѕвездата и актерка Лејди Гага во саботата го прослави ослободувањето на Бритни Спирс од т.н. конзерваторски надзор наметнат од судот пред повеќе од една деценија по нарушување на нејзиното ментално здравје, нарекувајќи ја Бритни „инспирација која беше лошо третирана од музичката индустрија“.
Во изјава за „Ројтерс“, Гага откри дека и таа понекогаш има проблеми со менталното здравје, вклучително и траума од сексуален напад од музички продуцент кога имала 19 години.
Кусото интервју се случи непосредно пред свечената премиера на крими-драмата „Гучи“ во Милано во саботата.
„Таа е многу талентирана, таа е неверојатно инспиративна и јас сум многу среќна што славиме денес, дека започнува нова фаза од нејзиниот живот“, рече Гага.
Бритни си ја врати слободата во петокот по13-годишна голгота. Тоа почна во 2008 година, откако поп-ѕвездата доживеа психички крах поради приватни и професионални проблеми. Оттогаш, татко ѝ Џејми Спирс и други лица беа надлежни за нејзините финансиски и лични работи.
Фановите притискаа за нејзино ослободување од ваквиот надзор, особено по објавувањето на неколку документарни филмови со сведоштва за нејзиниот живот кога други контролираат како таа ги троши парите, кога да настапува, кој има пристап до нејзината куќа и лековите што ги зема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Од „Сам дома“ до семеен човек! Меколи Калкин на прошетка со двата сина и свршеницата

Меколи Калкин и неговата свршеница Бренда Сонг беа фотографирани во Барбенк, Калифорнија.
Актерот (42), кој како мал се прослави со улогата на Кевин во божиќниот класик „Сам дома“, и актерката од „Долфејс“ (35) ја потврдија својата свршувачка претходно оваа година, а во понеделникот беа забележани со нивните два сина.
Меколи и Бренда се запознаа на снимањето на филмот Changeland од 2019 година.
Двојката првпат поттикна шпекулации за романса кога филмот сè уште беше во продукција во септември 2017 година кога беа видени на фармата Нотс Бери во Буена Парк, Калифорнија.
Меколи, главниот протагонист во „Сам дома“, комедија што нема кој не ја знае или кој не ја гледал, беше најплатеното дете актер во историјата.
Тој го глумеше осумгодишниот Кевин Мекалистер, кој мора да ја заштити својата куќа од двајца крадци кога случајно ќе биде оставен сам дома од семејството.
Забава
Авторката на „Сексот и градот“ не ги добила хонорарите што ги заслужила

Кендис Бушнел се пожали дека не ги добила парите што ги заслужила за „Сексот и градот“ по огромниот успех на серијата, базирана на нејзината истоимена колумна во „Њујорк обсервер“.
Авторката на истоимениот бестселер вели дека видела само мал дел од стотиците милиони долари што ги заработи серијата. Таа ја критикува серијата дека не ѝ платиле доволно по хонорарот од 60.000 долари.
64-годишната Кендис напиша колумна за „Њујорк опсервер“, која беше адаптирана во најпродавана антологија.
Но, кога книгите му биле продадени на Ејч-би-о за она што потоа стана мултимилионски серијал – шест сезони и два филма со Сара Џесика Паркер во главната улога – на авторката наводно ѝ биле исплатени само 60.000 долари за правата.
Во интервју за весникот „Сандеј мирор“ таа вели: „Не ги добив хонорарите што ги заслужив. Знаев дека тоа не е добра зделка, но бев под притисок од разни причини. Дури и мојот покоен татко во една пригода пред 15-ина години ми рече: Посакувам да учествуваше поцелосно во економскиот успех на ова дело“.
Кендис се надева дека продолжението на серијата, со наслов And Just Like That… („И, едноставно, така…“), кое неодамна се врати во втора сезона – ќе продолжи да се прикажува со успех.
Но, таа се прашува што се случило со својата верзија што ја вгради во книгата во ликот на Кери Бредшо пред да забележи дека Сара Џесика Паркер успеала да го направи тоа на свој начин и станала омилена меѓу фановите на серијата.
„Што се случи со Кери? Сè се вртеше околу мистер Биг – јас не ја замислив така приказната. Мојата цел, мојата порака до жените не е да го бараат господин Биг. Треба да бидат свој сопствен мистер Биг. Сè е во пронаоѓање љубов, а тоа не е мојата порака до жените. Мојата порака е самоактуализација. Но, Кери е омилена кај фановите. Таа го направи тоа на свој начин – и добро за неа“.
Забава
(Видео) Анимираниот филм за Спајдермен првиот викенд заработи трипати повеќе од својот претходник

Во својот прв викенд на прикажување во САД и во светот најновиот анимиран филм за човекот пајак ги освои киноблагајните и ги надмина сите очекувања во однос на заработката и квалитетот.
Пофалбите на критичарите и ентузијазмот на публиката се проширија на социјалните мрежи, а одличниот петок во САД придонесе во зголемување на процената за комплетна викенд-заработка, која надмина 120 милиони долари, што е трипати повеќе отколку што заработи првиот филм.
Продолжението на наградуваниот хит „Човек пајак: Нов свет“ на големото платно донесе нов пристап на популарниот суперхерој и младиот Мајлс Моралес како нов спајдермен.
Во новиот анимиран филм Мајлс Моралес се катапултира низ мултиверзумот, каде што наидува на тим пајак луѓе задолжени да го заштитат неговото постоење.
По само четири дена прикажување, „Човек пајак: Ширум пајак вселената“ заработи 210 милиони долари во светски рамки, што е двојно повеќе од буџетот на филмот и се предвидува дека ќе продолжи да доминира на боксофисот.
На „Ротен томатос“ има 96 отсто од критичарите и 95 отсто од публиката, а моментно е највисоко оценет анимиран филм на сите времиња на ИМДБ, со исклучително висока оценка од 9,1 од вкупно 50.000 рецензии.