Забава
Алек Болдвин ѝ го предал својот телефон на полицијата
Алек Болдвин ѝ го предал својот мобилен телефон на полицијата, која го истражува фаталниот инцидент што се случи во текот на снимањето нискобуџетски вестерн во Ново Мексико во октомври минатата година.
Снимателката Халина Хачинс беше застрелана додека Болдвин (63) вежбал извлекување пиштол реквизит на сетот на филмот Rust.
Канцеларијата на шерифот во Санта Фе потврди дека актерот им го предал својот телефон на властите во Њујорк.
Полицијата претходно оваа недела соопшти дека актерот не соработувал со истрагата.
Портпаролот на шерифот на округот Санта Фе, Хуан Риос, изјави за „Лос Анџелес тајмс“ во петокот дека полицијата има намера да собере податоци, како текстуални пораки и говорни пораки од телефонот во рамките на истрагата за инцидентот.
Арон Даер, адвокатот на Болдвин, изјави за „Си-би-ес њус“ дека неговиот клиент доброволно го предал телефонот.
„Но, тука не се работи за неговиот телефон, таму нема да пронајдат никакви одговори“, рече адвокатот. „Алек не направи ништо лошо“.
Болдвин вежбал извлекување од футрола на реквизит пиштол во текот на снимањето на филмот, но тој е дециден дека не го повлекол петлето.
Адвокатите што ја водат правната постапка го опишаа однесувањето на Болдвин и на другите продуценти на филмот како непромислено и ги обвинија дека не ги почитувале безбедносните протоколи.
Во тужбата против Болдвин се наведува дека според сценариото тој воопшто не требало да пука со пиштол кога смртно ја застрелал Хачинс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Кога и зошто почнала традицијата на славење на Новата година
Милиони луѓе од целиот светот ја пречекуваат Новата година како симбол на нов почеток и надеж за подобри денови. Но, обичајот на новогодишно славење има длабоки историски корени.
Новата година го означува почетокот на нов временски циклус, а во повеќето култури тој почнува на 1 јануари, според грегоријанскиот календар. Овој датум, сепак, не бил отсекогаш прифатен.
Најстарите траги од новогодишна прослава потекнуваат од Месопотамија, каде што пред повеќе од 2.000 години Новата година се славела на почетокот на март во согласност со природните циклуси и земјоделските работи. И Кинезите се меѓу првите народи што го одбележувале овој ден, при што празникот бил поврзан и со размена на подароци.
Во антички Рим, иако јануари бил воведен уште во 700 година пр. н.е., Новата година долго време се славела на 1 март. Промената дошла во 153 година пр. н.е. кога јануари станал почеток на граѓанската година. Конечно, во 46 година пр. н.е. Јулиј Цезар со новиот соларен календар законски го утврдил 1 јануари како официјален почеток на годината.
Оттогаш овој датум постепено станал прифатен во поголемиот дел од светот како симболичен почеток на новата година.
Фото: pexels
Забава
Од луд провод до тивка вечер дома: што вели хороскопот за новогодишната ноќ
Дали Новата година ќе ја дочекаш на луда журка, во ексклузивен ресторан или мирно дома со најблиските? Астрологијата открива како секој хороскопски знак најмногу сака да се забавува во најдолгата ноќ во годината – од разузданите Овни до мирните Ракови.
Овен – сака луд, разуздан помин и журки до зори, често со многу алкохол.
Бик – ужива во гурмански дочек, во ресторан или дома со блиските.
Близнаци – секоја година избираат нешто поинакво; патувања, големи прослави или дочек на улица.
Рак – најсреќен е дома, со семејството, добра храна и мирна атмосфера.
Лав – се подготвува со месеци и избира ексклузивен дочек; важно му е да биде забележан и да не биде сам на полноќ.
Девица – избегнува гужви и бучни забави, преферира тивок дочек дома со мал круг луѓе.
Вага – сака „ин“ места, дотерување и внимание; често ја дочекува Новата година во прегратка.
Шкорпија – поделени се; младите сакаат забава, постарите мирен дочек дома.
Стрелец – најчесто патува, но се забавува секаде каде и да е.
Јарец – не е љубител на гласни прослави; Новата година ја дочекува скромно, најчесто дома.
Водолија – обожава забави, клубови и дружење со нови луѓе; останување дома не доаѓа предвид.
Риби – најважно им е друштвото; сакаат домашен дочек, но знаат и да претераат со алкохол.
Забава
Зошто кафето не е решение за мамурлак и што да пиете наместо тоа
Дочекот на Новата година за некои значи и повеќе алкохол, а тоа може да резултира со мамурлак – главоболка, мачнина и вртоглавица, пишува Express.co.uk.
Според лекарите, се препорачува добра хидратација пред, за време и по консумирање алкохол, како и внес на електролити – преку напитоци или таблети, најдобро пред спиење.
Експертите предупредуваат дека кафето не помага, туку може дополнително да ја влоши дехидрацијата. Наместо тоа, се советува вода или електролитни напитоци, особено ако има мачнина или вртоглавица.
Електролитите може да се надоместат и преку исхраната – со храна богата со калиум, како банани, цитрусно овошје, зелен лиснат зеленчук, компири.
Покрај тоа, важен дел од закрепнувањето е одморот. Алкохолот го нарушува квалитетот на сонот, па експертите советуваат да се престане со пиење порано навечер за телото да има време да го преработи алкохолот и да се обезбеди подобар сон.
Фото: pexels

