Забава
Принцот Хари денес ќе се појави пред британскиот суд

Принцот Хари денес треба да се појави пред Високиот суд во Лондон за да сведочи во својата тужба против издавачот на британскиот таблоид „Дејли мирор“.
Војводата од Сасекс го тужи „Мирор груп нузпејперс“ (МГН) тврдејќи дека новинари од „Дејли мирор“, „Сандеј мирор“ и „Сандеј пипл“ користеле методи како хакирање телефон, благирање или добивање информации со измама и ангажирање приватни истражители за незаконски активности.
Тој е меѓу десетици луѓе од висок профил кои го тужат МГН за незаконски активности во периодот од 1991 до 2011 година.
Војводата од Сасекс, најмладиот син на кралот Чарлс, е прв член ка кралското семејство во последните 130 години што ќе биде подложен на вкрстено испрашување во британскиот суд во рамките на блокбастер-правна битка, термин што го користат медиумите во Британија за ова судење.
Во понеделникот, Дејвид Шерборн, кој го застапува Хари, се осврна на напис од 2003 година, во кој е опишана наводна кавга меѓу принцот Хари и принцот Вилијам поради Пол Барел, поранешниот батлер на нивната мајка, принцезата Дијана.
„Односот на принцот Хари со својот брат, принцот од Велс, претрпел недоверба поради написите објавени од издавачот на ‘Мирор’, МГН“, беше кажано во судот во понеделникот.
„Дури и во оваа многу рана фаза на формирање… семето на раздорот меѓу овие двајца браќа почнува да се сее“, рече адвокатот.
„Браќата понекогаш може да не се согласуваат. Но, штом тоа јавно ќе се објави на овој начин и кога нивните внатрешни чувства ќе се откријат на таков начин, довербата почнува да се нагризува“.
„Може да се види како недовербата се создава од мали нозе токму поради овој вид активности“.
Адвокатот тврди дека ваквите написи, всушност, посеале семе на раздор меѓу браќата.
Принцот Хари тврди дека речиси 140 написи објавени помеѓу 1996 и 2010 година содржеле информации собрани со незаконски методи, а 33 од нив се одбрани да бидат разгледани на судењето.
Судењето почна минатиот месец, при што адвокатите што го застапуваат Хари и уште тројца тужители се обидоа да докажат дека незаконското собирање информации било извршено со знаење и согласност на главни уредници и раководители.
МГН, кој сега е во сопственост на Reach (RCH.L), се извини на почетокот на судењето за еден посочен пример во кој „Сандеј пипл“ на незаконски начин барал информации за Хари признавајќи дека тој има право на компензација.
Сепак, МГН ги отфрли другите наводи на принцот Хари тврдејќи дека му недостигаат докази за да ги поткрепи неговите тврдења.
Се очекува Бакингемската палата често да се споменува во текот на вкрстеното испрашување на Хари, а МГН тврди дека некои информации дошле од кралски соработници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
(Видео) Семејството на текстописецот на Let’s Get It On ја заврши судската битка против Ед Ширан

Наследниците на музичарот коавтор на големиот хит на Марвин Геј, Let’s Get It On, се согласиле да ја отфрлат жалбата на пресудата на американската порота, која утврди дека песната Thinking Out Loud на британската поп-ѕвезда Ед Ширан не е плагијат на класикот на Геј.
Во мај судот во Њујорк пресуди дека Ширан не ја копирал песната на Геј кога ја компонирал Thinking Out Loud, еден од најголемите хитови на Британецот.
Во судскиот поднесок во средата (20 септември) се наведува дека наследниците на текстописецот Ед Таунсенд, коавтор на песната на Марвин Геј, ќе ја повлечат жалбата без предрасуди, што значи дека не може повторно да се поднесе.
Адвокатот на Ширан, Елин Фаркес, во четвртокот рече дека наследниците увиделе дека жалбата ќе заврши со потврдена пресуда и станале свесни дека е мудро да се повлечат имајќи ги предвид судските такси и трошоците на кои ќе бидат изложени.
Адвокатите на наследниците на Таунсенд не одговорија веднаш на барањето за коментар во четвртокот.
Наследниците на Таунсенд ги тужеа Ширан, „Ворнер мјузик“ и „Сони мјузик“ за прекршување на авторските права тврдејќи дека хитот на Ширан од 2014 година го копирал срцето на класикот на Геј од 1973 година, вклучително и мелодијата, хармонијата и ритамот.
Адвокатите на Ширан возвратија дека секоја сличност меѓу песните вклучува основни музички градежни елементи, кои не може да бидат заштитени со авторски права.
Забава
Холивудските сценаристи и студија повторно на средба среде штрајкот

