Забава
Пријателот на Лијам Пејн кој се соочува со обвинение поради смртта на пејачот раскажа повеќе за нивниот однос

На 13-ти октомври минатата година, Лијам Пејн го замолил Роџер Норес да му биде кум на неговата венчавка со Кејт Кесиди, изјави ексклузивно неговиот пријател за „Дејли мејл“. Роџер прифатил, но за жал, Лијам починал три дена подоцна.
Во своето прво големо интервју по трагедијата, Роџер изјави: „Се разбира, бев уништен кога слушнав. Се’ уште мислам дека ќе го сретнам или ќе ми заѕвони телефонот и тој ќе биде на другиот крај на линијата“.
Поминаа пет месеци од фаталниот пад на Лиам Пејн од балконот на третиот кат на хотелот во Буенос Аирес. Норес рече дека последен пат го видел Лијам во лобито на хотелот на 16 октомври во 16:06 часот, кога, според неговите зборови, се појавил трезен и весел.
После тоа, Лијам наводно конзумирал дрога, поради што околу 16 часот и 50 минути паднал на подот од лобито на хотелот. Персоналот го однел во неговата соба, а во 17 часот и 7 минути бил пронајден мртов во внатрешниот двор на хотелот со повеќе трауматски повреди.
Според аргентинската правна постапка, судијката Лаура Бруниард на 30 декември подигна обвинение против пет лица, меѓу кои и Роџер Норес, кој се соочува со обвинение за убиство од небрежност за наводно необезбедување соодветна грижа за пејачот. Роџер силно ги оспорува овие наводи. Тој откри дека Лијам бил хоспитализиран во мај минатата година по речиси фатално предозирање. Нивното пријателство започнало во 2020 година на забава во Лондон, организирана од тогашниот уредник на британскиот Вог, Едвард Енинфул. И покрај нивниот различен начин на живот тие развиле блиски односи.
Лијам и Роџер, успешен бизнисмен кој го основал StoneWay Capital на 23 години и собрал 500 милиони долари за аргентинските енергетски постројки, се сметале себеси за „браќа“ и покрај нивната разлика во годините.
„Вистината е дека и двајцата сакавме да бидеме како оној другиот“, објаснува Роџер.
„Сакав повеќе да излегувам и да се забавувам, додека тој сакаше да биде малку подосаден. Често ми помагаше со совети за врска. Се разбира, Лијам беше одличен со девојките“.
Роџер моментално води тужба за клевета против таткото на Лијам, Џеф Пејн, поради лажни тврдења за улогата на Роџер во грижата за него. Документацијата потврдува дека меѓу нив немало формален договор за нега.
Кејт, девојката на Лиам Пејн, неодамна сподели емотивна исповед за нивната врска и нивните последни заеднички моменти. Во интервју за „Сан“, таа изрази длабока тага поради неговата ненадејна смрт. Го опиша Лијам како нејзината сродна душа и најискрената личност што некогаш ја познавала.
Таа откри и дека ја напуштила Аргентина неколку дена пред неговата смрт за да се грижи за нивното куче Нала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Тргнете им се од патот: хороскопски знаци кои се многу нервозни кога надвор е пекол

