Забава
Актерскиот тим на „Опенхајмер“ ја напушти премиерата во Лондон веднаш по повикот за штрајк
Актерите на новиот филм на Кристофер Нолан, „Опенхајмер“, ја напуштија лондонската премиера во четвртокот додека настанот беше во тек во знак на солидарност со штотуку одобрениот штрајк на Синдикатот на холивудските актери.
Нолан го потврди нивното заминување пред почетокот на прикажувањето на филмот на плоштадот Лестер сквер во Лондон, пренесе магазинот „Вараети“.
Актерскиот тим на чело со Килијан Марфи, кој го портретира главниот лик Роберт Опенхајмер, како и Мет Дејмон, Емили Блант и Флоренс Пју, планираше ваков потег ако Синдикатот на актерите САГ-АФТРА свика штрајк среде настанот.
„Разговаравме за тоа. Видете, ако повикаат на штрајк, сите ќе излезат во знак на солидарност. Веднаш по официјалната објава, ние си одиме“, изјави Дејмон за „Вараети“.
„Има многу луѓе овде што не сакавме да ги разочараме, но исто така сме целосно солидарни со нашите колеги и она што тие го прават“, рече Кенет Брана, кој исто така глуми во филмот.
„Знам дека тие работеа напорно за да постигнат договор што се случува во критично време во нашата индустрија. Важно е да сме подготвени да застанеме рамо до рамо со нив додека се развива ситуацијата“, додаде тој.
Почетокот на премиерата беше поместен еден час порано за да им се овозможи на актерите да се појават на црвениот тепих пред објавувањето на одлуката на комитетот на САГ, објави новинската агенција „Асошиетед прес“.
Премиерата почна нешто пред 17 часот, а публицистите и шефовите на маркетинг нервозно ги проверуваа своите телефони и часовници, пренесува „Вараети“.
Националниот совет на САГ-АФТРА во четвртокот гласаше едногласно за штрајк против студијата и дистрибутерите, соопшти Данкан Кребтри-Ајрленд, претседател на Синдикатот, кој претставува 160.000 актери и други професионалци на големиот и малиот екран.
Овој потег внесе дополнителни превирања во забавната индустрија, која веќе се соочува со штрајк на сценаристите.
Синдикатот на холивудските актери објави дека официјално ќе стапи во штрајк од полноќ денес (9 часот по средноевропско време). Оваа одлука може целосно да го парализира Холивуд и да нанесе тежок удар врз филмската индустрија, каде што продукцијата на филмови и серии веќе е во застој поради штрајкот на сценаристите.
Холивудските актери објавија дека ќе им се придружат на сценаристите во штрајкот што трае веќе два месеца, со што филмската индустрија ќе се најде во целосен застој. Здружението на филмските, ТВ- и на радиоактерите бара поправедна распределба на профитот од стримингот и подобри работни услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Снуп Дог застана во одбрана на Дејвид Бекам по обвинувањата од синот Бруклин
Снуп Дог застана во одбрана на Дејвид Бекам и Викторија Бекам, откако нивниот син Бруклин Бекам јавно ги нападна родителите и порача дека не сака помирување со нив.
Во интервју за „Мирор“, Снуп Дог, кој повеќе од 20 години е пријател со Дејвид Бекам, изјави дека тој е „семеен човек“ и дека без оглед на успехот, ништо не му е поважно од семејството. Тој додаде дека се надева оти Бруклин со текот на времето ќе се помири со родителите, за кои рече дека се длабоко погодени.
Снуп Дог нагласи дека ниту едно семејство не е совршено и дека притисокот е уште поголем кога семејниот живот е постојано под лупа на јавноста, но изрази уверување дека проблемите ќе бидат надминати.
Во својата објава, Бруклин Бекам ги обвини родителите дека се обидуваат да му го нарушат односот со сопругата Никола Пелц, а наведе и дека неговата мајка на свадбата во 2022 година „непримерено“ танцувала со него.
Диџејот на свадбата, Диџеј Фет Тони, кој гостуваше во емисијата „This Morning“ на ITV, инцидентот го опиша како „навистина непријатен“ и потврди дека Никола Пелц во солзи го напуштила приемот.
Забава
(Фото/Видео) Сидни Свини профитираше од својот сексапил, ја распродаде долната облека за само неколку часа
Се чини дека Сидни Свини реши да „заработи“ на своите луксузни облини и неодолив изглед, па лансираше линија долна облека наречена „Syrn“.
Линијата брзо стана глобален успех, а моделите на интимна долна облека беа распродадени во рок од неколку часа од нејзиното лансирање. Исто така, треба да се напомене дека контроверзното рекламирање на брендот вроди со плод, дополнително зголемувајќи ја неговата цена и популарност.
Самата колекција е комбинација од филмски гламур и женска сексапилност. Меѓу парчињата што се истакнуваат се чипканите корсети и долната облека што ја одразуваат старата холивудска естетика, по која е позната и самата Свини.
„Сакав бренд за долна облека што навистина ги разбира жените. Syrn ја слави самодовербата без притисок, тоа чувство да се биде секси, моќен, нежен, разигран или сите тие работи во ист ден.
Имав јасна визија, сакав нешто што функционира во реалниот живот и не наметнува ограничувања на никого“, изјави актерката за ELLE.
Забава
(Видео) Меланија Трамп блесна на премиерата на нејзиниот документарец
Меланија Трамп блесна на премиерата на документарецот „Melania: Twenty Days to History“ во Центарот Кенеди во Вашингтон. Нејзино друштво на црвениот тепих беше, секако, нејзиниот сопруг и претседател на САД Доналд Трамп.
THE PREMIERE OF "MELANIA" AT THE TRUMP-KENNEDY CENTER 🤩🍿pic.twitter.com/MEy6VLmcZW
— The White House (@WhiteHouse) January 30, 2026
Првата дама на САД одлучи да остане верна на својот специфичен моден израз за оваа пригода, и избра црн фустан од „Долче и Габана“. Станува збор за креација која претставува совршена комбинација од чиста елеганција и вечерна облека, а е украсена со здолниште со рамен крој и струкирано сако.
За да го „разбие“ овој деловен фустан и да го истакне струкот, таа додаде тенок ремен. Признаваме, овој моден детаљ ја однесе целата комбинација на следно ниво, а не треба да ги заборавиме и црните потпетици кои го заокружија стилот.
Ја стилизираше косата на наједноставен начин – се одлучи за брановидна фризура што паѓаше по рамената, а што се однесува до шминката – Меланија остана верна на нежните, невпечатливи тонови.

