Забава
Филмот не е на продажба: МГМ ги отфрли шпекулациите за филмот за Џејмс Бонд

Продукцијата чинеше 250 милиони американски долари, а во светот пред пандемијата беше речиси сигурно дека ќе заработи милијарда долари во светски рамки.
Но, по повторното одложување на премиерата на најновиот долгоочекуван филм за 007 – „Не е време за умирање“, студиото МГМ („Метро Голдвин Мејер“) се обидува да ги демантира шпекулациите дека размислува да го понуди на стриминг-платформа со едногодишен договор за лиценца вреден 600 милиони долари.
„Ние не ги коментираме шпекулациите. Филмот не е на продажба. Премиерата на филмот е одложена до април 2021 година со цел да се зачува искуството на одење во киносала за љубителите на филмот“, изјави за „Варајети“ портпаролот на МГМ.
„Блумберг“ претходно објави дека на стриминг-платформите „Нетфликс“, „Амазон“ и „Епл“ им било пристапено во врска со можноста филмот да биде понуден за Премиум ВОД.
Ваквите наводи доаѓаат откако продуцентот на МГМ и Бонд-серијалот, Барбара Броколи, реши повторно да го одложи „Не е време за умирање“ од најавениот датум за премиерно прикажување на Денот на благодарноста поради пандемијата. Сега планот е тоа да се случи во април в година.
Сепак, според порталот „Дедлајн“, никој од стриминг-гигантите не бил подготвен да одвои повеќе од половина од износот што го барал студиото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
По средбата со кралот Чарлс, Хари се надева на нов почеток, но братот не попушта

Принцот Хари (40) наводно жали за дел од одлуките што ги донесе откако со сопругата Меган Маркл се повлече од кралските должности. Неговиот неодамнешен престој во Британија – четири дена во Лондон и Нотингем – беше обид за поправка на односите со семејството и јавноста.
За првпат по 19 месеци, Хари се сретна со кралот Чарлс. Состанокот траел околу еден час и во дворецот го оценуваат како позитивен чекор, иако не и целосно помирување.
„Кралот сака да ја обнови врската со својот син и да помине време со своите внуци, кои не ги видел три години“, изјавил извор за „Дејли меил“. „Хари е свесен дека направил грешка и сега се обидува да ја ресетира врската“.
Сепак, средба со брат му Вилијам не се случила, и покрај тоа што биле во непосредна близина.
По посетата на Британија, војводата од Сасекс отпатува за Украина, каде се сретна со ветерани и владини претставници, испраќајќи порака за поддршка и потсетување на страдањата на украинскиот народ.
Иако се шпекулира дека наредната година би можел да ги поведе децата Арчи и Лилибет на посета кај дедо им, останува неизвесно дали Меган ќе се врати во Британија. Прашањето за безбедноста и понатаму е главна пречка, а како можен компромис се спомнува престојoт во кралските резиденции каде што мерките за заштита се најстроги.
Забава
Златното деколте на Лорен Санчез ја украде сцената на гламурната хуманитарна вечера

Лорен Санчез, сопругата на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, блесна на четвртата „Керинг фор воман динер“ гала во Њујорк, дел од Неделата на модата.
55-годишната поранешна новинарка се појави во впечатлива златна сатенска тоалета без прерамки, со длабоко деколте. Луксузниот изглед беше заокружен со брановидна коса и дијамантски накит, додека Безос ја придружуваше во класичен смокинг.
На настанот присуствуваа и бројни холивудски ѕвезди, меѓу кои Салма Хаек со сопругот Франсоа-Анри Пино, Џесика Частејн, Мадона, Деми Мур и Џулијан Мур.
Годишната вечера, организирана од фондацијата Керинг, собира средства за поддршка на жени жртви на родово насилство и нивно економско оснажување.
Забава
Повеќе земји најавуваат бојкот на Евровизија ако настапи Израел

Неколку европски држави, меѓу кои Ирска, Словенија, Шпанија, најавија дека нема да учествуваат на Евровизија 2026 доколку настапува Израел. Радиодифузерите своите ставови ги темелат на, како што велат, „неприфатливата состојба во Газа и големиот број цивилни жртви“.
Исланд сè уште ја разгледува својата позиција и чека исход од консултациите во Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Оттаму велат дека разбираат колку е прашањето чувствително и дека продолжуваат разговори со сите членки за да се најде решение.
Наредното издание на Евровизија треба да се одржи во мај во Виена, а телевизиите имаат рок до средината на декември да потврдат учество. Во меѓувреме, повеќе од 70 поранешни натпреварувачи потпишаа писмо со кое бараат Израел да биде исклучен од фестивалот.