Забава
Џоди Фостер ќе добие награда за животно дело на Канскиот филмски фестивал

Американската актерка и режисерка Џоди Фостер на претстојниот филмски фестивал во Кан ќе добие почесна „Златна палма“ за животно дело.
Повеќе од 40 години откако дебитираше на престижниот настан, Фостер добива награда за животно дело од фестивалот.
Наградата Palme d`Or на Фостер ќе ѝ биде доделена на 74. фестивал. Таа ќе биде и почесен гостин на свеченото отворање на 6 јули, на кое ќе ја прими наградата.
Фестивалот годинава се одржува од 6 до 17 јули, наместо во вообичаениот термин во мај.
Фостер имаше само 13 години кога дебитирше во палатата на Кроазета за филмот „Таксист“, кој ја освои „Златната палма“, најголемата чест на фестивалот.
„Кан е фестивал на кој толку многу му должам. Тој целосно го смени мојот живот “, рече Фостер, која првпат беше во Кан во 1976 година за светската премиера на блокбастерот на Мартин Скорсезе.
Седум филмови на Фостер, и како актерка и како режисер, се прикажуваа на Канскиот филмски фестивал низ годините.
Канкиот фестивал, еден од најголемите настани во филмската индустрија, ѝ оддава признание на двократната добитничка на „Оскар“, актерка, режисерка и продуцентка, за нејзиното брилијантно уметничко патување, опишувајќи ја како единствена личност со скромна, но сепак силна посветеност на некои од главните проблеми на денешницата.
„Џоди Фостер ни дава неверојатен подарок со доаѓањето тука за да го прославиме враќањето на фестивалот. Нејзината аура е неспоредлива. Таа е олицетворение на модерноста, блескавата интелигенција на независноста и потребата за слобода “, изјави претседателот на фестивалот, Пјер Лескју, како што пренесува „Вараети“.
Претходни добитници на почесната „Златна палма“ се Жана Моро, Бернардо Бертолучи, Џејн Фонда, Жан-Пол Белмондо, Маноел де Оливеира, Жан-Пјер Лео, Ањес Варда и Ален Делон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Кому воопшто му треба наградата? Номинираните за „Греми“ ќе добијат раскошни подароци

Вечерва во Лос Анџелес ќе се одржи еден од најпрестижните настани во музичката индустрија, наградите „Греми“, а номинираните ќе понесат дома вреќичка со подароци вредна 60.000 долари, дознава „Пејџ сикс“.
Ова секако го подига концептот подарок за една до две октави.
Наводно, еден од најскапите подароци е ваучер за третман липосукција вреден 18.000 долари. Се подаруваат и други козметички третмани во вредност до 10.000 долари, а и сет накит од злато и кристал во вредност од околу 2.000 долари.
Освен тоа, овогодинешните номинирани за музичката награда ќе добијат очила за сонце специјално дизајнирани за таа пригода и комплет производи за убавина во вредност од 515 долари. Ќе има и роботски чистач на базени вреден 400 долари.
Вреќичките со подароци, наводно, ќе содржат повеќе од 50 предмети, а таблоидите пренесуваат дека номинираниte за „Греми“, водителите, и изведувачите ќе добијат подароци. Така, Хари Стајлс, Шања Твен и Бед Бони се само некои од имињата кои вечерва ќе однесат дома подароци од 60.000 долари.
Во пресрет на свечената церемонија, американските шоу-биз медиуми се фокусираа на луксузните подароци, на нивните насловни страници речиси и да немаше фотографии од номинираните.
За потсетување, поп иконата Бијонсе доби најмногу номинации оваа година, вкупно девет, што ја изедначи со нејзиниот сопруг, раперот Џеј Зи и најноминираните уметници на сите времиња.
Бијонсе и Џеј Зи имаат комбинирани 88 номинации за музички награди со гласање од колегите. Џеј Зи оваа година доби пет номинации за неговиот придонес за песната Renaissance на Бијонсе и God Did на диџеј Калед.
Комичарот Тревор Ноа ќе ја води 65. традиционална церемонија, каде златни грамофони ќе им бидат доделени на музичарите кои ја одбележаа изминатата година.
Забава
Јапонски град го зајакнува туризмот со ангажирање на гејши

Во обид да ја оживее култната традиција и да го поттикне туризмот, јапонскиот град со термалните извори Геро во префектурата Гифу, ја продолжува програмата за вработување жени во градската администрација, кои се обучени да бидат „маико“ (чирак гејша).
Вработените во уникатниот проект на локалната самоуправа, кој е втор од ваков вид во Јапонија, се очекува да работат како државни службеници, а истовремено да учат да танцуваат, пеат и свират на музички инструменти. Обуката се очекува да трае три години, а нови вработувања во рамките на оваа програма ќе започнат во февруари.
Од градската управа велат дека во последните години има се помалку групни посети на местото, па гејшите имаат се помалку можности да ја покажат својата уметност.
Тецуја Томинага, програмски менаџер во одделот за туризам на Гера, истакнува дека историјата и културата на гејшите се важни и треба да се пренесат.
Во 1970-тите, градот во централната префектура Гифу имал повеќе од 200 гејши и нивни чираци. Но, тој број се намалил, а моментално има само три, вклучувајќи ја и Марика Такемото (23), првата што е регрутирана во програмата. Такемото, родена во Токио, е вработена во 2021 година во одделот за туризам на градската управа на Гера.
Таа вели дека е заинтересирана за ревитализација на руралните области, а преку социјалните мрежи се обидува да привлече туристи во одморалиштето со топли извори, кое сè уште ги чува остатоците од античката историја.
Како маико (чирак гејша), таа учи бонтон, танц и народни песни. Бидејќи е државен службеник, не смее да забавува приватни групи, но може да настапува јавно.
Со искуството стекнато за време на обуката, таа може да избере да продолжи да работи како гејша по завршувањето на програмата за обука.
Забава
Почна карневалот во Венеција

Почна Карневалот во Венеција. Танчери и уметници продефилираа покрај Грандe Каналот.
Во текот на следните две недели градот ќе биде исполнет со илјадници туристи од цела Италија и светот.
Во античките венецијански палати ќе се одржуваат маскирани балови, а на плоштадите и каналите во градот ќе се организираат концерти и поворки со гондоли.
Еден од најстарите карневали во светот првпат се одржал во 11 век.