Сонце и коктели за многумина значи само едно – лето. Но, додека некои хороскопски знаци уживаат во секој зрак, или барем се прилагодуваат на условите, други се претвораат во движечки бомби на раб на експлодирање.
Ако ги сретнете додека асфалтот е жежок, а климатизацијата во јавниот превоз не работи, можеби е најдобро да го свртите погледот, да се засолните во сенка и да почекате температурата да падне.
Четири хороскопски знаци кои едноставно не ја сакаат топлината.
Овен
Овните се огнени знаци, но кога температурата ќе надмине 30 степени, нивната внатрешна лава бара излез.
Овнот не може да поднесе бавност, а летото го наметнува од сите страни. Ако технологијата исто така го изневери, мобилниот телефон се прегрее или клима уредот во автомобилот одлучи да штрајкува, би можеле да бидете сведоци на кратко, но незаборавно губење нерви.
Рак
Раковите се суштества на домот и удобноста. Нивната идеја за лето вклучува затемнета соба, вентилатор и постојан проток на ладна лимонада. Кога треба да излезат и да се соочат со жештината на градот, нивното ниво на раздразливост се зголемува пропорционално со УВ индексот.
Ако сепак мора да чекаат во ред на сонце или да носат ранец што им се лепи за грбот, пасивно-агресивниот коментатор за сè и сешто може да излезе од милиот Рак. Тоа не значи дека не ве сака, само го мрази животот во моментот.
Девица
Девиците се познати по својата љубов кон редот, чистотата и организацијата. А летото? Летото е нивниот кошмар. Луѓето се потат, распоредите доцнат, панталоните се лепат за столот. Сè е лепливо, бавно и неуредно.
Кога Девица ќе види некој како влегува во климатизирана просторија и не ја затвора вратата брзо, можеби ќе почувствувате како ледениот поглед ве сече како нож. Не е дека Девицата не го сака сонцето, само кога е филтрирано низ прозорец и не ја нарушува нејзината внимателно избалансирана температура на телото и душата.
Шкорпија
Шкорпиите имаат длабоко вкоренет инстинкт за контрола, и кога е жешко, сè им бега. Пот? Не можам да го контролирам. Гужва на плажа? Не можам да ја избегнам. Луѓе што им дишат во вратот во јавниот превоз? Директно од пеколот. Сето ова води до потисната фрустрација која не треба многу за да се прелее.
Доволно е некој случајно да ги допре со влажно рамо и нивната вербална отровна стрела може да ја погоди дури и најневината жртва. Тие не се зли, само го сакаат своето место под клима уредот.
Забава
Концерт на групата „Гром“ во „Хераклеја“, специјален гостин Ален Славица

Македонската група „Гром“ со концерт на 2 јули на „Хераклеја“ ќе одбележи јубилеј, 45 години на музичката сцена.
„Гром“ се присутни на македонската музичка сцена од младинските рок гитаријади во 70-те, до Скопскиот фестивал, Мак Фест итн.
Концертот ќе почне во 21 часот, а настанот е во рамките на БИТ ФЕСТ 2025.
Специјален гостин на концертот ќе биде познатиот хрватски пејач Ален Славица.
Влезници по цена од 300 преку мкtickets, како и на билетарата на Хераклеја.
Забава
Знаци што покажуваат дека не внесувате доволно протеини

Често слушаме колку е важно да внесуваме доволно протеини, но многу луѓе сè уште се прашуваат дали ги задоволуваат своите дневни потреби.
Протеините се клучни за поправка на клетките, одржување на мускулите, хормонска функција и имунитет.
Ако не внесуваме доволно, може да се појават разни симптоми, кои често се игнорираат или им се припишуваат на други причини. Препорачаното дневно внесување е 0,8 грама на килограм телесна тежина, но вистинските потреби зависат од возраста, нивото на активност и од здравјето.
Луѓето во одредени животни фази, како што е перименопаузата, честопати имаат потреба од поголемо внесување. Нутриционистите Ребека Блејк, Тамар Самуелс и Даниел Пашко објаснуваат кои знаци може да укажуваат на недостиг на протеини.
Постојан глад
Ако не внесуваме доволно протеини, можеме да се чувствуваме како постојано да сме гладни, вели Самуелс.
„Зголемениот апетит може да биде природен начин на телото да се обиде да го зголеми внесувањето протеини за да ги задоволи своите нутритивни потреби“, објаснува таа за Параде.
Глад може да се појави и ако внесуваме доволно калории, но не доволно протеини.
Проблеми со косата, ноктите и со кожата
Бидејќи косата, ноктите и кожата се направени од протеинот кератин, недостигот може да предизвика видливи промени. Пашко истакнува дека недостигот на протеини може да доведе до опаѓање на косата и кршливи нокти, а Блејк додава дека кожата може да стане сува.
Според „УКЛА хелт“, сето ова се индикатори за недостиг на оваа важна хранлива материја.
Ненамерно губење тежина
Кога на телото му недостигаат градежните блокови за одржување на мускулната маса и на ткивото, може да се случи ненамерно губење тежина.
„Луѓето што јадат малку протеини често губат тежина иако не сакаат, што укажува на недоволно внесување“, истакнува Самуелс.
Блејк додава дека ниските нивоа на протеини исто така може да предизвикаат губење на мускулите, што дополнително влијае на телесната тежина.
(Фото: ЕПА)