Забава
Мараја Кери возврати на тужбата на брат ѝ за клевета

Мараја Кери возврати на тужбата за клевета што ја поднесе нејзиниот брат и тврди дека е во јавен интерес таа да зборува за него во своите мемоари.
Постариот брат на Мараја, Морган Кери, започна правна постапка против поп-ѕвездата на почетокот на оваа година, во која тврди дека таа изнела „злонамерни лаги“ за него во нејзината книга The Meaning of Mariah Carey објавена минатата година.
Морган ја обвини Мараја за клевета и намерно нанесување душевна болка по објавувањето на книгата мемоари во која таа раскажува за деструктивна борба помеѓу Морган и нивниот татко и открива дека нејзиниот брат бил институционализиран кога бил помлад.
Мараја во својата книга исто така пишува дека „никогаш не се чувствувала безбедна во присуство на својот проблематичен брат поради неговиот непредвидлив бес“.
Но, сега, како што пренесува „Пејџ сикс“, 51-годишната поп-ѕвезда поднесе документи до Врховниот суд во Менхетен во кои наведува дека нејзините тврдења не се клевета, бидејќи пораката на книгата за нејзиниот личен триумф над неволјите е прашање од јавен интерес.
Таа наведува дека нејзината приказна е од јавен интерес поради нејзината слава и затоа што сакала да ги охрабри младите луѓе кои исто така се соочуваат со тешки проблеми во текот на растењето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
(Видео) „Човекот по име Ото“ пристига во киносалите

Филмот „Човекот по име Ото“ со Том Хенкс во главната улога, еден од најомилените актери на денешницата и двократен оскаровец, конечно, доаѓа во домашните кина.
Ото Андерсон, кого го глуми Хенкс, е 60-годишник кој планира да стави крај на својот живот по смртта на сопругата и присилното пензионирање, но, наместо тоа, се спријателува со своите весели соседи и почнува да го гледа животот низ позитивна призма.
Овој римејк од шведскиот филм „Човекот по име Уве“ ќе ве расплаче и насмее истовремено.
Иако неодамна почна со светска кинодистрибуција, оваа хумористична драма во режија на Марк Форстер (Monster’s Ball, Finding Neverland, Quantum of Solace, World War Z) веќе заработи речиси 75 милиони долари на благајните.
Новата комедија драма е адаптација на извонредната книга на Фредрик Бекмен, „Човекот Ове“, бестселер на „Њујорк тајмс“.
Филмската адаптација со години е голема желба на главната ѕвезда Том Хенкс.
Нашироко признатиот шведски оригинал од 2015 година ја постави скалата високо бидејќи, меѓу другото, беше номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобар странски филм. Предизвикот беше прифатен и имајќи ја предвид реакцијата на публиката, филмот целосно ги исполни очекувањата.
Според „Ротен томатос“, специјализирана веб-страница позната како агрегат на рецензии, A Man Called Otto држи импресивни 97 % според гледаноста на публиката, а и критичарите одлично ја примија оваа американска верзија на прославениот оригинал.
Интересно е да се истакне дека младата верзија на Ото ја глуми синот на Хенкс, Труман, а песната од филмот со наслов Till You’re Home ја отпеа сопругата на Том, Рита Вилсон.
Забава
Остри критики за Spare: дали Хари бил под притисок да исфрли отров во своите мемоари?

Во мемоарите на принцот Хари има некои откритија, кои јавноста и печатените медиуми во Британија не ги прифатија благонаклоно.
Габи Хинслиф, писателка за британски „Гардијан“, вели дека книгата се оддалечува од прашањата од незгоден јавен интерес и се претвора во перење валкани алишта во јавност. Но, тука се отвора прашањето дали принцот бил под притисок да исфрли отров, како што сугерира една критика.
Хари и Меган му се отворија на светот преку книги, серии и интервјуа за да ја објаснат својата страна на приказната. Ова се некои од најжестоките критики за војводата и војвотката од Сасекс.
Мемоарите на Хари беа објавени на 10 јануари. Но, во Шпанија книгата прерано беше ставена на полиците. И, така, штетата беше направена и луѓето имаа добар увид во нејзината содржина пред таа да излезе во светски рамки.
Што кажа јавноста?
„Мирор“ направи анкета барајќи од своите читатели да гласаат. Прашањето беше дали ќе ги читате мемоарите на принцот Хари?“ Резултатите беа, без сомнение, јасни – не.
Анкетата во тоа време покажа дека само 9 % од јавноста ќе ги чита мемоарите на принцот, а 91 % одбиле. Можеби ова не е вистинско претставување на британската јавност, но статистиката овде остава јасна порака.
Книгата беше во продажба на половина цена пред издавањето, што секако не е добар знак за иднината на продажбата. Можеби ова беше причината зошто бргу стана најпродавана во првата недела од продажбата во Обединетото Кралство.
Според Би-би-си, ова е најдолгата бесна порака некогаш испратена. Британската радиодифузна корпорација живописно ја опиша книгата: „Ова е делумно исповед, делумно нагодување и делумно љубовно писмо. На некои места се чини како најдолга бесна порака напишана во пијана состојба.
Критиките стигнаа и од јавноста, и од палатата и од весниците.
Исклучително остра критика дојде од Јан Моир, писател за „Дејли мејл“. Набројувајќи ги многуте интервјуа, книги и ТВ-емисии, тој книгата ја нарече „вишна на мувлосана торта“.
„Дејли мејл“ објави и колумна од А.Н. Вилсон, кој книгата ја опиша како вредна за презир и дело на злоба.
„Донесувајќи ја идиотската одлука јавно да излезе за својот раздор со кралското семејство, Хари без сомнение бил под огромен притисок… да исфрли што е можно повеќе отров… Но, тоа го исфрла него во ужасна светлина. И каква и да му била намерата, ова не нè тера да сочувствуваме со него, туку со кралското семејство“, напиша Вилсон.
Корисниците на „Твитер“ на Хари му кажаа да замолчи.
Ниту самата јавност не беше премногу среќна. Хаштагот #ShutUpHarry („Хари, замолчи“) стана популарен на „Твитер“ откога излегоа откритијата на мемоарите.
Весникот „Сан“ тврди дека пријателите на Хари го повикале да престане за негово добро.
А „Венити феар“ дознава дека Вилијам можеби никогаш нема да му прости на Хари.
Според публикацијата, палатата реагира – но засега неформално. Пријателите на принцот Вилијам рекле дека тој нема да му прости на својот помлад брат што ги открил семејните работи во јавност.
Забава
На Болдвин му се заканува затворска казна од пет години

Алек Болдвин е официјално обвинет за убиство од небрежност на Халина Хачинс на сетот на нивниот филм Rust во октомври 2021 година.
Обвинителите во Санта Фе, Ново Мексико, денеска официјално ги поднесоа обвиненијата.
Тие ја објавија својата намера да го обвинат Болдвин претходно овој месец, но го одложија поднесувањето на случајот за да си дадат време да ја објаснат контроверзната одлука.
Болдвин вети дека ќе се бори против обвиненијата.
Тој вели дека никогаш не го повлекол чкрапалото и дека тоа било трагична несреќа.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до пет години.