Забава
Овие 8 ноќни навики ќе ви помогнат да ослабите побргу: трансформирајте го вашето тело со посебен ритам
Вашата вечерна рутина може значително да влијае на напредокот во слабеењето, а доколку ги следите овие осум правила, можете лесно да ослабете и да ја достигнете посакуваната тежина.
Доктор Мајкл Бол советува како да развиете здрава ноќна рутина за слабеење која вклучува две клучни навики:
– Оние кои влијаат на тоа како вашето тело согорува калории додека спиете
– Оние кои ви помагаат да спиете добро и да се разбудите полни со енергија за следниот ден
Добриот сон (седум до девет часа) ви дава енергија да согорувате калории во текот на денот, без разлика дали преку вежбање или секојдневни активности. Доктор Бол препорачува осум мали навики кои можат да помогнат при слабеење, а кои треба да се воведат во вашата ноќна рутина.
1. Не јадете предоцна
Избегнувањето на доцните оброци може да ви помогне да ги избегнете непотребните калории, бидејќи луѓето кои јадат доцна често избираат висококалорична храна или јадат од досада, а не од вистински глад.
2. Ужина пред спиење
Ако сакате ужина пред спиење, направете ја со казеин протеини (како млечни производи), бидејќи тие се варат побавно, обезбедувајќи му на телото протеини за закрепнување и градење мускули во текот на ноќта.
3. Вежбајте, но во вистинско време
Вежбањето пред спиење може да го отежне заспивањето, но ако вежбате порано навечер, вашето тело ќе согорува калории во текот на ноќта.
4. Избегнувајте алкохол
Алкохолот не само што додава дополнителни калории, туку и го нарушува сонот, што ви го отежнува да заспиете и да се разбудите освежени.
5. Спијте во ладна соба
Некои истражувања сугерираат дека спиењето во поладна соба го поттикнува согорувањето на маснотиите во текот на ноќта. Идеалната температура за спиење е околу 18 степени целзиусови.
6. Избегнувајте сина светлина
Екраните на мобилниот телефон, лаптопот и ТВ емитуваат сина светлина што може да го наруши вашиот природен циклус на спиење. Ако користите уреди непосредно пред спиење, потешко ќе заспиете и нема да се разбудите освежени.
7. Држете се до конзистентен распоред
Одењето во кревет и будењето во исто време секој ден помага во одржување на вашиот деноноќен ритам и гарантира дека имате доволно квалитетен сон.
8. Опуштете се пред спиење
Уживањето во шолја чај или бања пред спиење може да ги смири умот и телото, да го намали стресот и да ве подготви за мирен сон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Барале клуч од трактор и ископале римско злато: „Ја ставив раката во калта и ги почувствував монетите“
Во малото холандско место Буник, во провинцијата Утрехт, е откриено исклучително вредно археолошко откритие: 404 златни и сребрени монети од римско и британско потекло. Најстарите датираат од 200 година пред нашата ера, а најновите од времето на римската инвазија на Британија во 47 година од нашата ера.
Богатството било закопано во поле на длабочина од само 30 сантиметри, и најверојатно му припаѓало на римски центурион – како воен плен од освојувањата на Британија. Неговата вредност одговара на речиси 11-годишна плата на обичен римски војник.
Откритието во октомври 2023 година го направиле двајца истражувачи со метален детектор – Рејниер Колинк и Герд-Јан Меселар – кои всушност барале изгубен клуч од трактор. Наместо тоа, наишле на првите неколку монети и продолжиле да копаат во блиското калливо поле.
„Кога детекторот реагираше, ставив рака во калта и веднаш почувствував дека допирам монети“, изјавил Герд-Јан за локалните медиуми.
Првично биле пронајдени 381 монета, а по пријавувањето, Холандската национална агенција за културно наследство пронашла уште 23. Меѓу нив има:
72 златни римски ауреи, 288 сребрени монети (од 200 пр.н.е. до 47 г.н.е.), 44 златни британски статери со име на кралот Кунобелин (владеел 9–40 г.н.е.).
Некои од британските монети веројатно се ковани постхумно од страна на неговите синови Тогодумн и Каратак. Една од римските монети го прикажува Јуба I, крал на Нумидија (денешен Алжир), а други — императорот Клаудиј.
Фактот дека некои монети се во одлична состојба и не покажуваат траги од користење, укажува дека биле закопани веднаш по исплата, можеби по успешна воена кампања.
Забава
Емилија Кларк се повредила при снимање експлицитна сцена во новата серија
Актерката Емилија Кларк (39), позната по улогата во „Игра на тронови“, откри дека се повредила на сетот на новата серија Ponies, додека снимала експлицитна сцена.
Во интервју за The Wrap, Кларк изјавила дека при снимањето на долга интимна сцена со тројца мажи, почувствувала болка и подоцна ѝ било утврдено дека има повреда на едно ребро.
„Само реков: ќе седнам тука, вие доведете ги, а ние ќе се правиме дека имаме секс. Тој ден си го повредив реброто“, изјавила Кларк, со доза на хумор. Додала и дека на лекар отворено рекла: „Секс. Три пати.“
Нејзината колешка од серијата, Хејли Лу Ричардсон, го потврдила инцидентот, коментирајќи дека „Емилија е толку ситна и чувствителна, затоа ѝ се случило тоа“.
Кларк прецизирала дека реброто не е скршено, туку само „малку се поместило“.
Серијата Ponies е премиерно прикажана на 15 јануари на стриминг-платформата Peacock. Кларк и Ричардсон играат две американски секретарки кои работат во амбасадата на САД во Москва во 1970-тите. По мистериозната смрт на нивните сопрузи – агенти на ЦИА – тие започнуваат потрага по вистината и се соочуваат со завера.
Иако Кларк има искуство со снимање интимни сцени, особено од „Игра на тронови“, ова е првпат ваква сцена да резултира со повреда.
Сè уште не е познато кога серијата Ponies ќе стане достапна и за гледачите надвор од САД.
Забава
Гвинет Палтроу призна: „Изгубив улога поради разводот“
Американската актерка и оскаровка Гвинет Палтроу изјави дека ѝ била одземена улога во филм поради медиумското внимание што го предизвика нејзиниот развод со фронтменот на групата „Колдплеј“, Крис Мартин.
Во подкастот „Гуд ханг“ со Ејми Полер, Палтроу откри дека разводот од 2014 година оставил последици врз нејзината кариера.
„Требаше да снимам филм во тој период, веднаш по објавата за разделбата со Крис, а тогаш во медиумите се објавуваа многу остри изјави. Мислам дека дистрибутерот рече: Ова можеби ќе биде премногу за филмот“, изјави Палтроу.
Актерката и музичарот беа на насловни страници ширум светот кога објавија дека се разделуваат по повеќе од една деценија брак и две деца.
„Пред сè, ние сме родители на две неверојатно прекрасни деца и молиме за почитување на нашиот и нивниот простор и приватност во овој тежок период“, стоеше во нивната заедничка изјава тогаш.
Палтроу не откри детали за филмот или продукциската куќа, но јасно стави до знаење дека одлуката ѝ била тешко прифатлива.
„Тоа беше прекрасно – се разведував, па потоа ме отпуштија“, рече иронично.
Таа додаде дека верува оти нивната намера – да избегнат бурен развод – била погрешно сфатена од јавноста.
И покрај сè, Палтроу и Мартин останале во добри односи и по официјалниот развод во 2016 година. Во 2019 година, актерката откри дека Крис им се придружил на неа и нејзиниот сегашен сопруг, Бред Фалчук, на меден месец, заедно со нивните деца.