Преговарачите на големите холивудски студија и на истакнати филмски и телевизиски писатели планираат повторно да се сретнат в петок (22 септември), се наведува во соопштението на Здружението на писателите на Америка (WGA).
Двете страни во четвртокот преговараа повеќе од 10 часа, но не успеаја да постигнат договор за ставање крај на повеќемесечниот ќор-сокак околво врска со хонорарите и употребата на вештачката интелигенција, објави Си-ен-ен.
Алијансата на филмските и телевизиските продуценти, која преговара во име на холивудските компании и студија, не одговори веднаш на барањето за коментар.
Околу 11.500 члена на Здружението на сценаристите ја напуштија работата во мај, лути од тоа како се променија работните услови во ерата на стриминг-телевизија.
Со цел да помогнат да се постигне договор, на преговорите во средата и четвртокот беа присутни и извршниот директор на „Волт Дизни“, Боб Ајгер, вториот извршен директор на „Нетфликс“, Тед Сарандос, претседателката на „Ен-би-си јуниверзал стидио груп“, Дона Ленгли, и извршниот директор на „Ворнер брос дискавери“, Дејвид Заслав, според извор близок до студијата.
Забава
Научници на симпозиум ќе дебатираат за влијанието на Тејлор Свифт

Австралија се подготвува да одржи меѓународна академска конференција за влијанието на Тејлор Свифт, објави Би-би-си.
Настанот „Свифтпозиум“ ќе го истражи влијанието на мегаѕвездата врз сè, од музичката индустрија до поп-културата и економијата. Организаторите на тридневниот настан се надеваат дека ќе привлечат научници од целиот азиско-пацифички регион.
Австралискиот универзитет во Мелбурн ќе биде домаќин на Swiftposium 2024 во февруари истата недела кога Свифт ја носи својата рекордна турнеја „Ерас“ во Австралија.
Свифт (33), која стана ѕвезда како тинејџерка, беше во центарот на главните културни моменти и дебати во текот на целата своја кариера. Таа стана еден од најплатените и најнаградувани уметници на сите времиња предизвикувајќи дебати за сè – хонорари за стриминг, авторски музички права, па дури и за мизогинија и култура на бојкот.
Влијанието на нејзината турнеја „Ерас“ е такво што ги сруши веб-страниците за издавање билети… експертите го измислија новиот тренд Swiftonomics („Свифтономија“), а земји како Викторија, Австралија, побрзаа да го реформираат законот за препродажба на билети.
„Таа е вистински феномен“, изјави за Би-би-си организаторката на симпозиумот, Џенифер Бекет, од Универзитетот во Мелбурн.
Иако идејата за настанот почна со полусериозен твит претходно оваа година, таа бргу доби поддршка од седум универзитети во Австралија и Нов Зеланд.
„Тејлор Свифт навистина има многу конкретно влијание на глобално ниво, во работите што нè засегаат сите нас“, рече д-р Бекет посочувајќи на работи како улогата на жените во индустријата, законот за забава, па дури и БДП.
„Светските лидери бараат од неа да ја донесе турнејата ‘Ерас’ во нивната земја поради економските придобивки што ги носи“, додаде таа.
Иако Свифт беше предмет на универзитетски курсеви во САД, ова е првпат да се одржи глобален симпозиум на кој се дискутира за нејзиното влијание.
Организаторите се надеваат дека конференцијата ќе истражи теми, како што се феноменот на нејзините фанови, нејзиниот маркетинг и влијанието на пејачката текстописец врз дебатите за полот, идентитетот и расата.
Добредојдена е и критичката анализа на нејзиниот бренд и влијанието, велат тие.
Организаторите зачуваа празен простор за самата суперѕвезда доколку сака да дојде и да учествува во дебатите.