Забава
Борис Бекер доби затворска казна, криел имот по банкрот
Поранешниот германски тенисер Борис Бекер – чии проблеми надвор од терените го засенија неговиот спортски успех – е осуден на две и пол години затвор, откако британскиот суд утврди дека задржал стотици илјади долари во имот по прогласувањето банкрот во 2017 година.
Бекер (54) беше прогласен за виновен по четири точки од обвинението за кршење на британскиот закон за несолвентност претходно, вклучително и отстранување на имот, прикривање долг и две обвиненија за неоткривање на имот.
Судот во Лондон утврди дека тенискиот ас префрлил 449.000 долари од неговата стечајна маса на други сметки, прикрил сопственост на 75.000 акции во технолошка компанија и криел заем од 871.000 долари.

Трикратниот шампион на Вимблдон претходно овој месец беше прогласен за виновен по четири обвиненија според Законот за несолвентност на Обединетото Кралство и се соочи со максимална казна од седум години
затвор.
Неговиот адвокат бараше пониска казна, со објаснување дека Бекер не ги потрошил парите на „раскошен живот“, туку на издржување на своите деца, станарина, правни и деловни трошоци.
Судијката Дебора Тејлор ја соопшти казната откако ги слушна аргументите и од обвинителот и од адвокатот на Бекер.
На судењето тој откри дека милионите што ги заработил во текот на својата кариера „испариле“ по скапиот развод и натрупани долгови бидејќи голем дел од неговите приходи секнале откако се откажа од професионалниот тенис.
Бекер на себе имаше вратоврска со темнозелен и виолетов дезен – боите на „Вимблдон“ – кога влезе во судницата рака под рака со девојката Лилијан де Карваљо Монтеиро.

Шесткратниот гренд слем шампион ги негираше сите обвиненија, тврдејќи дека соработувал со доверителите задолжени да го обезбедат неговиот имот и дека постапувал по стручни совети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

